„Завршена е една голема работа“
ПРЕД 50-тина години, една жена која изгледаше како некоја мила бабичка зборуваше, а светот слушаше. Тоа се случи во Париз, на 10 декември 1948. Генералното собрание на Обединетите нации се состана во новоизградената Палата „Шејо“ кога претседавачката на Комисијата за човекови права на ОН стана да изнесе говор. Со цврст глас, Елинор Рузвелт, високата вдовица на поранешниот претседател на САД, Франклин Рузвелт, им рече на оние кои беа собрани: „Денес стоиме на прагот на еден голем настан како во животот на Обединетите нации така и во животот на човештвото, а тоа е одобрувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание“.
Откако таа ги прочита одлучните реченици од преамбулата на Декларацијата и нејзините 30 одредби, Генералното собрание го усвои документот.a Потоа, во чест на извонредното раководство на г-ѓа Рузвелт, членовите на ОН громогласно ѝ аплаудираа на „Првата дама на светот“, како што беше нарекувана таа. Кога заврши тој ден, таа напиша: „Завршена е една голема работа“.
Од многу мислења до една декларација
Две години пред тоа, во јануари 1947, кратко откако започна со работа комисијата на ОН, стана јасно дека составувањето на документ за човекови права со кој ќе се согласат сите членки на ОН ќе биде огромна задача. Уште од почетокот, 18-члената комисија заглави во бескрајни расправии поради длабоки разидувања. Делегатот од Кина сметаше дека документот треба да ја содржи и филозофијата на Конфучие, еден католички член на комисијата го унапредуваше учењето на Тома Аквински, Соединетите Држави се залагаа за американската Повелба на правата, а Советите сакаа да ги вклучат идеите на Карл Маркс — ова се само неколку од силните мислења што беа изнесени!
Постојаните караници меѓу членовите на комисијата ја ставија на испит стрпливоста на г-ѓа Рузвелт. Во 1948, за време на едно предавање на Сорбона во Париз, таа спомна дека порано мислела дека подигањето на нејзиното големо семејство ги ставило на испит границите на нејзината стрпливост. Меѓутоа, „за да се претседава со Комисијата за човекови права, треба уште поголема трпеливост“, изјави таа на задоволство на нејзината публика.
Сепак, нејзиното искуство како мајка очигледно се покажало корисно. Во тоа време еден репортер напишал дека начинот на кој г-ѓа Рузвелт постапувала со членовите на комисијата го потсетил на некоја мајка која „раководи со едно големо семејство од честопати бучни, понекогаш непокорни но во основа добродушни деца, кои одвреме навреме треба одлучно да се доведат во ред“ (Eleanor Roosevelt—A Personal and Public Life). Сепак, додавајќи грациозност кон одлучноста, таа доби бодови без да си направи непријатели од своите противници.
Како резултат на тоа, после две години состаноци, стотици амандмани, илјадници изјави и 1.400 круга гласање практично за секој збор и за секоја клаузула, комисијата изготви документ во кој се набројуваа човековите права за кои се веруваше дека им припаѓаат на сите мажи и жени, секаде во светот. Беше наречен Универзална декларација за човекови права. Со тоа беше исполнета една мисија која понекогаш изгледаше невозможна.
Големи очекувања
Се разбира, не се очекуваше ѕидовите на угнетувањето да се срушат при звукот на првата труба. Сепак, усвојувањето на Универзалната декларација создаде големи очекувања. Тогашниот претседател на Генералното собрание на ОН, д-р Херберт В. Еват од Австралија, предвиде дека „милиони мажи, жени и деца од целиот свет, оддалечени многу километри од Париз и Њујорк, ќе се свртат кон овој документ за да добијат помош, водство и инспирација“.
Поминаа 50-тина години откако д-р Еват ги кажа тие зборови. За сето тоа време, многумина навистина се свртеа кон Декларацијата како водич и ја користеа како мерило за да го измерат степенот на почитување на човековите права во светот. Што открија кога го направија тоа? Дали државите членки на ОН го задоволуваат ова мерило? Каква е ситуацијата со човековите права во светот денес?
[Фуснота]
a Четириесет и осум земји гласаа за, а ниту една против. Меѓутоа, денес сите 185 земји-членки на ОН, вклучувајќи ги и оние кои беа воздржани во 1948, ја потпишаа оваа Декларација.
[Рамка на страница 4]
Што се човекови права?
Обединетите нации ги дефинираат човековите права како „права кои се својствени за нашата природа и без кои не можеме да живееме како човечки суштества“. Човековите права се опишани и како „заеднички јазик на човештвото“ — и тоа со право. Исто како што способноста да научиме да зборуваме некој јазик е вродена особина која нѐ прави луѓе, така има и други вродени потреби и особини кои нѐ издвојуваат од другите суштества на земјата. На пример, луѓето имаат потреба од спознание, уметничко изразување и духовност. Човекот кој е лишен од исполнувањето на овие основни потреби, присилен е да живее едно подчовечко постоење. За да ги заштитиме луѓето од таквото лишување, објаснува еден правник за човекови права, „го користиме терминот ‚човекови права‘ наместо ‚човекови потреби‘ затоа што, правно говорејќи, зборот ‚потреба‘ не е толку силен како зборот ‚право‘. Нарекувајќи го ‚право‘, го издигнуваме задоволувањето на човековите потреби на нешто што морално и легално му припаѓа на секој човек“.
[Рамка/слика на страница 5]
Универзалната декларација за човекови права
Писателот и добитникот на Нобелова награда Александар Солженицин ја нарекол Универзалната декларација „најдобар документ“ што некогаш го напишале ОН. Еден поглед на нејзината содржина покажува зошто многумина се согласуваат со тоа.
Основната филозофија на Декларацијата е изложена во член 1: „Сите човечки суштества се родени слободни и еднакви во достоинството и во правата. Тие се обдарени со разум и совест и треба да постапуваат еден со друг во дух на братство“.
Врз таа основа, составувачите на Декларацијата обезбедиле две групи човекови права. Првата група е образложена во член 3: „Секој има право на живот, слобода и сигурност на личноста“. Овој член ја сочинува основата на човековите граѓански и политички права наведени во членовите 4 до 21. Втората група се заснова на член 22, кој делумно гласи дека секому му припаѓа остварување на правата кои се „неопходни за неговото достоинство и за слободниот развој на неговата личност“. Ова ги поткрепува членовите 23 до 27, кои детално ги изложуваат човековите економски, социјални и културни права. Универзалната декларација беше првиот меѓународен документ кој ја призна оваа втора група права како дел од основните човекови права. Таа беше и првиот меѓународен документ кој воопшто го користеше терминот „човекови права“.
Бразилскиот социолог Рут Роча со едноставни зборови објаснува што ни кажува Универзалната декларација: „Не е важно на која раса ѝ припаѓате. Не е важно дали сте маж или жена. Не е важно кој јазик го зборувате, на која религија ѝ припаѓате, кои се вашите политички мислења, од која земја доаѓате или која е Вашата фамилија. Не е важно дали сте богат или сиромашен. Не е важно од кој дел на светот доаѓате; дали Вашата земја е кралство или република. Овие права и слободи треба да ги има секој“.
Откако беше усвоена, Универзалната декларација беше преведена на преку 200 јазици и стана дел од уставите на многу земји. Меѓутоа, денес некои водачи сметаат дека Декларацијата треба да се напише одново. Но, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, не се согласува со тоа. Една службеничка на ОН го цитира: „Исто како што нема потреба одново да се напише Библијата или Коранот, нема потреба да се менува ни Декларацијата. Она што треба да се промени не е текстот на Универзалната декларација туку однесувањето на оние кои ја следат“.
Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан
[Извор на слика]
UN/DPI фотографија на Еван Шнајдер (фев. 97)
[Слика на страница 3]
Г-ѓа Рузвелт ја држи Универзалната декларација за човекови права
[Извор на слика]
Г-ѓа Рузвелт и симболот на 3., 5. и 7. страница: фотографија на ОН