Пари на четири нозе
„ВО НАШИОТ крај прасето се смета за највреден посед, па затоа да чуваш прасе е голема одговорност“, вели Енмари Кани, 17-годишна девојка што живее во планинските предели на Папуа Нова Гвинеја. „Кога татко ми ми даде да чувам едно женско прасенце, бев возбудена, ама и малку уплашена. Беше толку малецко што мислев дека ќе умре.“
Како Енмари се грижела за нејзиното мало прасе? И зошто за луѓето во селските средини на Папуа Нова Гвинеја свињите се вредни колку и парите? Еве што кажа таа за Разбудете се!
Кажи ни нешто повеќе за местото каде што живееш.
Јас, родителите и моите помали двајца браќа и две сестри, живееме во мала куќичка со сламен покрив во едно далечно планинско село во Вестерн Хајлендс. Селото има 50-ина жители и сите ми се роднини, а нашата куќа се наоѓа покрај една мала рекичка што се извива низ ридовите обраснати со густа шума.
Повеќето од нашето село живеат од земјоделие. Ние имаме голема бавча во која одгледуваме сладок компир, тикви, краставици, кафе и друго. Сакам физичка работа и уживам да работам во бавчата. Имам и други задолженија — да чистам дома, да перам и, се разбира, да се грижам за нашето прасе.
Како се грижиш за твоето прасе?
Пред една година, кога татко ми го купи, прасето беше толку малецко што можев да го држам во раце. Секој ден го хранев со една мешавина од риба во прав, сладок компир, вода, сол и сок од шеќерна трска. Ноќите во планините се прилично студени, па затоа прасето го стававме во една празна вреќа за ориз што ја закачувавме на таванот близу до огништето. Јас спиев на подот близу до него. Па така, прасенцето не само што преживеа туку и одлично напредуваше!
На прасето никогаш не му дадов некое посебно име. Едноставно си го викав Прасенце, а така и си остана. Си ја чував Прасенце како дете — ја хранев, ја капев и си играв со неа со часови. Прасенце многу се приврза за мене и секаде ме следеше.
Кога малце потпорасна, си стекнавме една нова навика што и ден-денес ја имаме. Ѝ врзувам јаже на вратот и одиме на 15-минутна прошетка до нашата бавча. Таму го врзувам јажето за едно дрво и ја пуштам Прасенце цел ден да копа низ бавчата. Со силниот врат и издржливата рилка копа во земјата барајќи корења и црви, а во исто време ја обработува и ја наѓубрува почвата. При крајот на денот, ја водам дома и ја хранам со сурови или зготвени слатки компири пред да ја вратам во кочината.
Зошто на луѓето во планинските места свињите им се толку важни?
Овде имаме една изрека — парите се свиња, а свињата е пари. Долго пред парите да почнат редовно да се користат во нашиот крај, луѓето плаќале со свињи — обичај што опстојува до денес. На пример, еднаш еден салон за автомобили имаше посебна понуда — гратис жива свиња за секое купено возило. Племињата често ги решаваат несогласувањата плаќајќи со пари или свињи. А многу младоженци им даваат свињи на родителите на невестата или на нејзиното семејство како цена за невестата.
Значи, да јадеш свинско би било како да си ги јадеш парите!
Така е! Бидејќи свињите се толку вредни, обично јадеме свинско само во посебни прилики, како што се погребите и други важни церемонии. Меѓутоа, некои планински племиња колат стотици свињи за време на некои церемонии за да покажат колку е богато нивното племе или за да возвратат за некоја услуга.
Што ќе правите со вашите свињи?
Во право сте кога велите „свињи“, зашто Прасенце имаше голем број прасиња, а неодамна едно од нив го продадовме за 100 кини (речиси 30 евра). Со парите плативме автобуски билети за да одиме на обласниот конгрес на Јеховините сведоци во блискиот град Банз. Најверојатно татко ми ќе ги продаде и другите прасиња на Прасенце за да имаме за живеачка.
Зошто не чувате повеќе свињи за да заработите повеќе?
Нам целта не ни е да се збогатиме, туку да го имаме она што ни е потребно — храна, облека и покрив над главата. Како семејство, повеќе сме сконцентрирани на духовните работи. Во тоа спаѓа да му служиме на нашиот Бог, Јехова, да одиме на христијанските состаноци, да им помагаме на луѓето како што можеме — во материјален или во духовен поглед — и да ги правиме работите заедно како семејство. Живееме скромно, но блиски сме меѓу себе и среќни сме.
Сега се занимавам со градинарство и одгледување свињи за да се издржувам. Но, моето време главно го посветувам на службата како христијански проповедник — да им ја пренесувам библиската вистина на луѓето. Со ова дело, кое Исус им дал налог на своите следбеници да го вршат, сум зафатена неколку дена во седмицата (Матеј 28:19, 20). Имам желба еден ден да служам во подружницата на Јеховините сведоци во Порт Морзби, каде што библиската литература се преведува на локалните јазици. Но, дури и да не ми се оствари таа желба, знам дека сѐ додека му служам на Јехова и ги ставам духовните работи на прво место, ќе бидам среќна. А многу сум благодарна и за материјалните средства што ги добивам од „парите на четири нозе“.
[Рамка/слика на страница 12]
НЕКОИ ФАКТИ
● На островот Нова Гвинеја има најмалку два милиони домашни свињи, една на тројца жители.
● Повеќе од половина од селското население поседува свињи.
[Карти на страница 10]
(Види во публикацијата)
ИНДОНЕЗИЈА
ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА
АВСТРАЛИЈА
ИНДОНЕЗИЈА
ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА
ПОРТ МОРЗБИ
ВЕСТЕРН ХАЈЛЕНДС
АВСТРАЛИЈА
[Слика на страници 10 и 11]
Одиме кон бавчата
[Слика на страница 11]
Време е за капење
[Слика на страница 11]
Време е за играње