Радиостаницата WBBR (1924)
ОД НАШАТА АРХИВА
Добрата вест во етерот
Во недела навечер, на 24 февруари 1924 год., Истражувачите на Библијатаa за првпат емитувале програма на својата нова радиостаница WBBR. Како изгледала таа прва радиоемисија? Кој ја слушал? И, како Јеховините сведоци продолжиле да ја користат најновата технологија за да ја објавуваат „[добрата] вест за царството... по целиот свет“? (Матеј 24:14).
Тонмајстор во студиото на радиостаницата WBBR
„Така почнавме“
Првата емисија започнала во 20:30 часот и траела два часа. Била емитувана од новото студио на Стејтен Ајленд (Њујорк). Главниот тонмајстор, брат Ралф Лефлер, рекол дека во студиото владеела голема возбуда. Тој се прашувал: „Дали некој ќе нѐ чуе?“ Исто така, рекол: „Го вклучив прекинувачот и така почнавме, надевајќи се дека сѐ ќе помине во најдобар ред“.
Водител на таа историска емисија бил брат Виктор Шмит, кој ја надгледувал работата на радиостаницата. Програмата ја започнал така што најавил неколку талентирани изведувачи. Сите тие биле Истражувачи на Библијата. Најпрво, еден брат извел неколку класични композиции на клавир. Потоа, Кора Велман ја испеала песната со наслов „Деведесет и девет“, која се темелела на Исусовата приказна за изгубената овца (Лука 15:4-7). Следеле и други изведувачи, вклучувајќи го и Фредерик Франц, кој ја испеал песната „Покајник“ во која се зборувало за загубениот, односно расипничкиот син (Лука 15:11-25).
Програмата за првата емисија на нашето радио
Џозеф Ратерфорд, кој во тоа време предводел во делото на Истражувачите на Библијата, одржал говор во кој рекол дека нашата нова радиостаница е посветена „на интересите на месијанското Царство“. Тој во говорот рекол: „Штом Бог дозволил да се измисли радиото, сигурно неговата волја е преку ова средство луѓето да дознаат како се исполнуваат неговите величествени пророштва“.
„Се слушаше секој збор“
Многу луѓе од североисточниот дел на САД ја слушале таа прва емисија. Еден слушател од Морисвил (Вермонт), кој се наоѓа на оддалеченост од 320 километри, рекол: „Драго ми е што можам да кажам дека програмата и тука добро се слушаше... Особено јасно можев да го слушнам гласот на Ратерфорд. Се слушаше секој збор“. Програмата можел да ја слушне дури и еден човек од Монтичело (Флорида). Новата радиостаница била полн погодок и многу луѓе ја изразиле својата благодарност преку писма.
Џозеф Ратерфорд пред микрофон во студиото на WBBR. Во позадина е Виктор Шмит кој ја води првата емисија
Радиостаницата продолжила да ја пренесува пораката за Царството цели 33 години,b главно во североисточниот дел на САД. Но, понекогаш WBBR се поврзувала на мрежата на други станици и така програмата можеле да ја слушаат милиони луѓе во САД, Канада и пошироко. Всушност, во Годишникот на Јеховините сведоци за 1975 пишувало: „Програмата на нашата радиостаница, најголем број луѓе ја следеле во 1933 год. Таа година, 408 радиостаници ја пренесувале библиската порака на шест континенти и биле емитувани 23.783 библиски говори... Во тоа време, нашите емисии можеле истовремено да се слушаат на различни радиостаници. Доволно било да се најде вистинската фреквенција за да се чујат зборовите на вистината кои го слават Бог“.
Службата од куќа од куќа носи поголеми резултати од радиото
Кога Истражувачите на Библијата почнале да ја користат WBBR, просечниот број на објавители во САД изнесувал 1.064. На оваа релативно мала група на објавители, нашите емисии многу им помогнале во проповедањето на добрата вест. Но, во 1957 год., бројот на објавители во САД во просек изнесувал 187.762, а ширум светот 653.273. Освен тоа, благодарение на обуката што ја добивале на собраниските состаноци, овие ревносни браќа и сестри станувале сѐ повешти во службата од куќа до куќа, како и во други гранки од службата.
Поради ваквите позитивни промени, браќата кои предводеле во делото одлучиле внимателно да размислат дали нашите радиоемисии сѐ уште се толку делотворни во споредба со проповедањето од куќа до куќа. На крајот, одлучиле да ја продадат WBBR — единствената радиостаница која сѐ уште била во сопственост на нашата организација. Радиостаницата била продадена на 15 април 1957 год. Еден ден претходно, била емитувана последната емисија која имала посебна програма. Во неа, на брат Натан Нор му било поставено прашањето зошто била продадена радиостаницата. Тој објаснил дека бројот на Јеховини сведоци пораснал главно благодарение на службата од куќа до куќа. Тој рекол: „Нашите радиоемисии им помогнаа на многумина. Но, во подрачјето каде што се слушаше оваа радиостаница порастот не беше поголем од другите делови на светот“. Затоа, браќата заклучиле дека со службата од куќа до куќа можат да се постигнат подобри резултати отколку со емитување радиоемисии. Но, Јеховината организација не престанала да ги користи медиумите за да се објавува добрата вест. Со децении подоцна, нашите емисии беа повторно пуштени во етерот, но во друг облик.
Повторно во етерот
На 6 октомври 2014 год., се случи нешто многу значајно во Јеховината организација — почна со работа нашата интернет-телевизија JW Broadcasting. Јеховините сведоци и други луѓе можат да ги следат нашите месечни емисии преку интернет, преку апликацијата JW Library, преку стриминг-уреди, како и преку сателит.c Но, во други делови на светот Јеховиниот народ и понатаму ги користи радиото и телевизијата. На кој начин?
Првата емисија на JW Broadcasting во октомври 2014
Во последниве години, Јеховината организација користеше комерцијални радио и телевизиски станици за да ги пренесува седмичните состаноци, како и конгресите во подрачјата кои немаат пристап до интернет. Тоа овозможи добрата вест да стигне до голем број луѓе кои не се Сведоци, вклучувајќи и многумина кои се интересираат за Библијата. На пример, во текот на 2021 и 2022 год., уредниците на некои радиостаници ѝ пренесоа на нашата подружница за Источна Африка дека многу луѓе кои не се Сведоци изразиле благодарност за нашите состаноци. Голем број слушатели на нашата програма од Кенија, Јужен Судан и Танзанија дури побарале некој да ја проучува Библијата со нив.
Но, првенствено, Јеховините сведоци низ целиот свет ја проповедаат добрата вест од врата до врата, со колички за сведочење и преку интернет-страницата jw.org. На нашата интернет-страница луѓето можат бесплатно да ја читаат Библијата, како и библиски публикации на повеќе од 1.080 јазици. Исто така, можат да добијат одговор на библиски прашања и да дознаат каде се одржуваат нашите состаноци. Како резултат на трудот и иницијативата на Јеховините сведоци, добрата вест за Божјето Царство им е подостапна на луѓето од кога и да било порано во човечката историја! Таа се проповеда „по целиот свет“, токму како што прорекла Библијата (Матеј 24:14).
a Од 1931 год., Истражувачите на Библијата почнале да се нарекуваат Јеховини сведоци.
b Некое време, Јеховините сведоци имале радиостаници и во други земји, вклучувајќи ги Австралија и Канада.
c Види ја статијата „Сателитски канал што стигнува онаму каде што интернетот не може“.