Човекови права за сите — светска реалност!
„КОЈА е коренската причина за кршењето на човековите права?“ — тоа прашање ѝ било поставено на една искусна правничка за човекови права. „Алчноста“, одговорила правничката. „Алчноста за политичка и економска моќ.“ А бидејќи алчноста произлегува од човековиот ум, кршењето на човековите права несомнено ја одразува умствената состојба. Друга причина е национализмот. Филозофијата „прво мојата земја“ е гориво за кршење на човековите права. Според тоа, човековите права ќе бидат реализирани само ‚ако дојде една светска влада која е во состојба да преземе присилни мерки‘, вели холандскиот професор по право и економија Јан Беркуар.
Со други зборови, за човековите права да станат глобална реалност, најнапред треба да се случат барем две работи: промена на умот и промена на владата. Дали е реално да се очекува да се случи тоа?
Двојна причина за промена
Додека деценијата на ОН за едукација за човековите права штотуку навлегува во својата петта година, веќе со децении една меѓународна невладина програма за едукација успева да ги промени умовите на милиони луѓе. Како резултат на тоа, овие поединци сега постапуваат достоинствено со своите ближни. Оваа програма, што ја спроведуваат Јеховините сведоци, се одвива во повеќе од 230 земји. Зошто е успешна?
Како прво, оваа глобална библиска образовна програма го проширува разбирањето на луѓето за потеклото на човековите права. Универзалната декларација на човекови права наведува дека човекот има права затоа што е разумно и морално суштество.
Човекот мора да ги добил своите способности за разум и совест од некој повисок извор. (Видете ја рамката „Изворот на човековите права“, на страница 13.) Признавањето на овој повисок, божествен извор дава силна причина за да го почитувате својот ближен. Тогаш постапувате достоинствено кон другите не само затоа што Вашата совест Ве тера на тоа туку, што е уште поважно, затоа што Вашето почитување и љубов кон Творецот Ве поттикнуваат да постапувате достоинствено кон неговото творештво. Овој двоен пристап се темели на зборовите на Исус Христос: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ и „возљуби го својот ближен како себеси!“ (Матеј 22:37—39). Лицето кое длабоко го почитува Творецот никогаш не би ги прекршило правата на својот ближен, бидејќи тие се наследство добиено од Бог. Прекршителот на човековите права е крадец на наследства.
Образование кое ги менува работите
Колку успешно дејствува библиската образовна програма на Јеховините сведоци за да се намали кршењето на човековите права? Најдобар начин да се даде одговор е да се разгледаат резултатите од програмата бидејќи, како што рекол Исус, „се оправда Премудроста со своите дела“ (Матеј 11:19).
Еден многу познат натпис на еден ѕид на плоштадот на Обединетите нации во Њујорк Сити, гласи: „Ќе ги прековаат своите мачеви во плугови. А нивните копја во српови: Народ нема да крене меч против народ. Ниту, пак, повеќе ќе се учат на војна“. Со овој цитат од библиската книга Исаија, 2. поглавје, 4. стих, King James Version, ОН укажува на еден главен начин како да се намали масовното кршење на човековите права, како и да се стави крај на војувањето. На крајот на краиштата, војната е ‚антитеза на човековите права‘, како што се изразува една публикација на ОН.
Образовната програма на Јеховините сведоци оди чекор подалеку од идејата да се запишат на камен ѕид зборовите од Исаија. Таа ги „пишува“ Исаиините зборови на човечките срца. (Споредете Евреите 8:10.) Како? Оваа програма ги расчистува расните и етничките бариери и ги руши ѕидовите на национализмот со тоа што поучува за библиското гледиште за расата: Постои само една раса — човечката (Дела 17:26). Оние кои се вклучени во програмата имаат желба да ‚се угледаат на Бога‘, за кого Библијата вели: „[Тој] не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Ефесјаните 5:1; Дела 10:34, 35).
Како резултат на ова библиски темелено образование, милиони луѓе денес ‚повеќе не се учат на војна‘. Настанала промена во умот и во срцето. И таа промена е трајна. (Видете ја рамката „Образование за мир“, на страница 14.) Засега, во просек повеќе од 1.000 луѓе секој ден го завршуваат основниот курс за проучување што го водат Јеховините сведоци и влегуваат во редовите на оваа светска сила за мир.
Колку длабоко е вкоренета оваа промена на умот и последователната одлука да се почитуваат човековите права со одбивање да се учествува во војна? Многу длабоко. Да дадеме еден пример: Длабочината на почитувањето на Сведоците кон човековите права била ставена на макотрпен испит за време на II светска војна, особено во нацистичка Германија. Историчарот Брајан Дун изјавил: „Јеховините сведоци немаа ништо заедничко со нацизмот. Нивната политичка неутралност им беше поважна од приговорите на нацистите. Тоа значеше дека ниту еден верник не носи оружје“ (The Churches’ Response to the Holocaust). Во A History of Christianity, Пол Џонсон рекол: „Многумина беа осудени на смрт затоа што одбија воена служба . . . или, пак, завршија во Дахау или во лудниците“. И покрај тоа, тие останале цврсти. Социологот Ана Павелшинска ги опишала тие Сведоци како „малечко островче на неуморен отпор кој постои во пазувите на една тероризирана нација“.
Замислете си само колку директен и драматичен пад во кршењето на човековите права би имало ширум светот доколку сите луѓе денес би зазеле ваков став и ‚повеќе не би се учеле за војна‘.
Светска влада — ,утопија‘?
‚Предизвик е да се промени умот, но да се создаде една светска влада е утопија‘, забележал еден вработен во ОН. И навистина, фактот што нациите не биле спремни да се откажат од својата сувереност во однос на ОН или на некоја друга организација, го подвлекува овој заклучок. Сепак, оние кои ја отфрлаат идејата за светска влада, забележува професор Беркувер, „имаат морална обврска да посочат други средства за решавање на светските проблеми. Меѓутоа, не постојат алтернативни решенија“, кои би биле само човечки решенија. Но, постои едно надчовечко решение. Кое е тоа?
Токму онака како што Библијата покажува дека Творецот е изворот на способностите кои лежат во основата на човековите права, таа нѐ информира и за тоа дека тој е изворот на една светска влада која ќе ги засигура. Оваа небесна влада е невидлива, но реална. Всушност, милиони луѓе, можеби и несвесно, се молат за оваа светска влада кога, во она што е општо познато како Господова молитва, велат: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Од Бог наименуван Водач на таа влада на Царството е Кнезот на мирот, Исус Христос (Исаија 9:6).
Оваа светска влада ќе успее да создаде една навистина глобална и трајна култура на човекови права со тоа што, меѓу другото, засекогаш ќе ја отстрани војната. Библијата прорекува: „Прекратувајќи ги војните до крајот на земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби оружјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори“ (Псалм 45:9).
Колку скоро ќе се случи ова во глобални размери? Програмата за проучување на Библијата што ја спроведуваат Јеховините сведоци вклучува задоволителен одговор на ова прашање. Ве охрабруваме да се запознаете со оваа програма.a Ако Ви се важни човековите права, нема да се разочарате.
[Фуснота]
a Ако сакате да добиете повеќе информации за оваа библиска образовна програма, контактирајте со издавачите на ова списание или со Јеховините сведоци во Вашето место. Програмата се обезбедува бесплатно.
[Рамка на страница 13]
Изворот на човековите права
Првиот член од Универзалната декларација за човекови права вели дека „сите човечки суштества се родени слободни и еднакви во достоинството и во правата“. Затоа човековите права се опишани како наследно право кое се пренесува од родителите на децата, исто како што една река ја носи водата до оние кои живеат покрај нејзините брегови. Каде започнала оваа река на човекови права?
Според Универзалната декларација, човечките суштества имаат права затоа што „се надарени со разум и совест“. Една публикација на ОН објаснува: „Поради тоа што човекот е разумно и морално суштество, тој е поинаков од другите суштества на Земјата и затоа е овластен на извесни права и слободи кои другите созданија ги немаат“ (курзивот е од нас). Значи, се вели дека поседувањето разум и совест е основа за поседувањето човекови права. Бидејќи тоа е така, изворот на човечкиот разум и совест е извор и на човековите права.
Изјавата дека човековите права се поврзани со разумот и совеста ги става пред една загатка активистите за човекови права кои ја поддржуваат биолошката еволуција. Проеволуционистичката книга Life Ascending признава: „Збунети сме кога ќе се запрашаме како можел еден процес [еволуцијата] . . . да создаде такви особини како што се љубов кон убавината и вистината, сочувство, слобода и, пред сѐ, опсежност на човечкиот дух“. И тоа е сосема точно. На крајот на краиштата, да се тврди дека човековата способност за разум и за совест потекнува од потчовечки предци кои немале разум и совест е исто како да се изјави дека една река потекува од бунар без вода.
Бидејќи човековите способности за разум и совест не можат да произлезат од подчовечки извор, овие способности мора да потекнуваат од некој надчовечки извор. Само луѓето ги поседуваат особините кои имаат врска со човековите права — разум и совест — затоа што, за разлика од животните, луѓето се создадени по Божјиот „образ“, објаснува Библијата (1. Мојсеева 1:27). Значи, како што забележува книгата Human Rights—Essays on Justification and Applications, валиден одговор на прашањето зошто луѓето имаат морални права е тоа дека „тие имаат вродена вредност или достоинство или дека се . . . Божји деца“.
[Рамка/слики на страница 14]
Образование за мир
Пред неколку години, додека војната го растргнуваше Балканот, Бранко служел во вооружената гарда во една клиника во хрватскиот дел на Босна.b Еден лекар таму ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци и една ноќ му раскажал на Бранко што научил од таа студија. Она што го чул го поттикнало Бранко да расчисти со оружјето. После некое време, откако се преселил во друга европска земја, Бранко отишол на еден состанок на Јеховините сведоци и таму се запознал со Слободан.
И Слободан бил од Босна. Тој учествувал во истата војна како и Бранко — но во спротивниот табор. Слободан се борел за Србите, а против Хрватите. Кога се сретнале тие двајцата, Слободан веќе станал Јеховин сведок и му понудил на Бранко, својот поранешен непријател, да ја проучува Библијата со него. Како што напредувала студијата, растела и љубовта на Бранко кон неговиот Творец, Јехова. Не поминало долго време кога тој одлучил да стане Јеховин сведок.c
И самиот Слободан станал Сведок со помош на еден поранешен непријател. Како? Па, откако ја напуштил воената зона во Босна, кај Слободан дошол во посета Мујо, кој исто така бил од Босна но бил воспитан во религија сосема поинаква од религијата на Слободан. Сега Мујо бил Јеховин сведок. Иако порано биле непријатели, Слободан ја прифатил понудата на Мујо да ја проучува Библијата со него и подоцна направил чекор да стане Јеховин сведок.
Што ги навело овие луѓе да ја надминат длабоко вкоренетата етничка омраза и од непријатели да станат пријатели? Преку нивната библиска студија, тие развиле љубов кон Јехова. После тоа биле спремни да бидат ‚научени од Бога да се сакаат еден со друг‘ (1. Солунјаните 4:9). Како што професор Воичек Моделевски ги гледа Јеховините сведоци во целина, „клучниот фактор за нивниот мирољубив став е идејата уште сега да се следат начелата откриени во Библијата“.
[Фусноти]
b Сите имиња спомнати во оваа рамка се сменети.
c На негова голема радост, Бранко подоцна дознал дека и лекарот кој на почетокот зборувал со него станал Јеховин сведок.
[Слики на страница 11]
Промена на умот и на владата — дали некогаш ќе се случи?
[Извор на слика]
Фотографија на U.S. National Archives
[Слики на страници 12 и 13]
Библиското образование предизвикува позитивна промена на умот