Што кажуваат ѕвездите за вас?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД БРАЗИЛ
„ВО ЅВЕЗДИТЕ стои — дали сте чуле? Во јули со Марс ќе сме се судреле?“ Овие зборови од певливата песна на Кол Портер добро го изразуваат вообичаеното и древно верување дека иднината на човекот е на некој начин поврзана со ѕвездите.a Но, дали постои некаква вистинска поврзаност меѓу небесните тела и човечкиот живот на нашата Земја? Ако постои, како влијае тоа врз човештвото? А ако не постои, тогаш, за каква цел всушност служат ѕвездите?
Не изненадува што толку многу луѓе се интересираат за иднината, ако земеме предвид некои неодамнешни драматични настани — падот на Берлинскиот ѕид и рапидното распаѓање на поранешниот Советски Сојуз, недостигот на доверба меѓу политичките лидери, етничката омраза која се појавува во Африка и Европа, верското непријателство во Индија и Ирска, галопирачката инфлација која погодува толку многу земји, и бунтовната младина. Според еден извештај од Универзитетот во Хамбург, 1992 била највоинствената година од крајот на Втората светска војна, со 52 вооружени судири во различни земји. Со право, љубителите на мирот се прашуваат: ‚Каде можеме да побараме стабилност, мир и сигурност?‘
Неизвесноста на она што доаѓа довела до неочекувана голема популарност на различните облици на претскажување на иднината. Најпозната меѓу нив е можеби астрологијата. Астрологијата се разликува од астрономијата по тоа што таа преставува „предвидување на наводните влијанија на ѕвездите и планетите, на основа на нивната позиција и форма, врз работите на човекот и настаните на Земјата“. Денес, милиони луѓе едноставно не можат да одолеат, а да не го прочитаат својот хороскоп за да добијат навестувања за иднината.b
Другите подрачја во кои астролозите тврдат дека ја прорекуваат иднината го вклучуваат исходот на брачните потешкотии и здравствените проблеми, подемот и падот на политичките лидери, најдобриот датум за отворање на нов бизнис, и кои броеви да се користат за да се добие на лотарија.
Еден дописник на Ројтер извести дека Ненси Реган редовно се консултирала со астрологот Џоан Квигли за тоа кога нејзиниот сопруг, тогашен претседател на Соединетите Држави, треба да ги одржува своите говори, кога треба да полета и да слета неговиот авион. New Catholic Encyclopedia наведува дека „Папата Јулиус II [1503-1513] користел астрологија за да го одреди датумот на неговото крунисување, а Павле III [1534-1549] за да го одреди правиот час за секој црковен конзисториум“. Алфред Хјуг, директор на една швајцарска фирма која користи астрологија за да ги советува инвеститорите во врска со берзата, гарантира одлични резултати. „Запишано е во ѕвездите“, тврди тој.
Очигледно, многумина мислат дека ѕвездите навистина влијаат врз животот на луѓето. Како започнала астрологијата? Дали една древна книга, каква што е Библијата, кажува нешто за астрологијата и за астролозите?
[Фусноти]
a „Во древна Кина . . . се мислело дека знаците на небото, како и природните катастрофи, ги одразуваат добрите и лошите дела на Царот и на неговата влада“ (The International Encyclopedia of Astronomy).
b Хороскопот претставува „дијаграм на релативната позиција на планетите и знаците на зодијакот во одредено време (како на пример во времето на раѓањето)“, а астролозите го користат во обидот да претскажат идни настани во животот на еден човек.