Вода — скапоцена животна течност
НА САМАРЈАНКАТА што црпела вода од еден бунар, Исус ѝ зборувал за извор на вода што извира за да даде вечен живот (Јован 4:14). Иако тој зборувал за симболична вода, во дословна смисла водата е неопходна за живот, веднаш по кислородот. Човек може да преживее неколку седмици без храна, но само околу пет дена без вода!
Речиси три четвртини од тежината на нашето тело се вода. На пример, мозокот е составен од 75 до 85 проценти вода, а мускулите се составени од 70 проценти вода. Меѓу другото, водата ни помага во варењето и апсорбирањето на храната на тој начин што ги пренесува хранливите материи до клетките. Таа ги отстранува отровите и другите отпадни материи, ги подмачкува зглобовите и дебелото црево, и ја регулира телесната температура. Но, дали сте знаеле дека пиењето доволно вода е еден фактор што помага во намалувањето на телесната тежината?
Пијте вода за да ослабеете
Пред сѐ, водата не содржи калории, маснотии и холестерол и има малку натриум. Второ, таа го намалува апетитот. Трето, водата му помага на телото да ги разложи наталожените масти. Како? Па, кога бубрезите немаат доволно вода, тие не можат исправно да функционираат. Црниот дроб доаѓа на помош, но со тоа се намалува неговата способност ефикасно да ги разложи мастите. На тој начин, мастите остануваат наталожени во телото и тогаш телесната тежина се зголемува. Затоа, како што вели д-р Доналд Робертсон од Југозападниот баријатриски центар за исхрана во Скотсдејл (Аризона, САД), „да се пие доволно количество вода е клуч за да се намали тежината. Ако луѓето што се обидуваат да ослабат не пијат доволно вода, телото не може добро да ги разложи мастите“.
Точно, задржувањто на водата честопати е причина за зголемување на тежината. Затоа, многу луѓе на кои организмот им е склон да ја задржува водата мислат дека решение е да пијат помалку вода. Меѓутоа, точно е спротивното. Кога телото нема доволно вода, се обидува да ја задржи секоја капка што ја има на располагање складирајќи ја на места како што се стапалата, дланките и нозете. Затоа нутриционистите препорачуваат да му го дадеме на телото она што му е потребно — доволно вода. И, не заборавајте, колку повеќе сол јадете, толку повеќе вода ќе задржи организмот за да ја раствори.
Давајте му вода на телото
Во просек, секој ден од организмот се отстрануваат околу два литра вода преку кожата, белите дробови, цревата и бубрезите. Само преку издишувањето губиме околу половина литар течност на ден. Ако таа вода не се замени, ќе дехидрираме. Некои знаци на дехидрација се главоболка, замор, болки во мускулите, урина со темна боја, неподнесување на топлина и суви усни и очи.
Според тоа, колку вода треба да пиеме? Д-р Хауард Флакс, специјалист за згоеност, вели: „Здраво лице треба да пие најмалку осум до десет чаши (од 250 грама) вода на ден. Ако многу вежбате или ако живеете во жешка клима, потребно Ви е повеќе. А луѓето со зголемена телесна тежина треба да испијат уште една чаша вода за секои 10 килограми вишок од идеалната телесна тежина“. Меѓутоа, денес некои велат дека е доволно да се напиете вода кога сте жедни, иако, кога сте многу жедни, можеби веќе сте малку дехидрирани.
Дали можат да се земаат други течности наместо вода? Иако соковите од овошје и зеленчук разредени со вода се добри, тие не се без калории. Исто така, течностите што содржат многу шеќер и млеко ја зголемуваат потребата на телото за вода, бидејќи пак треба вода за да се сварат. А алкохолот и пијалаците што содржат кофеин, како што се кафето и чајот, се благи диуретици и затоа е потребно да се испие повеќе вода за да се замени течноста што е исфрлена. Едноставно, нема замена за оваа скапоцена течност, водата. Затоа, како би било да се напиете една чаша токму сега?
[Рамка/слика на страница 27]
Совети за да пиете повеќе вода
● Носете си шише со вода.
● Испијте по една чаша вода со секој оброк.
● Пијте пред, за време на и по вежбањето.
● Правете паузи за вода наместо паузи за кафе.
● За да го подобрите вкусот на водата од чешма, додајте сок од лимон или користете филтер.
[Извор на слика на страница 26]
Фотографија: www.comstock.com