Сѐ поголема побарувачка за бескрвна медицина и хирургија
„Сите оние што работат со крв и се грижат за пациенти кои имале операција, треба да размислат за бескрвна хирургија“ (д-р Јоаким Болт, професор анестезиолог, Лудвигсхафен, Германија).
ТРАГЕДИЈАТА на СИДА-та ги принуди научниците и лекарите да преземат дополнителни чекори за да ја направат операционата сала побезбедно место. Очигледно, тоа значеше да се прават построги проверки на крвта. Но, експертите велат дека ниту овие мерки не гарантираат трансфузија без никаков ризик. „Иако општеството троши огромни суми за да ги направи резервите крв посигурни од кога и да е порано“, вели списанието Transfusion, „веруваме дека пациентите сѐ уште ќе настојуваат да избегнат алогени трансфузии [од дарител] едноставно затоа што складираната крв никогаш не може да биде сосема сигурна.“
Не изненадува тоа што многу лекари се претпазливи во врска со давањето крв. „Трансфузиите на крв во основа не се добри и енергично ги избегнуваме кај секого“, вели д-р Алекс Заполански од Сан Франциско (Калифорнија).
И јавноста станува свесна за опасностите од трансфузијата. Всушност, во 1996 една анкета откри дека 89 проценти од Канаѓаните повеќе би сакале алтернатива за донираната крв. „Сите пациенти нема да одбијат хомологна трансфузија како што одбиваат Јеховините сведоци“, наведува Journal of Vascular Surgery (Списание за васкуларна хирургија). „Меѓутоа, ризикот од пренесување болести и промените во имунитетот даваат јасен доказ дека мора да најдеме алтернативи за сите наши пациенти.“
Претпочитана метода
За среќа, постои алтернатива — бескрвна медицина и хирургија. Многу пациенти не ја сметаат за последно средство туку за претпочитано лекување, и тоа од добри причини. Стивен Џефри Полард, британски хирург специјалист, забележува дека стапката на заболеност и смртност кај оние на кои се извршуваат операции без крв е „во најмала рака еднаква како кај пациентите кои примаат крв, а во многу случаи тие се поштедени од постоперативните инфекции и компликации кои честопати се резултат на крвта“.
Каков бил развојот на бескрвното лекување во медицината? Во некоја смисла ова прашање е прилично чудно затоа што бескрвната медицина датира уште од времето пред употребата на крвта. Всушност, дури во почетокот на 20-тиот век, технологијата на трансфузијата толку напредна што се користеше рутински. Но, во последниве децении некои го популаризираа полето на бескрвна хирургија. На пример, во текот на 1960-тите, прочуениот хирург Дентон Кули изврши некои од првите операции на отворено срце без употреба на крв.
Кога во 1970-тите почна да се шири хепатитот кај оние што примиле трансфузија, многу лекари почнаа да бараат алтернативи за крвта. Во 1980-тите, повеќе големи медицински екипи извршуваа хируршки зафати без крв. Потоа, кога се појави епидемијата на СИДА, со овие екипи постојано се консултираа и други кои беа спремни да ги прифатат истите техники. Во текот на 1990-тите, многу болници развија програми кои им нудат бескрвни опции на своите пациенти.
Денес лекарите успешно применуваат бескрвни техники при операциите и во итните случаи за кои по обичај требаше трансфузија. „Сериозни срцеви, васкуларни, гинеколошки и акушерски, ортопедски и уролошки хируршки зафати можат успешно да се извршат без употреба на крв или крвни продукти“, забележува Д. Х. В. Вонг, во Canadian Journal of Anaesthesia (Канадско списание за анестезија).
Една предност на бескрвната хирургија е тоа што унапредува поквалитетна нега. „Вештината на хирургот е многу важна во спречувањето на губење крв“, вели д-р Бенџамин Џ. Рајхштајн, директор на хируршкото одделение во Кливленд (Охајо). Еден јужноафрикански правен весник вели дека во извесни случаи операциите без крв можат да бидат „побрзи, почисти и поефтини“. Тој додава: „Сигурно е дека постоперативното лекување во многу случаи е поефтино и трае пократко“. Овие се само некои причини зошто моментално има повеќе од 180 болници ширум светот кои имаат специјализирани програми за бескрвна медицина и хирургија.
Крвта и Јеховините сведоци
Од причини кои се засновани на Библијата, Јеховините сведоци одбиваат трансфузија на крв.a Но тие прифаќаат — и енергично бараат — медицински алтернативи за крв. „Јеховините сведоци активно бараат најдобро медицинско лекување“, рекол д-р Ричард К. Спенс додека бил директор на хируршкото одделение во болницата во Њујорк. „Како група, тие се најинформираните пациенти кои еден хирург може да ги сретне.“
Лекарите усовршиле многу техники на бескрвна хирургија како резултат на тоа што ги применувале врз Јеховините сведоци. Разгледајте го искуството на кардиоваскуларниот хирург Дентон Кули. Во период од 27 години, неговата екипа извршила бескрвна операција на отворено срце на 663 Јеховини сведоци. Резултатите јасно покажуваат дека операциите на срцето можат успешно да се извршат и без употреба на крв.
Точно е тоа дека многумина ги критикуваат Јеховините сведоци заради тоа што одбиваат крв. Но, еден прирачник издаден од Здружението на анестезиолозите на Велика Британија и Ирска го нарекува ставот на Сведоците „знак на почит кон животот“. Всушност, строгиот став на Сведоците е главна сила која стои зад тоа сите да можат да добијат побезбедно медицинско лекување. „Јеховините сведоци на кои им требаше хирурушка интервенција го покажаа патот и извршија притисок за да се направат подобрувања во еден важен сектор на службата за здравство во Норвешка“, пишува професор Стејн А. Евенсен од Државната болница во Норвешка.
За да им се помогне на лекарите да лекуваат без употреба на крв, Јеховините сведоци основаа една помошна служба за контактирање со болниците. Во моментов, повеќе од 1.400 Одбори за контактирање со болниците ширум светот се опремени да им дадат на лекарите и на научните работници медицинска литература од една база на податоци со повеќе од 3.000 статии во врска со бескрвната медицина и хирургија. „Не само на Јеховините сведоци туку и на пациентите воопшто, денес веројатно помалку ќе им се дава непотребна трансфузија на крв заради тоа што Сведоците имаат Одбори за контактирање со болниците“, забележува д-р Чарлс Барон, професор на Правниот факултет во Бостон.b
Информациите за бескрвна медицина и хирургија што ги собрале Јеховините сведоци им користат на многумина на полето на медицината. На пример, кога подготвуваа материјал за една книга со наслов Autotransfusion: Therapeutic Principles and Trends (Автотрансфузија: терапевтски принципи и трендови), авторите ги замолија Јеховините сведоци да им дадат информации за алтернативи за трансфузијата на крв. Сведоците со задоволство одговорија на нивното барање. Подоцна, авторите со благодарност изјавија: „Во сѐ што сме прочитале на оваа тема, никогаш не сме виделе толку концизен, комплетен список на стратегии за избегнување трансфузија на хомологна крв“.
Напредокот на полето на медицината предизвика многумина да размислат за бескрвната медицина. Каде нѐ води тоа? Професор Лук Монтањи, кој го откри вирусот на СИДА, изјавува: „Развојот на нашето разбирање на ова поле покажува дека трансфузијата на крв еден ден мора да исчезне“. Во меѓувреме, алтернативите за крв веќе спасуваат животи.
[Фусноти]
b Ако се повикани, Одборите за контактирање со болниците вршат презентации пред медицинскиот персонал на болницата. Освен тоа, ако конкретно се побара нивната помош, тие им помагаат на пациентите да имаат претходна отворена и постојана комуникација со одговорниот лекар.
[Рамка/слики на страница 7]
Што велат некои лекари
‚Бескрвната хирургија не е само за Јеховините сведоци туку за сите пациенти. Мислам дека секој лекар треба да се ангажира околу неа‘ (д-р Јоаким Болт, професор анестезиолог, Лудвигшафен, Германија).
„Иако трансфузијата на крв денес е посигурна отколку во минатото, сѐ уште постои ризик кој вклучува имунолошки реакции и добивање хепатит или сексуално преносливи болести“ (д-р Теренс Џ. Саки, клинички доцент по медицина).
„Повеќето лекари автоматски реагираат на трансфузијата и ја даваат слободно и без размислување. Јас не го правам тоа“ (Д-р Алекс Заполански, директор на кардиохирургија при Кардиолошкиот институт во Сан Франциско).
„Сметам дека за ниедна вообичаена операција на абдоменот кај просечен пациент нема потреба од трансфузија на крв“ (д-р Јохан Шели, професор хирург, Јена, Германија).
[Слики]
Д-р Теренс Џ. Саки
Д-р Јоаким Болт
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
Бескрвна медицина и хирургија
Некои од методите
Течности: Раствор на Рингеров лактат, декстран, хидроксиетиленски скроб и други се користат за да се одржи волуменот на крвта, спречувајќи да настане хиповолемиски шок. Некои течности што се испитуваат сега, можат да пренесуваат кислород.
Лекови: Протеини добиени со генетички инженеринг можат да го стимулираат создавањето на црвени крвни клетки (еритропоетин), крвни плочки (интерлеукин-11) и различни бели крвни клетки (GM-CSF, G-CSF). Други лекарства значително ја намалуваат загубата на крв за време на операцијата (апротинин, антифибринолитици) или помагаат да се намали акутното крвавење (дезмопресин).
Биолошки хемостатици: Колагенските и целулозните перничиња се користат за да се запре крвавењето со тоа што директно се нанесуваат. Фибринските состојки кои лепат и зачепуваат, можат да ги затворат отворените рани или да покријат големи површини од ткивото што крвави.
Собирање на крвта: Апаратите за собирање ја надоместуваат крвта што се губи за време на хируршка интервенција или траумата. Крвта се прочистува и може да се врати во пациентот преку еден затворен круг. Во екстремни случаи, со користење на ваков систем можат да се надоместат литри крв.
Хируршки инструменти: Некои апарати истовремено ги сечат и ги затвораат крвните садови. Други апарати можат да го запрат крвавењето на големи површини ткиво. Инструментите за лапароскопија и минимално сечење на ткивото овозможуваат да се извршуваат операции без загуба на крв, што е последица на големите резови.
Хируршки техники: Деталното планирање на операцијата, вклучувајќи и консултации со искусни лекари кои работат на клиника, ѝ помага на хируршката екипа да избегне компликации. Неопходна е брза акција да се прекине крвавењето. Ако се одложува подолго од 24 часа, многу може да се зголеми веројатноста за смрт на пациентот. Ако се извршат неколку помали операции наместо една голема, се намалува вкупната загуба на крв.
[Рамка/слики на страница 10]
Бескрвна медицина — нов „стандард за нега“?
РАЗБУДЕТЕ СЕ! дискутираше за користите од бескрвната медицина и хирургија со четворица експерти на тоа поле.
Освен пациентите кои одбиваат трансфузија на крв од религиозни причини, кој друг покажува интерес за бескрвната медицина?
Д-р Спан: Оние кои бараат бескрвно лекување во нашиот центар, обично се добро информирани пациенти.
Д-р Шандер: Во 1998, бројот на пациенти кои одбиле крв од лични причини, го надмина бројот на пациентите кои одбиле крв од религиозни причини.
Д-р Бојд: На пример, има пациенти заболени од рак. Многу пати се покажа дека, ако не примат крв, побрзо закрепнуваат и болеста не се појавува повторно толку често.
Д-р Спан: Универзитетските професори и нивните семејства обично ги лекуваме без употреба на крв. Дури и хирурзите бараат да избегнуваме трансфузии! На пример, еден хирург дојде кај нас заради својата сопруга, која требаше да се оперира. Тој рече: „Погрижете се само за едно — да не прими трансфузија на крв!“
Д-р Шандер: Членовите на мојот оддел за анестезија рекоа: ‚Пациентите кои не примаат крв се чувствуваат исто толку добро, а можеби дури и подобро. Зошто мора да имаме два стандарда за нега? Ако ова е најдобрата нега, треба да ја применуваме кај секого‘. Затоа, очекуваме бескрвната медицина да стане стандард за нега.
М-р Ерншо: Едноставно е факт дека бескрвната хирургија особено е важна кај Јеховините сведоци. Меѓутоа, така сакаме да ги лекуваме сите.
Дали бескрвното лекување е поскапо или поефтино?
М-р Ерншо: Тоа ги намалува трошоците.
Д-р Шандер: Со бескрвната медицина, трошоците се намалуваат за 25 проценти.
Д-р Бојд: Треба да го користиме, макар и само од таа причина.
Колку сме напреднале во употребата на бескрвни медицински постапки?
Д-р Бојд: Мислам дека отидовме многу напред. Воопшто не сме дојдени до крајот. Секогаш кога ќе се свртиме околу себе, наоѓаме некоја добра нова причина за да не користиме крв.
[Слики]
М-р Питер Ерншо, FRCS, советник хирург ортопед, Лондон (Англија)
Д-р Донат Р. Спан, професор анестезиолог, Цирих (Швајцарија)
Д-р Арија Шандер, клинички доцент анестезиолог (Соединетите Држави)
Д-р Марк Е. Бојд, професор акушер и гинеколог (Канада)
[Рамка на страница 11]
Улогата на пациентот
▪ Разговарајте со својот лекар во врска со бескрвни алтернативи уште пред да се јави потреба од лекување. Ова е важно особено за трудниците, за родителите со мали деца и за постарите луѓе.
▪ Запишете ги своите желби во писмен облик, особено ако постои правен документ за таа цел.
▪ Ако лекарот не е спремен да Ве лекува без крв, побарајте лекар кој ќе ги почитува Вашите желби.
▪ Бидејќи за некои алтернативи за крв треба да помине време пред да бидат делотворни, не чекајте да побарате лекување ако знаете дека е потребна операција.