Капибара — грешка или чудо на создавањето?
КАКО би се чувствувале кога некој би ве нарекол смешен или глуп? Навредени? Ете, така ме нарекоа еволуционистот Чарлс Дарвин и другите. Замислете, еден дури ме нарече „грешка на создавањето“! Тоа навистина ме налути, иако по природа сум мирољубив. Затоа, сакам да си го оправдам името. Ќе ви раскажам нешто за мојот изглед, за моите склоности и мојата страшливост — за моите добри и лоши страни. Така секој нека одлучи дали сум грешка или чудо на создавањето.
Најголем на светот
Простете, толку сум возбуден што сосема заборавив да се претставам. Мило ми е, јас сум г-дин Капибара, од тропската Јужна Америка.a Луѓето од шпанското говорно подрачје ме нарекуваат карпинчо или чигуиро. Тоа се само две од 190 имиња што ми се дадени. Но, попознат сум како „најголем глодач на светот“.
Можеби звучи како фалење, но навистина е така. Голем сум приближно колку овца. Ако ме стават на вага, стрелката ќе застане на 45 килограми. Мојата сестра близначка тежи најмалку 60 килограми. Сепак, таа е шланк во споредба со една женка капибара од Бразил која го држи рекордот со значителните 90 килограми.
„Господар на тревата“
Сета оваа тежина не дошла од алчно јадење на шунд-храна; како строги вегетаријанци јадеме воглавно трева. Понекогаш пасеме покрај домашните говеда. Индијанците во старо време со почитување нѐ нарекле „господари на тревата“. Ова сигурно е подобар опис отколку да ме наречат „смешен“.
Исто така јадеме водни растенија, а додека вие луѓето спиете, ние не можеме а да не „забраздиме“ со нашите секачи во вид на длето во некоја сочна лубеница, во слаткото стебленце шеќерна трска или во некое младо оризово стебленце.
Всушност, кога и да нѐ видите, ние грицкаме, но не поради тоа што сме ненаситни, туку затоа што сме глодачи. Нашите катници никогаш не престануваат да растат; затоа, единствениот начин да не ни станат преголеми е да џвакаме и глодаме сѐ додека сме живи.
Но, како што известуваат биолозите, ние знаеме што да џвакаме. Тие велат дека избираме само „растенија со највисок протеински состав“ и дека сме поспособни дури и од овците и зајаците да ја претвораме тревата во протеини“. Некој рече дека сме глупи?
Прасе со перки за пливање?
Признавам, мојот изглед е . . . хммм, да речеме карактеристичен. Испакнати очи, мали тркалезни уши, збиени ноздри, а сето тоа сместено на мојата голема глава, што на моето лице му дава изглед на постојана зачуденост. Некои велат дека изгледам како „џиновско морско прасе, малку налик на нилски коњ“. Тоа можам да го толерирам. Но, никако не се согласувам со писателот кој рекол дека мојата четириаголна муцка изгледа како „некој почетник да ја изрезбарил од искривен трупец“. Лично го претпочитам следниов опис: „Смешно лице со остроумни прасечки очи“.
Се разбира дека не сум им роднина на свињите, но со моите кратки нозе и со моето тело како буре, изгледам токму таков. Освен тоа, пред 200 години, шведскиот ботаничар Карл Линеус погрешно ме класифицирал во прасиња. Но, кој некогаш видел прасе со перки за пливање? А токму тоа ми го дал Творецот и, верувајте ми, ваквите нозе со спојна кожичка ми се практични затоа што ја сакам водата. Да, поради моето тело во облик на прасе и мојата љубов кон водата, го заработив популарниот прекар водено прасе.
„Дебела“ тајна
Како дом ми одговараат места како што се рибниците, езерата и мочуриштата — воглавно, да се опколени со дрвја и густи грмушки. Не само што ја сакам водата, туку таа ми е потребна за да преживеам.
Меѓутоа, пред околу триста години, во Венецуела, нашата љубов кон водата нѐ довела до неволји. За време на велики пости на католиците им било забрането да јадат месо. Но можеле да јадат риба. Така католичката црква ги прогласила моите претци за риби! До ден-денеска верниците во Венецуела нѐ јадат без мака за време на велики пости.
За среќа, некои од моите прататковци се спасиле. Како? Не со правење дупки за да се кријат во нив како другите глодачи. Наместо тоа, во случај на опасност бегаме во вода и пливаме со леснотија. Иако моето тело ги нема аеродинамичните обележја на другите водни животни, сепак сум извонреден пливач. Како тоа? Е, во тоа е мојата тајна.
Поради моите слоеви од сало, јас сум само малку потежок од водата. Замислете си: еден истражувач пишуваше дека во вода сум елегантен како балетан, а моите движења, вели тој, му се чинеле како поезија! Тоа звучи многу поинаку отколку да се биде „грешка на создавањето“.
Кога ќе загусти, брзо пливам со моите нозе со спојна кожичка што подалеку од непријателите. Првин пливам едно добро растојание под вода и нуркам неколку минути. Потоа претпазливо излегувам на површината, стојам сосема тивко во водата и ги покажувам само ноздрите, очите и ушите — токму како што прават нилските коњи. Непријателите, како што се дивите кучиња, јагуарите, кајманите, анакондите и човекот се изнамачуваат додека ги откријат моите ноздри помеѓу водените растенија. Но со добро развиено сетило за мирис, мојот нос лесно ги открива грабливците.
Поради постојаната изложеност на жешкото сонце, кожата брзо ми пука и загнојува, па стоејќи во вода се штитам од изгореници. Бидејќи мојата црвеникаво-кафеава или сива длака е ретка, кожата ми е сосема откриена. За да ја одржам телесната температура ниска, едноставно нуркам во вода или се тркалам во калта и така го покривам телото со слој од глина.
„Колективно доење“
Дали сме некогаш на копно? Барем мајката мора да биде таму кога треба да се окоти. После бременоста од околу четири месеци, се раѓаат од две до осум бебиња, секое со тежина над еден килограм. „Нивната кафеава, залижана длака“, забележува еден набљудувач, ги прави да изгледаат „многу поелегантно облечени“ отколку нивните родители. Женката капибара е способна да раѓа кога е стара 15 месеци. Таа може да живее 10 години и во нејзиниот животен век може да роди барем 36 малечки.
За само неколку часа, новороденчињата трчкаат блиску покрај мајка им. Но, со пливањето оди потешко, бидејќи младенчето отпрвин нерадо оди во вода. Сепак кога е присилено, бесно весла и се обидува да се фати за мајка си — или за некоја друга женка — и да се качи на нејзиниот грб. Мајката, потоа, спремно служи како појас за спасување. Но, колку повеќе младенчето расте, толку е потешко да се одржува рамнотежата. Наскоро се стркалува од мајчиниот грб и плива самото.
Возрасните женки исто така соработуваат во доењето. Мајката не само што ги храни своите млади, туку и жедните потомци од другите женки. Зошто? „Колективното доење“, објаснува Адријан Ворен, режисер на филмови за животинскиот свет, „ги зголемува шансите [на младите] да опстанат“.
Последен збор
Кротки по природа, ние лесно се припитомуваме како домашни животни. Еден слеп фармер од Суринам дури користи еден капибара како „куче водич“. Но најмногу нѐ чуваат поради нашето месо, за кое некои велат дека било вкусно. На пример, во Венецуела има фарми каде што одгледуваат илјадници како нас заради храна. Сомнителна чест. Како и да е, се надевам дека сега ќе ме сакате не само поради вкусот на моето месо, туку и заради мене самиот.
Па, што мислите? Дали сум грешка или чудо на создавањето? Се сложувате со Дарвин или со мене? Се разбира, не би сакал никому да му ги ставам зборовите в уста, но запомнете: Дарвин се беше излажал и во една друга работа!
[Фуснота]
a Животното опишано овде е познато како Hydrochoerus hydrochaeris. Помали подгрупи живеат во Панама.
[Слика на страница 24]
Илјадници како нас нѐ одгледуваат заради храна—сомнителна чест