Како некои научиле да ги совладуваат негативните емоции
ПОВРЕМЕНО секој има негативни емоции. Поради сериозни проблеми, како што е тешка болест, длабока старост или смрт на некој близок, кај некои можеби длабоко се вкорениле негативни емоции кои можат штетно да се одразат на нивните животи.
Меѓутоа, дури и меѓу ваквите лица постојат поединци кои научиле да ги ставаат своите емоции под контрола за да можат успешно да продолжат со своите секојдневни активности. Следуваат примери на такви луѓе, кои биле интервјуирани од страна на списанието Разбудете се!
Џенис е во болница каде што се лекува од болест која се одразува на нејзините емоции. Меѓутоа, таа изјавува: „Утврдив дека најделотворниот начин да се соочам со проблемот е да ги контролирам своите мисли. Тоа го постигнувам на тој начин што правам нешто за другите, на пример, печам колачи и шијам. Исто така правам посебни напори да се задржувам на пријатни спомени и на идни настани кои со радост ги очекувам. Заради болеста, ниту едно од овие не е лесно. Понекогаш би било полесно да попуштиш и да се чувствуваш лошо. Но добрите резултати се достојни за напор“.
После 45 години брак, умрел сопругот на Етел. Иако не ја заобиколил периодот на тагување, Етел успеала да ги контролира своите емоции. Таа објаснува: „Останав зафатена со работи што ги правев за другите. На пример, уживам да ги поучувам другите за Божјите намери, кои се наоѓаат во Библијата. Една млада жена беше толку среќна заради добрите работи што ги учеше, што нејзиното ценење ми помогна да бидам уште порадосна. За да можам да ги поучам другите, се концентрирам на позитивните мисли од Библијата. А тоа ми помогна да ги истерам негативните мисли од мојот ум. Исто така, кај мене доаѓаат помлади жени за помош во различни проблеми, и разговорите за позитивните работи што можат да ги сторат во своите животи, исто така ми помагаат да ги надминам негативните емоции“.
Артур со години водел зафатен, активен живот. Но, поради сериозна болест морал да прекине со световната работа и да ги намали сите активности надвор од неговиот дом. Со месеци, Артур се чувствувал бескорисен и потиштен. Како излегол на крај со овие чувства? „Престанав да размислувам за она што повеќе не можев да го правам. Наместо тоа, се сосредоточувам на она што можам да го сторам за да им помогнам на другите луѓе да се подобрат и да ги охрабрувам кога се потиштени. Бидејќи сум врзан за домот, прилично го користам телефонот. Колку повеќе се вработувам во помагањето и охрабрувањето на другите, толку помалку време ми останува да се самосожалувам.“
После серија кризи, вклучувајќи ја и смртта на нејзиниот сопруг, нормално дека Нита проживеала време на голема жалост и депресија. Со текот на времето научила да ги контролира таквите чувства: „Кога ќе ми надојде чувството на жалост, барам конструктивен излез. Се присилувам да се прошетам, да ѝ се јавам на некоја љубезна пријателка, да слушам музика — било што друго за кое од искуство знам дека ќе ја ублажи депресијата. Се обидувам кон себе да се однесувам сочувствително, исто како што би се однесувала кон некој добар пријател.“
Мери има сериозни здравствени проблеми 32 години. Врзана е за инвалидска количка и го напушта домот само кога оди на лекар. Како Мери успева да не биде совладана од обесхрабрување? Таа објаснува: „Најголема поддршка имам од мојот сопруг. Исто така, често читам нешто што ме охрабрува. Редовно им телефонирам на своите пријатели и често ја преземам иницијативата да ги поканам во мојот дом. Уживам во нивните посети и не ги користам таквите прилики за да се жалам или да запаѓам во самосожалување. Не го трошам времето задржувајќи се на негативните работи во мојот живот, затоа што доживувам толку многу позитивни работи“.
Маргарет е по природа реалистична. „Кога ќе се појават негативни чувства“, вели таа, „барам друштво на некој кој позитивно размислува, не некој идеалист, туку некој кој добро ме познава и кој ќе ме потсети на моите успеси и ќе ме охрабри.“
Розмари досега имала пет големи операции, а заедно со нејзиниот сопруг до неодамна доживеале седум смртни случаи во нивните семејства во период од година и пол. Несомнено, тежината на сето ова предизвикала негативни емоции. Меѓутоа, тие не се задржувале на таквите мисли. Како Јеховини сведоци, нив ги одржала позитивната и утешна надеж што ја дава Библијата дека постои еден праведен нов свет каде што Бог „ќе ја избрише . . . секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“. Дури и мртвите ќе бидат воскреснати, зашто, како што рекол Исус, „иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Откровение 21:4; Јован 5:28, 29).
[Слика на страница 9]
Џенис ги контролира своите емоции така што прави нешто за другите, и со мислите се задржува на пријатни спомени или со радост ги очекува идните настани