Лекарскиот позив
ПРЕД околу седум години, Даи Сузуки, едно десетгодишно момче, го загубило својот живот од сообраќајна несреќа. Средствата за јавно информирање ги обвиниле Даиовите родители за небрежност затоа што, заради послушност на библиските начела, не дозволиле на нивниот син да му се даде трансфузија на крв. Родителите на Даи се Јеховини сведоци. После полициската истрага се утврдило дека родителите не биле небрежни.
Јеховините сведоци во Јапонија, а и на други места, ги ценат напорите на лекарите да спасат живот и спремни се да соработуваат со медицинскиот персонал. Тие ја користат современата медицина и прифаќаат медицинско лекување, со исклучок на трансфузија на крв. Но кога некоја медицинска одлука влијае на нивната лојалност спрема библиските начела, тогаш го слушаат Бог (Дела на св. апостоли 4:19). Во Библијата ја наоѓаме јасната заповед: „Да се воздржувате . . . од крв“ (Дела на св. апостоли 15:29).
Затоа, наместо да ја компромитираат својата вера во Божјите заповеди, Јеховините сведоци избираат лекувања кои не вклучуваат употреба на трансфузија на крв. Вистина е дека потребата за таквите алтернативни лекувања може да претставува предизвик за лекарите. Но сѐ повеќе и повеќе лекари и болнички управители наоѓаат начини да излезат во пресрет на желбите на Јеховините сведоци. На пример, јапонскиот весник Mainichi Shimbun забележал дека од неодамна „некои болници колку што е можно се воздржуваат од предизвикување на крварења и спремни се да прават бескрвни операции“.
Статијата спомена дека, помеѓу 1989 и јануари 1992, во болницата Агео Косеи успешно биле изведени 14 операции на Јеховини сведоци без трансфузии на крв. Болницата го става нагласокот на согласност за лечење на темел на информираност. Нејзиниот став е да дискутира со Сведоците пациенти за однапред предвидената количина на губиток на крв и за опасностите кои се вклучени во бескрвната операција. Откако лекарите ќе добијат од пациентот писмена потврда за ослободување од одговорност, ја прават операцијата без трансфузија на крв.
Што ја поттикнало оваа болница да ги прифати Јеховините сведоци како пациенти и да го почитува нивниот избор на лекување, иако другите болници ги одбиле? Според Mainichi Shimbun, Тошихико Огане, директор на болницата, објаснил: „Лекарскиот позив го обврзува да го почитува правото на пациентот да ја донесе конечната одлука и колку што допушта неговата вештина да го даде најдоброто од себе за да има удел во лекувањето на болеста. Од таа гледна точка многу е важна согласноста за лекување на темел на информираност“.
„Јеховините сведоци од нивна страна“, додава весникот, „во 53 градови низ земјата, за нивните верници воспоставија одбори за контактирање со болниците. Целта на тие одбори е да се договараат со болниците за примената на бескрвни операции“. Како резултат на тоа, добар дел од универзитетските болници и медицински институции сега се спремни на Сведоците да им го препуштат изборот на лекување.
Моментално, повеќе од 1.200 лекари во Јапонија и преку 24.000 ширум светот се спремни да соработуваат со Сведоците така што им нудат алтернативи за трансфузија на крв. Преку 800 одбори за контактирање со болници стапиле во контакт со лекари кои сметаат дека „лекарскиот позив“ вклучува почитување на правото на пациентот да избере метода на лекување.