ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g99 8/3 стр. 8-11
  • Човековите права и неправа денес

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Човековите права и неправа денес
  • Разбудете се! 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Еднаквост за сите?
  • Деца без детство
  • Избирање и менување на сопствената религија
  • Измачен грб но празен паричник
  • Медицинска нега за сите?
  • Видик од 29-тиот спрат
    Разбудете се! 1999
  • „Завршена е една голема работа“
    Разбудете се! 1999
  • Човекови права за сите — светска реалност!
    Разбудете се! 1999
  • Права без одговорности?
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 1999
g99 8/3 стр. 8-11

Човековите права и неправа денес

ПОБОРНИЦИТЕ за човекови права неодамна направија еден подвиг. Прво, тие обединија повеќе од 1.000 организации и 60 земји во едно движење наречено Меѓународна кампања за забрана на копнени мини (ICBL). Потоа, со напор склучија една меѓународна спогодба со која се забрануваше ова оружје. После тоа, ICBL и нејзиниот неуморен директор, американската активистка Џоди Вилијамс, ја доби Нобеловата награда за мир за 1997.

Но, таквите постигнувања доаѓаат со една отрезнувачка фуснота. Како што забележува Human Rights Watch World Report 1998, универзалноста на човековите права сѐ уште се наоѓа „под постојан напад“. А за тоа не се виновни само таканаречените инфериорни диктаторства. „Големите сили“, вели извештајот, „покажале значителна склоност да ги игнорираат човековите права кога тие не им одговарале на економските или на стратегиските интереси — проблем кој е вообичаен и за Европа и за Соединетите Држави.“

За милиони луѓе ширум светот е невозможно да ги игнорираат кршењата на човековите права. Нивната секојдневна состојба сѐ уште носи белег на дискриминација, сиромаштија, глад, прогонство, силување, злоупотреба на деца, ропство и насилничка смрт. За овие жртви, ветувачките околности изнесени во сѐ поголемиот куп спогодби за човекови права се оддалечени илјадници милји од светот што го познаваат. Всушност, за поголемиот дел од човештвото, дури и основните права наведени во 30-те членови на Универзалната декларација за човекови права остануваат едно неисполнето ветување. Заради илустрација, да разгледаме накратко како некои од возвишените права спомнати во Декларацијата функционираат во секојдневниот живот.

Еднаквост за сите?

Сите човечки суштества се родени слободни и еднакви во достоинството и во правата (член 1).

Еден поранешен нацрт на член 1 на Универзалната декларација гласел: „Сите луѓе се . . . еднакви“. Меѓутоа, за да се осигура дека оваа изјава нема да биде сфатена со значење дека жените се исклучени, женските членови на комисијата за нацрти инсистираа да се промени начинот на изразување. Тие преовладале и, „сите луѓе . . . се еднакви“ станало „сите човечки суштества се . . . еднакви“ (курзивот е од нас). Но, дали со промената на изразувањето на овој член се променила и положбата на жените?

На 10 декември 1997, Денот на човековите права, првата дама на Соединетите Држави, Хилари Клинтон, им рекла на ОН дека светот и понатаму „ги третира жените како помалку од комплетни граѓани“. Таа дала неколку примери: Од сиромашните во светот, 70 проценти се жени. Две третини од 130-те милиони деца во светот кои не можат да одат на училиште се девојчиња. Две третини од 96-те милиони неписмени во светот се жени. Исто така, жените многу страдаат од домашно и сексуално насилство кое, додала г-ѓа Клинтон, останува „едно од најнеизвестуваните и најраширените кршења на човековите права во светот“.

Некои жени паѓаат како жртви на насилство уште пред да се родат. Особено во некои азиски земји, некои мајки ги абортираат своите неродени ќерки затоа што повеќе сакаат синови отколку ќерки. Во некои места поголемата склоност кон синови направила да процвета бизнисот со генетското тестирање за селекција на полот. Една клиника за откривање на полот ги рекламирала своите услуги сугерирајќи дека е подобро да се потрошат 38 долари сега за да му се стави крај на женскиот фетус отколку да се потрошат 3.800 долари подоцна за да се плати нејзиниот мираз. Таквите реклами се успешни. Едно истражување спроведено во една голема азиска болница открило дека 95,5 проценти од фетусите кои се идентификувани како женски биле абортирани. Поголемата склоност кон синови е присутна и во други делови од светот. Кога еден поранешен боксерски шампион на САД бил запрашан колку деца има, тој одговорил: „Едно машко и седум грешки“. Публикацијата Women and Violence при ОН забележува дека „за да се промени ставот и менталитетот на луѓето спрема жените, ќе треба многу време — барем една генерација, веруваат многумина, а можеби и подолго“.

Деца без детство

Никој не треба да се држи во ропство или да слугува; ропството и трговијата со робови треба да се забранат во сите нивни облици (член 4).

На хартија, ропството е мртво. Владите потпишале безброј спогодби со кои ропството е прогласено за противзаконско. Сепак, според Британското здружение против ропството, познато како најстара организација за човекови права во светот, „денес има повеќе робови од кога и да е порано“. Ропството во денешно време вклучува различни кршења на човековите права. Се вели дека присилната детска работа е еден облик на ропство во денешно време.

Дериван, едно момче од Јужна Америка, е еден жален пример. ‚Неговите мали раце се огрубени од држењето рапави листови од сисал, нитка од растение што се користи за да се прават душеци. Неговата работа е да ги собира листовите во складиште и да ги носи до машината за преработување која е оддалечена околу 90 метри. До крајот на секој 12-часовен работен ден, тој има пренесено еден тон лисја. Дериван почнал да работи кога имал пет години. Денес има 11 години‘ (World Press Review).

Меѓународната служба за труд проценува дека денес една четвртина од милијарда деца на возраст помеѓу 5 и 14 години се деца аргати — војска од мали работници која е речиси исто толку голема колку вкупното население на Бразил и Мексико! Многу од овие деца без детство се мачат во рудниците, влечејќи колички полни со јаглен; се тетерават низ калта до приносите жетва; или се веднат над разбоите за да ткаат килими. Дури и малите деца — на возраст од три, четири или пет години — се ставени во јарем за да ораат, сеат и жнеат по полињата од утро до мрак. „Децата“, вели еден земјопоседник во една азиска земја, „се поевтини за одржување од тракторите и попаметни се од воловите.“

Избирање и менување на сопствената религија

Секој има право на слобода на мислење, совест и религија; ова право вклучува и слобода да ја промени својата религија (член 18).

На 16 октомври 1997, Генералното собрание на ОН добило „привремен извештај за елиминација на сите облици на религиозна нетолеранција“. Извештајот, подготвен од специјалниот репортер на Комисијата за човекови права, Абделфата Амор, набројува постојани кршења на член 18. Зборувајќи за различни земји, извештајот наведува бројни случаи на ‚шиканирање, закани, малтретирање, апсења, притвори, исчезнувања и убиства‘.

Слично на тоа, 1997 Human Rights Reports составен од Бирото за демократија, човекови права и труд на САД, истакнува дека дури и земјите со долга традиција на демократија „настојувале да ја ограничат слободата на некоја поинаква група малцински вери, групирајќи ги сите како ‚култови‘“. Таквите трендови се причина за загриженост. Вили Фотре, претседател на организацијата за Човекови права без граници, основана во Брисел, забележува: „Религиозната слобода е еден од најдобрите показатели на општата состојба на човековата слобода во секое дадено општество“.

Измачен грб но празен паричник

Секој што работи има право на праведен и поволен хонорар со кој ќе обезбеди егзистенција за себе и за своето семејство, достојна на човечкото достоинство (член 23).

Сечачите на шеќерна трска на Карибите можеби заработуваат по три долари дневно, но трошоците за наемнината и за алатите веднаш им натоваруваат долг кон сопствениците на плантажите. Освен тоа, ним не им се плаќа во готово, туку со потврда. И бидејќи магацинот на плантажата на компанијата е единствениот магацин до кој можат да дојдат сечачите, тие се присилени оттаму да купуваат масло за готвење, ориз и грав. Меѓутоа, како услужна такса што ги прима потврдите на работниците, магацинот задржува 10 до 20 проценти од вредноста на потврдата. Бил О’Нил, заменик директор на Правниот совет за човекови права, во една радио-емисија за ОН рекол: „На крајот на сезоната, тие немаат што да покажат од седмиците и месеците исцрпувачка работа. Немаат заштедено ниту пени и едвај можат да ја преживеат таа сезона“.

Медицинска нега за сите?

Секој има право на животен стандард адекватен за здравјето и благосостојбата на него и на неговото семејство, вклучувајќи храна, облека, живеалиште и медицинска нега (член 25).

‚Рикардо и Хустина се сиромашни фармери од Латинска Америка кои живеат на оддалеченост од 80-тина километри од најблискиот град. Кога се разболело нивното бебе Хема, го однеле во една блиска здравствена клиника, но персоналот ги вратил затоа што било очигледно дека Рикардо не можел да ги плати трошоците. Следниот ден Хустина позајмила пари од соседите за да го плати превозот и тргнала на долг пат до градот. Кога Хустина и бебето конечно дошле до малата државна градска болница, на Хустина ѝ рекле дека нема слободни кревети и да дојде повторно следното утро. Бидејќи немала роднини во градот ниту, пак, пари за да изнајми соба, ја минала ноќта крај една тезга на јавниот пазар. Хустина го држела бебето блиску до себе за да го утеши и да го заштити, но напразно. Истата ноќ малата Хема умрела‘ (Human Rights and Social Work).

Ширум светот, секој четврти човек едвај преживува со еден (американски) долар дневно. Тие се соочуваат со истата дилема на смртта како Рикардо и Хустина: приватната здравствена нега е достапна но не можат да си ја дозволат, додека јавната здравствена нега можат да си ја дозволат но не е достапна. Трагично е тоа што, иако преку милијардата сиромашни во светот го добиле ‚правото на медицинска нега‘, користите од медицинската нега сѐ уште им се вон дофат.

Ужасниот попис на кршење на човековите права нема крај. Ситуациите како оние што беа спомнати претходно можат да се повторат стотици милиони пати. И покрај огромните напори на организациите за човекови права, како и покрај оддаденоста на илјадници активисти кои дословно ги ризикуваат своите животи за да ја подобрат судбата на мажите, жените и децата ширум светот, човековите права за сите остануваат само сон. Дали тие некогаш ќе станат реалност? Сосема сигурно да, но најнапред мора да се случат неколку промени. Следната статија ќе разгледа две такви промени.

[Извор на слика на страница 8]

Со љубезна дозвола на MgM Stiftung Menschen gegen Minen (www.mgm.org)

[Извори на слики на страница 9]

ФОТОГРАФИЈА НА ОН 148051/J. P. Laffont–SYGMA

Фотографија на СЗО/PAHO од J. Vizcarra

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели