Го набљудуваме светот
Гладот погодува голем дел од човештвото
Земјата никогаш порано не произведувала толку многу храна за прехрана на човештвото, па сепак, никогаш порано толку многу луѓе не биле погодени од глад. Новинската агенција Франс-Прес известува дека, според најновите статистички податоци на Светската банка, во 1990 гладот извршил силно влијание врз животите на приближно 1,13 милијарди луѓе, што е повеќе од кога и да е порано. Зафатил скоро 30 отсто од населението во земјите во развој. Најпогодените области во светот биле јужна Азија, каде што 562 милиони луѓе страдаат од глад (49 отсто од населението); Африка, со 216 милиони (47,8 отсто од населението); Блискиот Исток и Северна Африка, со 73 милиони (33,1 отсто од населението); и Латинска Америка и Карибите, со 108 милиони (25,2 отсто од населението). Во овие цифри не се вклучени скоро уште една милијарда луѓе кои страдаат од недоволна исхранетост.
Хомосексуално свештенство
Со години, синодот на Евангелската Лутеранска црква од Хановер (Германија), им допуштал на хомосексуалци да работат како членови на свештенството, само ако немаат хомосексуален партнер. Но според публикацијата The Week in Germany, разрешувањето на еден активен хомосексуалец од неговите свештенички должности пред повеќе од три години, создало многу полемики. Според The Week, властите во Хановер неодамна одобриле еден предлог во кој се наведува дека „пасторите и нивните придружници кои ‚живеат во хомосексуална врска‘ би биле подобни да се вработат во црквата, па и во пасторската служба“.
Игнорирани илјадници растенија
„Повеќе илјадници видови растенија биле користени во историјата како храна на луѓето, но сега се одгледуваат само околу 150, а само три видови обезбедуваат 60 отсто од калориите и протеините што се добиваат од растенијата“, вели Организацијата за исхрана и земјоделство при ОН. Меѓународните земјоделски студии го потврдуваат истото. Луѓето се држат за нивните познати производи — ориз, пченка и пченица — а игнорираат илјадници други хранливи растенија кои се наоѓаат во природата.
Оладување на пеколниот оган
„Црквите повеќе не ги нагласуваат старите проповеди за сулфур и оган“ како што го правеле тоа во минатото, вели Роберт Вутнау, социолог на Принстонскиот Универзитет. Зошто не? „Проклетството веќе не е она што беше некогаш“, известува канадскиот весник The Edmonton Journal. Една неодамнешна Галупова анкета покажала дека иако 60 отсто од Американците рекле дека веруваат во пеколен оган, само 4 отсто очекувале да одат таму. Во Канада, 38 отсто од анкетираните веруваат во пеколен оган; во Шпанија, 27 отсто; а во Шведска, 7 отсто. „Се чини дека концептот за пеколот не ги мотивира луѓето ниту да му служат на Бог ниту да го прифатат Христос како нивни спасител“, тврди пентакосталниот свештеник Брус Клеп. „Учењето [за пеколниот оган] нема воопшто никаква конечна морална смисла“, тврди Том Харпур од The Toronto Star.
Робот кој бере плодови
Најновата иновација во италијанската земјоделска технологија е компјутеризиран робот кој може да набере „до 2.500 портокали на час директно од дрвјата“. Според La Stampa, машината е опремена со осум „извонредно сензитивни“ механички раце, секоја снабдена со електронско око, и програмирана е така да „го перцепира интензитетот на боите“ и да ги избере „зрелите плодови, непогрешиво пропуштајќи ги незрелите, откако благо ќе ги допре“. Роботот, опремен со гасеница, „кого го придвижува дизел мотор, може да работи и дење и ноќе, дури и во лошо време, и да бере портокали од дрвјата што се до три и пол метри високи . . . Во текот на бербата, се движи со максимална брзина од осум километри на час, а брзината на патувањето му изнесува 14 километри на час, со тоа што влече и приколка со носивост до 500 килограми“.
Мала контрола над сопствените животи
И покрај неодамнешните промени во корист на демократиите, 90 отсто од денешното светско население нема никакво влијание врз факторите кои ги обликуваат нивните животи. Тоа е заклучок на Human Development Report 1993, издаден од UN Development Program (UNDP; Програма за развој при ОН). Поранешниот управник на UNDP, Вилијам Дрејпер, во уводот на извештајот рекол дека за мнозинството животот е сѐ уште обликуван со постојани „борби за пристап кон обичните животни можности — земја, вода, работа, простор за живеење и основни социјални услуги“. Извештајот наведува дека „етничките малцинства, сиромашните, селското население, жените и инвалидите имаат малку моќ да ги променат своите животи“.