Ако вашето дете е злоупотребено
ЗА ДА СЕ прекине сексуалната злоупотреба, морате да ја препознаете кога ќе ја видите. Во многубројните книги на таа тема, стручњаците навеле десетици показатели на злоупотреба на кои родителите можат да внимаваат. Тука се вклучени: жалење на болки при вршење на мала или голема нужда, генитални инфекции, иритирање или рани во гениталниот предел, ненадејно мокрење в кревет, губење на апетит или други проблеми со јадењето, прерано сексуално однесување, ненадеен страв од некои места како што се училиштето или некои делови од куќата, периоди на паника, претеран страв од соблекување, страв да се биде сам со познат човек и самоосакатување.
Но, бидете внимателни да не донесувате пребрзи заклучоци. Повеќето вакви симптоми не мораат сами по себе да значат дека детото навистина било сексуално злоупотребено. Секој од овие знаци би можел да биде симптом за некој друг проблем. Но ако забележите загрижувачки симптоми, полека започнете разговор на таа тема, можеби на следниов начин: „Ако некој некогаш те допре така да се чувствуваш неугодно, сакам да знаеш дека можеш секогаш да ми кажеш, а јас ќе сторам сѐ за да те заштитам. Дали такво нешто некогаш ти се случило?“ (Изреки 20:5)
Ако вашето дете ви каже дека било сексуално злоупотребувано, без сомнение, ќе бидете потресени. Но, запомнете: Вашата реакција ќе игра главна улога во неговото оздравување. Вашето дете носело неподнослив товар и вие сте му потребни со вашата сила на возрасен да го преземете товарот од нејзините или неговите рамења. Пофалете го детото за тоа што било толку храбро да ви каже што се случило. Повеќе пати уверувајте го дека вие ќе сторите сѐ за да го заштитите; дека силеџијата бил виновен за малтретирањето, а не тоа; дека детото не е „лошо“ и дека го сакате.
Некои правни стручњаци препорачуваат злоупотребата да се пријави кај властите колку што е можно побрзо. Во некои земји правниот систем може да го бара тоа. Но во други места, правниот систем може да нуди малку надеж за успешна судска постапка.
Но, што кога силеџијата е сопствениот сакан брачен другар? За жал, многу жени пропуштаат да преземат одлучна акција. Се разбира, никогаш не е лесно да се прифати грдата реалност дека брачниот другар е силувач на деца. Емоционалните врски, па дури и финансиската зависност, можат да бидат прекумерно јаки. Повредената сопруга може да сфати дека ако и преземе нешто, нејзиниот сопруг би можел да го загуби неговото семејство, работното место и добриот глас.a Но, всушност тој можеби само го жнее она што си го посеал (Галатјаните 6:7). Невините деца, од друга страна, би можеле да изгубат многу повеќе ако не им се верува и ако никој не ги заштити. Целата нивна иднина е на коцка. Тие ги немаат можностите што ги имаат возрасните. Траумата може доживотно да остави лузна и неповолно да ги обликува. Тие се оние на кои им треба и кои заслужуваат нежно постапување. (Спореди 1. Мојсеева 33:13, 14.)
Затоа, родителите мораат на најразумен начин да се потрудат да ги заштитат своите деца! Голем број одговорни родители одлучуваат да побараат професионална помош за злоупотребеното дете. Како што би сториле со медицински лекар, погрижете се секој таков професионалец да ги почитува вашите религиозни гледишта.b Помогнете му на вашето дете повторно да го изгради своето уништено самопочитување така што постојано ќе му ја изразувате својата родителска љубов.
[Фусноти]
a Во стварноста, силеџијата е тој кој е веќе во неволја и на кој итно му треба помош. Дури и ако виновникот тврди дека му е жал, повредениот брачен другар би можел вака да размислува: Зошто не признал пред неговата жртва да го открие тоа?
b На пример, кога Јеховините сведоци се соочени со спорното прашање во врска со трансфузија на крв, тие водат сметка за тоа лекарот да ги почитува нивните религиозни верувања.