Лекарите одново ја разгледуваат бескрвната хирургија
ЏЕНЕТ, една Канаѓанка, му објаснила на својот син зошто има СИДА. Ја добила таа болест од својот сопруг пред неговата смрт. Нејзиниот сопруг, пак, хемофиличар, веројатно добил СИДА преку фракции на крв. Ваквите кошмари се само еден фактор кој ги натерал медицинските лица одново да размислат за давањето трансфузија на крв како стандардна практика. Всушност, еден наслов во The New York Times годинава објавил: „,Бескрвната‘ хирургија стекнува нова популарност“.
Неколку медицински конференции го истакнаа зголемениот интерес за бескрвната хирургија. Меѓу оние кои се одржаа минатата година беа две во Соединетите Држави (Бостон и Атланта), една во Канада (Винипег) и една во Летонија (Рига), која беше меѓународна конференција за Источна Европа.
После преку 50 години ослонување на трансфузијата на крв, зошто повеќе од 1.400 професионалци од 12 земји присуствуваа на овие четири конференции кои ја прогласија бескрвната хирургија како „пат на иднината“, како што се изрази еден новински наслов? Што истакнаа овие конференции во врска со новите лекови, опрема и техники кои можат да влијаат врз третманите кои му стојат на располагање на Вашето семејство?
Зошто се бараат алтернативи?
Првенствена мотивација е немоќта да се зачуваат резервите крв. На пример, Globe and Mail од Торонто, од 31 јануари 1998, коментира за канадската „трагедија со заразена крв“ во 1980-тите: „Хепатитот Ц е болест која потенцијално го заслабнува црниот дроб и за неа не постои лек . . . 60.000 Канаѓани можеби се инфицирале со вирусот преку заразена крв, што значи дека 12.000 би можеле да умрат како последица на хепатит пренесен преку крвта“.
Иако поновите постапки за проверка многу ја намалија опасноста, на конференцијата одржана во Винипег судијата Хорас Кревер рекол: „Резервите на крв во Канада никогаш не биле апсолутно сигурни и никогаш нема ни да бидат. Употребата на крв неизбежно наложува и ризици“. А ризикот да се пренесе некоја болест или да се предизвика сериозна реакција се зголемува со давањето на секоја додатна единица крв.
Во Рига, д-р Жан-Марк Деби од Clinique des Maussins во Париз, заклучил: „Ние лекарите треба одново да го разгледаме нашиот вообичаен терапевтски пристап . . . Трансфузијата на крв ги продолжила животите на многу пациенти, но исто така ги затрула животите на други пренесувајќи им неизлечива болест“.
Постапките за проверка на крвта од заразувачи заостануваат зад новите опасности од заболување и така можеби нема да заштитат од нив. На пример, д-р Пол Гали од Отава (Онтарио, Канада) забележал: „Хепатитот Г е еден новоопишан вирус на РНК; се пренесува преку трансфузија, но моменталниот ризик е непознат“.
Во едно специјално медицинско издание на списанието Time е известено за една дополнителна опасност: „Трансфузијата може да го задуши имунолошкиот систем . . . создавајќи кај пациентот склоност кон инфекции, побавно заздравување и подолго време за опоравување“.
Еден друг фактор се финансиските заштеди. Во Соединетите Држави, според списанието Time, секоја трансфузија на крв може да чини 500 долари. А на некои места, резервите крв се намалуваат затоа што има помалку дарители.
Понатамошната заштеда на пациентите кои биле оперирани без крв произлегува од пониската стапка на инфекција и пократкиот престој во болница. Зборувајќи во Винипег, Дурхан Вон-Ригер од канадското здружение за хемофилија рекол во врска со бескрвната хирургија: „Сметаме дека таа е неопходна. Таа е економична и дефинитивно ќе го подобри здравјето на пациентите“.
И еден поширок состав на пациенти сѐ повеќе бара бескрвна хирургија. Д-р Давид Розенкранц, од Legacy Portland Hospitals (Орегон, САД), изјавил дека во почетокот „100% од оние кои дојдоа кај нас го сторија тоа од религиозни причини“. Меѓутоа, сега барем 15 проценти повеќе сакаат медицински алтернативи на трансфузијата на крв, но не поради религијата и совеста.
Различни гледишта
На четирите конференции, главна точка на концензусот беше тоа дека далеку побезбедно е да се користи сопствена крв отколку крв што ја дарувале други луѓе. Поради тоа, некои препорачуваат пред операцијата да се складира сопствена крв. Меѓутоа, многумина дале забелешка дека во итните случаи нема време да се складира крв. Исто така, тука е и религиозниот приговор на Јеховините сведоци во поглед на користењето складирана крв.a
Д-р Брус Леон, од универзитетот Дјук (Северна Каролина, САД), на канадската конференција рече: „Предоперативното дарување [сопствена крв] е скапо, со многу трошоци, не ја отстранува највообичаената причина за болест поврзана со трансфузија [што е писарска — односно службена или процедурална — грешка] и бара значително време пред операцијата“.
Многу лекари се залагаат и понатаму да се развиваат лекови и техники кои драстично ќе ја намалат употребата на трансфундирана крв. Тие приговараат дека трансфузијата на крв треба да се применува само во итни случаи. Од друга страна, пак, сега други речиси целосно ја отфрлаат трансфузијата на крв од нивната практика. Тие укажуваат на крајно тешки операции — замена на колк, комплексна неврохирургија, операција на отворено срце кај деца и возрасни — извршени без трансфузија, со брзо опоравување на пациентот.
До сега има околу 100 болници ширум светот со бескрвни програми, од кои повеќе од 70 се во Соединетите Држави. Всушност, сега во светот има повеќе од 88.000 лекари кои соработуваат со пациентите кои не сакаат крв.
Нови техники
На конференцијата во Атланта, говорниците признаа дека првпат развиле таква посебна техника кога лекувале Јеховини сведоци.b Многумина имаа мислење како д-р Џејмс Шик од регионалниот медицински центар Енцино—Тарзана во Лос Анџелес, кој забележал дека, поради новите постапки кои биле развиени додека се работело со предвремено родените бебиња на Јеховините сведоци, сега тој користи 50 проценти помалку крв со сите негови млади пациенти. Се разбира, тие нови постапки важат и за возрасните.
Д-р Жан-Франсоа Харди од Институтот за кардиологија во Монтреал, забележал: „Операцијата без крв не може да се изведе со помош на ниедна поединечна терапевтска интервенција . . . Напротив, оваа цел може да се постигне само со комбинација на различни стратегии“.
Во новите техники спаѓаат 1) предоперативна подготовка, 2) спречување на губење крв за време на операцијата и 3) постоперативна нега. Очигледно, врз сите хируршки пристапи многу влијае временскиот фактор, односно дали има време однапред да се подготви пациентот за операција или, пак, нема време затоа што мора да се изведе итна операција.
Идеален пристап кон бескрвната хирургија е предоперативниот третман кој го зголемува бројот на крвните клетки и ја подобрува општата здравствена состојба. Ова вклучува многу јаки додатоци на железо и витамини и, кога е прикладно, дози од синтетички еритропоетин — лек кој ја стимулира коскената срж на пациентот забрзано да произведува црвени крвни клетки. Технологијата која дава можност за микроанализа овозможува да се земе помалку крв за тестирање, а притоа да се добијат повеќе резултати од земената крв. Ова е многу важно кај предвремено родените деца и кај постарите пациенти кои изгубиле значително количество крв.
Корисни се и експандерите на волуменот, течности кои се даваат интравенозно за да се зголеми волуменот на крвта. Во извесни болници се користи и хипербаричната комора со кислород како помош да се задоволат потребите за кислород кај пациентот кај кого дошло до голема загуба на крв. Во Атланта, д-р Роберт Бартлет објаснил дека комората со кислород е од голема помош, но мора да се користи внимателно затоа што кислородот во високи дози е токсичен.
За вториот чекор, превенција на губиток на крв за време на операцијата, постојат низа нови инструменти и технологии. Тие помагаат да се сведе на минимум губитокот на крв; вклучуваат помалку сечење и го сведуваат на минимум губитокот на крв и траумата; или, пак, помагаат веднаш да се собере и повторно да се употреби сопствената крв на пациентот, која би се изгубила за време на операцијата. Да разгледаме само неколку од новите техники.
◼ Електрокаутерот ја користи топлината за да го запре крвавењето на крвните садови.
◼ Коагулаторот со аргонски зраци помага да се запре крвавењето за време на операцијата.
◼ Хармоничниот скалпел сече со вибрација и триење и отприлика во истиот момент предизвикува коагулација на крвта.
◼ За време на извесни видови операции, лековите како што се транексамичната киселина и дезмопресин честопати се користат за да се зголеми коагулацијата на крвта и за да се намали крвавењето.
◼ Хипотензивната анестезија го намалува губитокот на крв со тоа што го намалува крвниот притисок.
Значајно е и подобрувањето на машините за собирање на крвта додека трае операцијата. За време на операцијата, тие ја собираат и веднаш одново ја користат крвта на пациентот без да треба да ја складираат.c Поновите машини, додека остануваат поврзани со пациентот, можат дури и да ја раздвојат крвта на состојки и одново да ги користат оние што се потребни.
После конференцијата во Рига и откако чуле за потребите на Летонија, Јеховините сведоци од Шведска ѝ подариле на Летонија две машини за зачувување на клетките. Пристигнувањето на првата и користите од бескрвната хирургија создадоа толкаво воодушевување во Летонија што таму тој настан доби национален телевизиски публицитет.
Постоперативната нега честопати вклучува многу од истите режими на зајакнување на крвта што се користат во предоперативната подготовка. Сепак, негата после операцијата кај пациентите кои не примиле трансфузија честопати е полесна од негата на оние кои примиле трансфузија. Зошто?
Впечатливи резултати
Иако техниките кои ја елиминираат употребата на крв честопати бараат повеќе работа пред и за време на операцијата, хирурзите забележале дека тие се корисни за пациентите затоа што нивното постоперативно закрепнување трае пократко. Тие не страдаат од компликации кои честопати ги придружуваат трансфузиите. Документирано е дека пациентите на кои не им била дадена крв пократко престојуваат во болница.
Д-р Тод Розенгарт од медицинскиот центар Hospital-Cornell University во Њујорк, забележал дека нивната осуметапна стратегија на зачувување крв овозможила комплицираните операции на отворено срце успешно да се извршуваат без крв. Д-р Мануел Естиоко од Good Samaritan Hospital во Лос Анџелес зборувал за нивното „опширно искуство со стотици операции на отворено срце без крв“. Д-р С. Субраманиан известил за успех во бескрвните операции на отворено срце кај деца во Children’s Hospital во Мајами.
Ортопедската хирургија, особено замената на колк, е едно предизвикувачко подрачје. Сепак, д-р Оли Хаг од болницата во Удевала (Шведска), известил во Рига дека комбинирањето на „хируршка стратегија и прецизност“ им овозможило значително да го намалат губитокот на крв кај пациентите кои се Јеховини сведоци. Всушност, г-н Ричард Р. Р. Х. Кумс од Кралскиот медицински колеџ, Лондон, рекол дека „99,9 проценти од сите ортопедски операции можат да се извршат без . . . трансфузија на крв“.
Иднината
Бројот на болниците и лекарите кои користат бескрвни методи и понатаму се зголемува. А конференциите на кои се разменуваат таквите сознанија се од огромна помош, бидејќи лекарите дознаваат за алтернативи кои успешно биле испробани и редовно се користат.
Д-р Ричард Налик од University of Southern California School of Medicine рекол: „Сѐ поголем број од населението сака медицински и хируршки третмани без крв . . . Бескрвната медицина и хирургија претставуваат еден современ пристап и не треба погрешно да се сфатат како понеефективна ‚алтернативна терапија‘“.
Додека продолжуваат проблемите поврзани со трансфузијата на крв и се зголемува барањето на јавноста за алтернативи, иднината на бескрвната хирургија изгледа светла.
[Фусноти]
a Јеховините сведоци имаат доверба во медицинското лечење за нив и за нивните деца. Меѓутоа, врз основа на јасната библиска забрана да не се зема крв во телото, тие имаат приговор на трансфузијата на крв (1. Мојсеева 9:3, 4; Дела 15:28, 29). За повеќе информации консултирајте се со брошурата Како може крвта да ти го спаси животот? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Дискутирањето за различните техники што беа изнесени на овие конференции воопшто не значи дека Разбудете се! ги препорачува. Ние само известуваме за овој развој.
c За исправната употреба на таквите машини и улогата на совеста, читателот можеби ќе сака да се консултира со Стражарска кула од 1 март 1989, страници 30 и 31 (англ.).
[Слика на страница 25]
Сѐ повеќе лекари ги почитуваат желбите на своите пациенти во врска со бескрвната хирургија