Негативни емоции — како може да се совладаат?
ПРВИОТ чекор кон контролирање на негативните емоции е: Да се установат негативните мисли.
Како второ, треба да работиш на исправање на негативните мисли. На пример, ако си размислувал: ‚Никогаш ништо не правам како што треба‘, тоа замени го со: ‚Јас сум како и секој друг; многу работи правам како што треба, но ми се случува и да згрешам‘.
Не очекувај да се чувствуваш подобро веднаш откако ќе ги направиш овие исправки (иако можеби ќе се чувствуваш) и не продолжувај постојано да размислуваш за таа работа. Би било добро едноставно да се помириш со тоа и да одиш на следниот чекор.
Третиот чекор е да се потрошиш да ја отстраниш оптоварувачката мисла од својот ум. Обиди се да ја исфрлиш така одлучно и уверливо како што би ја исфрлил мислата да извршиш сериозен криминал. Иако си можеби способен да го сториш тоа со голем душевен напор, од неизмерна помош во таа постапка е четвртиот чекор: Зафати се со нешто друго, нешто позитивно.
Ова е многу битно, бидејќи твоите негативни мисли одново ќе се обидуваат да се вратат во твојот ум. Но ти ја имаш оваа предност: Својата потполна концентрација можеш да ја насочиш само на е д н а работа одеднаш. Во тоа ќе можеш да се увериш ако се обидеш сосема да се сконцентрираш на две работи истовремено. Ако твојот ум е веќе потполно окупиран со нешто друго, за твоите негативни мисли повеќе нема да има место.
Начинот на кој негативните мисли можат да се заменат со позитивни го илустрирал д-р Максвел Малц, кој вели: „Кога на твојот грамофон свири музика која не ти се допаѓа, нема да се обидуваш да ја подобриш музиката. . . . Едноставно, ќе ја смениш плочата, а со тоа ќе ја промениш и музиката. Направи го истото и со ‚музиката‘ која доаѓа од твојот внатрешен апарат“.
Да, негативните мисли често се премногу силни за да можат едноставно да се истераат. Тие мора да бидат истерани така што ќе ги замениме. Стави друга, позитивна „плоча“. Сврти на друг, изградувачки „канал“, на друга „станица“ и биди зафатен со неа.
Ќе биде тешко
Горните четири чекори се лесно објаснети, но може да биде тешко да се следат! Затоа, нека не те изненади ако совладувањето на негативните мисли и емоции во почетокот е тешко. Тоа треба и да го очекуваш, но знај дека со времето ќе станува полесно.
Земи ја за пример Синди, учителка чија мајка била алкохоличар. Синди со години страдала од чувства на вина и несигурност. Но, одлучила да се справи со проблемот. Што направила?
Синди објаснува: „Прво се трудев да ги пронајдам конкретните мисли кои ги предизвикуваа моите негативни чувства. Секогаш кога ќе се појавеа, разумно и објективно ќе размислев за нив, а потоа се трудев да создадам колку што можев повеќе позитивни мисли. Го присилував мојот ум да се задржува на моите ученици и на тоа како да им помогнам. Постепено, тоа стануваше полесно, а јас забележував дека повеќе ги контролирам своите чувства“.
Сепак, можеби се прашуваш . . .
Зошто е толку тешко?
Дали е лесно да се престане со лошите навики, како што се прејадувањето и пушењето? Сигурно не! Тие можат да се надминат со свесни, одлучни напори во текот на извесен временски период. За многумина, негативното размислување е навика и, како и со другите лоши навики, тешко е да се престане со него.
Ако негативното размислување ти станало навика, за нејзиното совладување веројатно ќе биде потребна истата одлучност која му е потребна на човек кој држи диета или на оној кој одлучил да престане со пушењето.
Поентата е: Не се предавај и не одлучувај да останеш потиштен, затоа што тое е полесно да се направи. Продолжи да се бориш против негативното размислување, дури и ако се потребни повеќе месеци на испробување, сѐ додека не успееш, а можеби и повторно ќе ја направиш истата грешка. Продолжи со своите напори како да тренираш за атлетски натпревар. Повеќе гледај на долгорочните резултати, наместо на непосредното задоволство.
Може ли потполно да се отстранат?
Можат ли негативните емоции потполно да се отстранат? Па, ако очекуваш да постигнеш совршена среќа сега, ќе наидеш на незадоволство и разочарување. Во нашето време, среќата е релативна и непотполна. Но и таквата среќа е далеку подобра отколку живот полн со трајни и ослабнувачки негативни емоции од кои нема излез.
Дали тоа значи дека негативните емоции никогаш нема да бидат совладани? Во никој случај! Библијата реалистички објаснува дека овие несовршени услови ќе постојат уште некое време, но дека е одредено време кога ќе бидат отстранети засекогаш. Тоа ќе се исполни наскоро, кога Божјето Царство, неговата небесна влада во рацете на Исус Христос, потполно ќе завладее над сите работи на оваа Земја и кога ќе започне со процесот на подигање на човештвото до човечко совршенство. Тој процес Исус го нарекол ‚повторно раѓање‘ [или: ‚повторно создавање‘, NW со објаснувања, фуснота.] (Матеј 19:28; види и Псалми 36:29; Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3-5).
Засега, меѓутоа, ќе бидеш посреќен ако ги прифатиш ограничувањата што ги донесува со себе човечката несовршеност. Наместо да одиш во крајности и да бараш совршено душевно здравје, ќе бидеш слободен да се стремиш кон други цели во животот. И ќе најдеш многу поголем мир и среќа во спознанието дека конечното решение за негативните емоции лежи во способните раце на Семоќниот Бог.
Дали овие предлози се само хипотетски? Дали тие навистина се делотворни? Да, тие помагаат, како што покажуваат следните вистинити животни искуства.
[Истакната мисла на страница 6]
Негативните мисли можат да бидат заменети со позитивни
[Истакната мисла на страница 6]
Не се предавај и не одлучувај да останеш потиштен затоа што тоа е полесно
[Слика на страница 7]
Како и слабеењето, за да научиш да ги контролираш своите емоции потребно е време и истрајност