Победата на Јеховините сведоци во битката за родителско право
ИНГРИД ХОФМАН уште од средината на минатата деценија се бори да го задржи правото да ги чува и воспитува своите две деца. Таа е Австријка, родена и воспитана како римо-католик. Се омажила за соверник — католик, и во 1980, родила син, а во 1982, ќерка. Но, во 1983 дошло до развод; обајцата барале право на старателство за децата. Таткото изнел обвинение дека религијата на мајката — таа станала Јеховин сведок — ќе им наштети на децата и дека ќе ги лиши од нормалното, здраво воспитание. Тој навел неколку спорни прашања како што се: одбивањето на Сведоците да слават извесни празници вообичаени во неговата земја и нивното воздржување од трансфузија на крв (Дела 15:28, 29).
Овие привидно добри аргументи не биле убедливи. И истражниот и апелациониот суд ги одбил барањата на таткото и правото на старателство ѝ го доделиле на мајката. Меѓутоа, во септември 1986, Врховниот суд на Австрија ги поништил одлуките на нижите судови. Бил донесен заклучок дека овие одлуки го оскврниле Австрискиот акт за религиозно воспитување — закон кој изискува деца родени како католици да бидат и воспитувани како католици. Судот исто така сметал дека не би било во најдобар интерес на децата да се дозволи да бидат воспитувани како Јеховини сведоци!
Каква отштета примила Ингрид Хофман заради ваквата бучна религиозна предрасуда? Во февруари 1987, нејзиниот случај бил изнесен пред Европската комисија за човечки права. На 13. април 1992, оваа комисија, која е составена од судии кои застапуваат различни земји-членки на Европската заедница, го изнесе случајот за потполно сослушување пред Европскиот суд за човечки права.
Судот заседаваше на 23. јуни 1993. Тој заклучи: „Според тоа, Европскиот суд уважува дека постоела разлика во третманот и дека таа разлика почивала на религиозен темел; овој заклучок е поткрепен со начинот на изразување во одлуката на Врховниот суд [на Австрија] во поглед на практичните последици од религијата на обвинителот. Ваква разлика во третманот е дискриминаторска“ [нагласено од нас]. Понатаму е забележано дека Врховниот суд „фактите ги проценил поинаку од нижите судови, чие расудување освен тоа било поткрепено и со мислењето на експерт по психологија. Наспроти било кои можни спротивни аргументи, разлика која во суштина се темели само на различност во религијата, сама по себе не е прифатлива“.
Со гласање од пет спрема четири, судиите донесоа одлука во корист на Ингрид Хофман а против Австрија, установувајќи дека Австрија постапила дискриминирачки спрема нејзе на темел на нејзината религија и дека го повредила нејзиното право да го подига своето семејство. Освен тоа, со гласање од осум спрема еден, судиите ја надоместија нејзината парична отштета.
Оваа значајна победа за религиозната слобода се одигра само еден месец по една друга победа, токму во истиот тој суд — случајот на Кокинакис против Грција, на кој се утврди дека Грција го повредила човечкото право да се поучува за Божјата Реч од куќа до куќа. Љубителите на слободата по целиот свет се радуваат кога ваквите настојувања да се задуши религиозната слобода се спречени и кога личните права да се обожава Бог и да се подига семејството во склад со библиските начела се заштитени.