Разводот — каде што Истокот се среќава со Западот
Од дописникот на Разбудете се! од Јапонија
„АЈДЕ и јас да се откажам од мојата работа.“ Тие зборови биле право изненадување за еден раководител на оддел кој давал отказ во една голема јапонска трговска компанија. Неговата жена сакала да му даде отказ и повеќе да не му биде сопруга и домаќинка. Нивната земја, Јапонија, доживува пораст во стапката на разводи, која за чудо ги опфаќа и средновечните и постарите. Кај оние кои се во своите 50-ти и 60-ти години, бројот на разводи за 20 години се зголемил три пати. Откажувањето од бракот, се чини, станало нивна последна прилика да пронајдат посреќен живот.
На другата страна од скалата на возрасти, помладите двојки кои се разочаруваат еден од друг во текот на медениот месец се одлучуваат за Narita rikon (Наритски развод). Нарита е меѓународниот аеродром во Токио, а изразот се однесува на нововенчаните двојки кои се збогуваат еден од друг и од својот брак кога ќе се вратат назад во Нарита. Всушност, секоја четврта или петта двојка во Јапонија бара развод. На разводот гледаат како на врата кон посреќен живот.
Дури и во Хонг Конг, каде што старите кинески вредности сѐ уште се јаки, стапката на разводи се зголемила за повеќе од двојно во шесте години помеѓу 1981 и 1987. Во Сингапур, разводот кај муслиманите и кај немуслиманите помеѓу 1980 и 1988 се зголемил скоро за 70 отсто.
Како што е општо познато, гледиштата на жените на Исток биле долго потиснувани. На пример, во старо време во Јапонија, мажот можел да се разведе од жената само со напишани „три и пол реда“. Сѐ што морал да стори било да напише изјава од три и пол реда, со што го потврдувал разводот, и ливчето хартија да ѝ го врачи на жена си. А жена му, пак, не можела лесно да добие развод освен да најде прибежиште во некој храм кој пружал засолниште за жени кои бегале од брутални мажи. Без никакви средства за издршка, жените морале да поднесуваат бракови без љубов, па дури и љубовни врски на своите мажи.
Денес, мажот кој станува преокупиран со работното место практично го отфрла своето семејство. За него не е ништо лошо ако живее за својата компанија. Со таквата оддаденост кон работата ја занемарува потребата на својата жена за комуникација и на неа гледа како на неплатена слугинка која му готви, чисти и пере.
Дотекот на идеи од Западот, меѓутоа, го преобразува начинот на кој жената од Исток гледа на бракот и на брачниот живот. „,Ослободувањето‘ на жените“, наведува Asia Magazine, „недвојбено е единствениот најважен фактор кој доведува до пораст на стапката на разводи во Азија“. Антони Јео, директор на Центарот за советување и грижа во Сингапур, рекол: „Жените сѐ повеќе се повикуваат на своите права и сѐ посвесни се за своето достоинство. Повеќе не се спремни молчешкум да поднесуваат сѐ. Денешните жени имаат поголем слободен избор и помалку толеранција за запоставеноста и злоупотребата. А разводот е вистински избор за оние кои не можат да најдат брачна среќа, особено кога срамот поради разводот во голема мера се намалил и тој срам не е онаков каков што беше пред 25 години“.
И земјите на Запад претрпеле темелна промена во текот на изминатата четвртина од веков. Самуел Х. Престон промената ја нарекол „земјотрес кој го разниша американското семејство во изминативе 20 години“. Во 1985, скоро една четвртина од сите домови со деца под 18 години беа домови со еден родител, најмногу поради развод. Се предвидува дека 60 отсто од децата родени во 1984 би можеле да живеат во дом со еден родител пред да наполнат 18 години.
Бидејќи институцијата брак сѐ повеќе слабее, дали разводот е навистина врата кон посреќен живот? За да одговориме на ова, прво ќе испитаме што предизвикало луѓето да го сметаат разводот за универзален лек за своите семејни проблеми.
[Рамка на страница 4]
Плодови од „Разведените без развод“
ПОД површината на бројката на стварните разводи се прикриваат „пасивните“ разводи. Во Јапонија, каде што многу жени сѐ уште се економски зависни од своите сопрузи и подложни на традицијата на машка доминација која уште трае, може да се случи двојките да живеат против нивната волја под ист покрив во една состојба наречена „разведени без развод“. Во една таква ситуација, сопругите имаат тенденција сета своја енергија да ја излијат во подигањето на децата. Тие мајки често се премногу заштитнички настроени, со што им отежнуваат на децата подоцна да застанат на свои нозе.
Како резултат на тоа, кога таквите мамини синови ќе пораснат и ќе се оженат, многу од нив страдаат од „синдромот не допирај ме“. Тие воопшто никогаш со љубов не ги допираат своите жени, дури и после повеќе години брачен живот. Страдаат од проблем што се нарекува „ја сакам мамичка“ и често пати се женат затоа што мајките им рекле да се женат. Според Asahi Evening News, д-р Јасуши Нарабајаши, специјалист за брачно советување, вели дека проблемот расте веќе една деценија и дека има десетици илјади мажи кои се плашат да бараат совет затоа што се срамат.