Објавителите на Царството известуваат
Поранешни непријатели обединети во служењето на Јехова
„ПРВПАТ слушнав нешто за Јеховините сведоци додека служев како вооружен стражар во Босна“, објаснува Бранко.a
Бранко бил на стражарска должност во една болница во која биле лекувани ранетите. Еден од лекарите ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци и, во текот на една ноќна смена, тој му зборувал на Бранко за она што го имал научено од Библијата.
Она што го слушнал таа ноќ толку го трогнало Бранко што веднаш го оставил своето оружје. Сакајќи да научи нешто повеќе, стапил во контакт со Сведоците. Малку подоцна, откако се преселил во една друга европска земја, Бранко побарал Сала на Царството и присуствувал на еден состанок во југословенското собрание на Јеховините сведоци. Таму се запознал со Слободан.
Слободан исто така бил од Босна и имал служено како доброволец во истата војна како и Бранко — но на спротивната страна. Слободан се борел за Србите, против Хрватите. До времето кога се сретнале тие двајца, Слободан веќе станал крстен Јеховин сведок. Тој се понудил да ја проучува Библијата со Бранко, својот поранешен непријател. Како што напредувала студијата, Бранко сѐ повеќе учел за Јехова, а неговата љубов кон Него растела. Ова го поттикнало Бранко да му го предаде својот живот на Творецот. Во октомври 1993 година, тој го симболизирал своето предание со крштавање во вода.
На кој начин Слободан станал Јеховин сведок? Кратко пред тоа, тој ја напуштил воената зона во Босна. Прочитал некои публикации на Сведоците, но неговиот интерес за Божјата Реч почнал да расте дури на почетокот од 1992 година, кога во неговиот дом дошле двајца Сведоци. Кој дошол кај Слободан, понудувајќи му да ја проучува Библијата со него? Тоа бил Мујо, кој исто така бил од Босна, но израснал како муслиман. Како што библиската студија напредувала, Мујо и Слободан, некогашни непријатели, веќе секој ден минувале заедно едно извесно време за да ја зајакнат верата еден на друг.
Војната во поранешна Југославија одзеде животи на стотици илјади луѓе. Но Бранко, Слободан и Мујо сега служат како полновремени проповедници на добрата вест во исто собрание на Јеховините сведоци. Тие го надминале етничкиот и расниот судир и сега бараат мир додека му се подложуваат на Творецот, Јехова.
Но, што довело до вакви промени? Тоа била љубовта кон Јехова, нивното почитување кон Библијата и нивната готовност да ја применат библиската вистина во својот живот. Како што вели Светото писмо, „словото Божјо е живо и дејствува . . . и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).
[Фуснота]
a Користени се псевдоними.