Животна приказна
Решени да ја извршиме нашата служба
Раскажала Лина Дејвисон
„Ми се мати пред очи. Ништо не гледам“, едвај промрмори нашиот пилот. По неколку мига, рацете му се лизнаа од кормилото на малиот авион со кој летавме, и онесвестен се струполи врз седиштето. Маж ми, кој никогаш дотогаш немаше летано со авион, очајнички се обидуваше да го освести. Пред да ви раскажам како успеавме да се извлечеме за влакно, дозволете ми да ви објаснам како се најдовме во тој авион со кој летавме над Папуа Нова Гвинеја, едно од најоддалечените места на Земјава.
РОДЕНА СУМ во Австралија во 1929 год. и израснав во Сиднеј, главниот град на Нов Јужен Велс. Татко ми, Бил Мускат, беше комунист што веруваше во Бог, колку и да звучи чудно. Во 1938 год. тој се согласи да потпише една државна петиција со која се бараше Џозеф Ф. Ратерфорд, од светското седиште на Јеховините сведоци, да добие дозвола да одржи проповед во Градското собрание во Сиднеј.
„Сигурно има да каже нешто важно“, ни рече тогаш татко ми. По осум години ја дознавме суштината на таа порака. Татко ми го покани Норман Белоти, полновремен проповедник на Јеховините сведоци, да дојде кај нас за да поразговараме за Библијата. Сите во семејството брзо ја прифативме библиската вистина и наскоро бевме многу активни во христијанската служба.
Во средината на 1940-тите го напуштив училиштето за да ѝ помагам на мајка ми, која беше хронично болна. Исто така, работев како шивачка за да можеме да се прехраниме. Во саботите навечер, сестра ми Роуз и јас одевме со една група пионери да им сведочиме на минувачите пред градското собрание во Сиднеј. Во 1952 год., мојот постар брат Џон ја заврши мисионерската школа Гилеад, која се одржуваше во Соединетите Држави, и беше испратен да служи во Пакистан. И јас многу ја сакав службата и сакав да го следам неговиот пример. Затоа, следната година започнав со општа пионерска служба.
Брак и мисионерска служба
Наскоро го запознав Џон Дејвисон, кој работеше во подружницата на Јеховините сведоци во Австралија. Многу ми се допадна тоа што беше понизен и ненаметлив човек со цврст карактер. Во текот на Втората светска војна, три пати бил во затвор затоа што останал неутрален како христијанин. Двајцата одлучивме целиот живот да го посветиме на христијанската служба.
Џон и јас се зедовме во јуни 1955 год. Купивме еден автобус со намера да го преправиме во подвижен дом. Целта ни беше да го користиме како база кога ќе проповедаме во далечните предели на Австралија. Следната година на Сведоците им беше упатен апел да се преселат во Нова Гвинеја, североисточниот дел на еден голем остров што се наоѓа северно од Австралија.a Пораката за Царството сѐ уште не беше проповедана во овој дел од светот. Ние веднаш се пријавивме да појдеме таму.
Во тоа време, во Нова Гвинеја можеше да влезеш само ако имаш договор за работа, па затоа Џон почна да бара работа. Наскоро склучи договор со една пилана во Нова Британија, еден многу помал остров што ѝ припаѓа на Нова Гвинеја. По неколку недели тргнавме на нашата нова доделба и во јули 1956 год. пристигнавме во Рабаул, на островот Нова Британија. Таму чекавме шест дена за да дојде брод кој ќе нѐ однесе во Вотерфол Беј.
Нашата служба во Вотерфол Беј
По неколку дена напорна пловидба, пристигнавме во Вотерфол Беј, едно мало заливче оддалечено околу 240 километри јужно од Рабаул. Таму имаше една огромна пилана сместена на една чистинка во џунглата. Таа вечер, кога сите работници испоседнаа на масата да вечераат, шефот рече: „Господине и госпоѓо Дејвисон, во оваа компанија сите вработени мора да кажат на која религија ѝ припаѓаат“.
Бевме сигурни дека вработените не се обврзани на такво нешто, но бидејќи ние двајцата не пушевме, јасно е дека им бевме сомнителни. Како и да е, Џон одговори: „Ние сме Јеховини сведоци“. Настана непријатен молк. Тие луѓе беа ветерани од Втората светска војна и имаа предрасуди кон Сведоците поради нивната неутралност за време на војната. Оттогаш ја користеа секоја прилика да ни го отежнат животот.
Најнапред шефот не сакаше да ни даде фрижидер и шпорет, иако ни следуваше и едното и другото. Храната ни се расипуваше, и моравме да готвиме на еден стар шпорет што го најдовме во џунглата. Потоа, на селаните им беше забрането да ни продаваат свежи производи, па затоа преживувавме со каков и да е зеленчук што ќе успеевме да го најдеме. Исто така, бевме жигосани како шпиони и внимателно нѐ набљудуваа за да нѐ фатат ако некому му зборуваме за Библијата. Згора на сето тоа, јас се разболев од маларија.
Сепак, бевме решени да ја извршиме нашата служба. Затоа, замоливме двајца млади работници од пиланата, кои беа мештани и зборуваа англиски јазик, да нѐ научат меланезиски пиџин, официјалниот јазик на таа земја. Ние, пак, ги учевме за Библијата. Викендите патувавме насекаде за да ја „набљудуваме природата“. По патот дискретно им сведочевме на селаните што ќе ги сретневме, а оние со кои ја проучувавме Библијата ни служеа како преведувачи. Преминувавме реки што имаа јаки струи и на чии брегови се сончаа огромни крокодили. Освен една ситуација во која едвај останавме живи, тие крвожедни животни ретко ни задаваа маки.
Како да поучуваме полесно
Одевме во служба сѐ повеќе, и одлучивме да отпечатиме едноставни библиски пораки и да им ги даваме на заинтересираните. Некои од пиланата со кои ја проучувавме Библијата ни помогнаа да ја преведеме првата порака. Поминавме многу ноќи отчукувајќи на машина стотици трактати и делејќи им ги на селаните и на екипажите на бродовите што минуваа од таму.
Во 1957 год., со својата посета нѐ охрабри Џон Катфорт, еден искусен патувачки надгледник.b Ни рече дека би можеле да користиме слики како ефикасен начин да ги поучиме за библиските вистини луѓето што не знаат да читаат. Тој и маж ми измислија повеќе едноставни цртежи на кои беа прикажани луѓе со крукчиња и прави линии, за да ги објаснат основните библиски учења. Подоцна, безброј часови ги прецртувавме во тетратки овие проповеди во слики. Секој библиски ученик добиваше по еден примерок, кој го користеше за да им проповеда на другите. Со текот на времето, оваа метода на поучување се користеше низ целата земја.
Откако поминавме две и пол години во Вотерфол Беј, го исполнивме нашиот работен договор и ни беше дозволено да останеме во земјата. Затоа, се согласивме да започнеме со специјална пионерска служба.
Се враќаме во Рабаул
Пловејќи на север кон Рабаул, нашиот брод запре за да ја поминеме ноќта на една плантажа за кокосови ореви и какао во Вајд Беј. Сопствениците, постари маж и жена што сакаа да се вратат во Австралија, му понудија на Џон да управува со плантажата. Понудата беше многу примамлива, но откако истата ноќ поразговаравме за тоа, едногласно рековме дека не дојдовме во Нова Гвинеја за да се збогатиме. Бевме решени да служиме како пионери. Затоа, следниот ден им ја кажавме на мажот и жената нашата одлука и повторно се качивме на бродот.
Откако пристигнавме во Рабаул, ѝ се придруживме на една мала група Сведоци од други земји што се преселиле во тоа место. Тамошните жители многу се заинтересираа за пораката за Царството и почнавме да ја проучуваме Библијата со многу луѓе. Во меѓувреме, одржувавме христијански состаноци во една изнајмена сала, на кои присуствуваа по 150 души. Многу од тие луѓе ја прифатија вистината и помогнаа да се рашири добрата вест за Божјето Царство и во другите делови од земјата (Матеј 24:14).
Појдовме и во Вунабал, село на 50-тина километри од Рабаул, каде што една група луѓе многу се заинтересираа за библиската вистина. Наскоро, тие му го привлекоа вниманието на еден влијателен католик од селото. Тој и една група негови пријатели од црквата нѐ прекинаа додека ја проучувавме Библијата и нѐ истераа од селото. Кога дознавме дека следната недела планираат да направат уште поголеми проблеми, ја викнавме полицијата да нѐ придружува.
Тој ден, во должина од неколку километри крај патот стоеја колони католици што ни се потсмеваа. Мнозина беа готови да нѐ каменуваат. Во меѓувреме, еден свештеник собра стотици припадници на племето од тоа село. Полицијата нѐ увери дека имаме право да го одржиме нашиот состанок, па затоа ни го пробиваа патот меѓу насобраните луѓе. Меѓутоа, штом го започнавме состанокот, свештеникот ги подбуцна насобраните луѓе да почнат да беснеат. Полицајците беа немоќни да ја смират толпата, па затоа началникот ни рече да си заминеме и брзо нѐ одведе до нашиот автомобил.
Луѓето се насобраа околу нас, пцуеја, плукаа и се закануваа со тупаници, а за тоа време свештеникот стоеше со прекрстени раце и се смешкаше. Откако се извлековме, началникот рече дека тоа му била најстрашната ситуација што ја видел во својот живот. Иако повеќето луѓе во Вунабал се уплашија од насилството на толпата, еден човек што ја проучуваше Библијата храбро зазеде став за вистината за Царството. Оттогаш тоа го направија уште стотици други луѓе од различни места на островот Нова Британија.
Се отвора Нова Гвинеја
Во ноември 1960 год., добивме задача да служиме во Маданг, еден голем град на северниот брег на главниот остров Нова Гвинеја. Овде Џон и јас бевме преплавени со понуди за вработување. Во една компанија ми нудеа да бидам шеф на нивната продавница за конфекција. Во друга ме бараа за да правам преправки на конфекцијата. А некои жени што се иселиле од својата татковина се понудија да ми помогнат да отворам свој кројачки салон. Бидејќи не заборавивме какви беа нашите цели, љубезно ги одбивме тие и други понуди (2. Тимотеј 2:4).
Во Маданг многу луѓе се интересираа за пораката што им ја пренесувавме, и наскоро таму беше основано едно солидно собрание. Одевме пеш и патувавме со мотоцикл до зафрлените села на проповеднички излети што траеја по неколку дена. Во напуштените колиби што ги наоѓавме по патот, спиевме на слоеви трева што ја сечевме од околниот честак. Со нас си носевме само храна во конзерви, нешто за грицкање и мрежа против комарци.
При еден таков излет, посетивме една група заинтересирани луѓе во Талидиг, село на околу 50 километри северно од Маданг. Штом групата напредна духовно, директорот на локалното училиште им забрани да ја проучуваат Библијата на јавен имот. Подоцна ја натера полицијата да ги уништи нивните куќи и да ги протераат во дивината. Меѓутоа, еден племенски поглавар од соседството ѝ дозволи на групата да живее на неговата земја. Со текот на времето, овој љубезен поглавар ја прифати библиската вистина и во тоа место се изгради една модерна Сала на Царството.
Преведување и покраинска служба
Само две години откако пристигнавме на островот Нова Британија во 1956 год., Џон и јас бевме замолени да преведуваме различни библиски публикации на меланезиски пиџин. Тоа го правевме со години. Потоа, во 1970 год., нѐ викнаа во подружницата во Порт Морсби, главниот град на Папуа Нова Гвинеја, за да служиме како преведувачи. Таму држевме и часови по јазик.
Во 1975 год. се вративме на Нова Британија за да служиме во покраинската служба. Следните 13 години патувавме со авион, со брод, во автомобил или пешачевме за да стигнеме до речиси секој дел од земјата. Многупати едвај останувавме живи по патот, вклучувајќи го и инцидентот што го опишав на почетокот од оваа статија. Тогаш, нашиот пилот се онесвести од напад на тежок гастрит додека се приближувавме до аеродромот Кандријан на Нова Британија. Авионот беше приклучен на автоматско управување, и безнадежно кружевме над џунглата додека Џон очајнички се обидуваше да го освести пилотот. Конечно, тој се освести и видот донекаде му се разбистри, за едвај некако да се спуштиме. Потоа повторно ја изгуби свеста.
Се отвора уште една врата за активност
Во 1988 год., повторно добивме задача да одиме во Порт Морсби за да работиме во преведувачкиот тим, каде што потребата стануваше сѐ поголема. Околу 50-тина души живеевме и работевме како семејство во Бетелот, каде што обучувавме и нови преведувачи. Сите бевме сместени во скромни еднособни станови. Џон и јас решивме да ја оставаме нашата врата подотворена за да можат членовите на бетелската фамилија и посетителите да се чувствуваат слободни да наминат за да се запознаеме. Така, многу се зближивме со нашата фамилија, покажувавме голема љубов еден кон друг и си помагавме.
Но, во 1993 год. Џон почина од срцев удар. Се чувствував како да умрел и дел од мене. Бевме во брак 38 години и сето тоа време го поминавме заедно во служба. Сепак, јас бев решена да продолжам, црпејќи сила од Јехова (2. Коринќаните 4:7). Вратата од мојата соба и понатаму беше отворена, и младите продолжија да доаѓаат кај мене. Таквото добро друштво ми помогна да останам позитивна.
Во 2003 год., ми се влоши здравјето и затоа бев префрлена во Бетелот во Сиднеј, Австралија. Денес, на 77-годишна возраст, сѐ уште служам во преведувачкото одделение, а исто така одам и да проповедам. Моите пријатели и духовни деца и внуци постојано ме радуваат.
Вратата на мојата соба во Бетел сѐ уште е отворена, и речиси секој ден некој доаѓа кај мене. Всушност, кога ќе ја затворам вратата, другите честопати тропаат за да видат дали нешто не е во ред. Сѐ додека дишам, решена сум да ја извршувам мојата служба и да му служам на мојот Бог, Јехова (2. Тимотеј 4:5).
[Фусноти]
a Во тоа време, источниот дел од тој остров беше поделен на Папуа на југ и Нова Гвинеја на север. Денес, западниот дел на овој остров е наречен Папуа и ѝ припаѓа на Индонезија, а источниот дел е наречен Папуа Нова Гвинеја.
b Животната приказна на Џон Катфорт се наоѓа во англиското издание на Стражарска кула од 1 јуни 1958 год., страници 333-336.
[Карти на страница 18]
(Види во публикацијата)
НОВА ГВИНЕЈА
АВСТРАЛИЈА
Сиднеј
ИНДОНЕЗИЈА
ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА
Талидиг
Маданг
ПОРТ МОРСБИ
НОВА БРИТАНИЈА
Рабаул
Вунабал
Вајд Беј
Вотерфол Беј
[Извор на слика]
Мапа и глобус: Based on NASA/Visible Earth imagery
[Слика на страница 17]
Со Џон на еден конгрес во Лае, Нова Гвинеја, 1973
[Слика на страница 20]
Во Бетелот во Папуа Нова Гвинеја, 2002