Атомската бомба „го ослободи“ татко ми од затвор
На 6 август 1945, во 8.15 часот над Хирошима (Јапонија) експлодирала атомска бомба која го уништила градот и збришала десетици илјади животи. Бидејќи татко ми одбил да го обожава царот и да го поддржува јапонскиот милитаризам, во тоа време се наоѓал во затворот во Хирошима.
ТАТКО МИ често пати раскажуваше што се случило тоа незаборавно утро. „На таванот од мојата ќелија болсна светилката“ — рече тој. „Тогаш чув ужасно силен татнеж, небаре сите планини паднале наеднаш. За миг ќелијата беше сосема темна. Ја вовлеков главата под душекот за да го избегнам она што изгледаше како некаков темен гас.
По седум-осум минути ја кренав главата од под душекот и забележав дека ‚гасот‘ беше исчезнал. Повторно беше светло. Работите од полицата беа испопаѓале и врз нив се беше спуштила голема количина прав, што создаваше вистински неред. Поради високиот ѕид што го опколуваше затворот, однадвор не продре никаков оган.
Погледнав низ задното прозорче и како да ме погоди гром! Сите затворски работилници и бараки беа срамнети со земја. Потоа погледнав низ предното прозорче. Ќелиите од спротивниот блок беа парампарче. Преживеани затвореници викаа на помош. Владееше страв и паника — сцена на жалосна конфузија и ужас.“
Како момче, напнато го слушав татко ми додека раскажуваше за тоа „како атомската бомба го ослободила од затвор“. Ја раскажуваше таа приказна без никакво чувство на вина, затоа што бил неправедно затворен. Пред да ви раскажам за обвиненијата против татко ми и за тоа како постапувале со него во текот на годините в затвор, да ви објаснам како моите родители се поврзале со Тодајша, како што тогаш бил наречен Watch Tower Bible and Tract Society во Јапонија.
Трагање по цел
Татко ми бил горлив љубител на книги, и уште рано во животот сакал да се образува и да напредува. Уште додека бил во петто одделение основно училиште, се извлекол од дома од Ишиномори во североисточна Јапонија. Со едвај точно пари за билет во еден правец, се качил на воз за Токио, каде што сакал да стане слуга на Шигенобу Окума, кој двапати бил премиер на Јапонија. Но, кога ова бедно облечено селанче се појавило во домот на г-н Окума, неговото барање за вработување било одбиено. Подоцна татко ми добил работа и стан во една млекарница.
Уште како тинејџер почнал да посетува политички и научни предавања. На едно предавање била спомната Библијата како многу важна книга. Така, татко ми набавил Библија, како и упатства за секундарна литература и еден библиски атлас. Бил длабоко импресиониран од она што го прочитал и бил поттикнат да врши таква работа која би му користела на целото човештво.
Најпосле се вратил дома и во април 1931, на 24 години, се оженил со 17-годишната Хагино. Набргу по неговата женидба, еден роднина му испратил литература издадена од Тодајша. Импресиониран од она што го прочитал, татко ми испратил писмо до Тодајша во Токио. Во јуни 1931, една полновремена објавителка од Сендај, по име Мацуе Ишии, го посетила во Ишиномори.a Татко ми зел комплет книги од неа, меѓу кои The Harp of God (Божја харфа), Creation (Создавање) и Government (Влада).
Пронаоѓање на цел во животот
За кратко време татко ми забележал дека разни црковни учења, како оние дека човекот поседува бесмртна душа, дека злите вечно горат во пеколен оган и дека Творецот е троеден Бог, се лажни (Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4; Јован 14:28). Исто така сфатил дека на овој свет му претстои крај (1. Јованово 2:17). Сакајќи да дознае што треба да направи, контактирал со наименуваниот претставник на Тодајша, кој го посетил татко ми во август 1931 и, како резултат на нивните дискусии, татко ми се крстил и решил да стане полновремен слуга на Јехова.
После обемни дискусии, и мајка ми се уверила дека она што го научила од Библијата е вистината. Таа му го предала својот живот на Јехова и се крстила во октомври 1931. Кога татко ми го дал имотот на лицитација, неговите роднини мислеле дека се поместил од умот.
Живот како полновремени слуги
Сите пари што ги добил од лицитацијата, татко ми ѝ ги оставил на неговата мајка и, во ноември 1931, тој и мама заминале за Токио. Иако немале добиено инструкции за тоа како да разговараат со другите за добрата вест за Царството, тие уште веднаш започнале да проповедаат утредента откако пристигнале таму (Матеј 24:14).
Животот не им бил лесен. Особено ѝ било тешко на мајка ми, која тогаш имала само 17 години. Немало ни Јеховини сведоци, ни состаноци и собранија — само дневен распоред за дистрибуирање на библиска литература од куќа до куќа, од 9 до 16 часот.
Во 1933, добиле нова доделба — од Токио биле испратени во Кобе. Таму, на 9 февруари 1934 сум се родил јас. Мајка ми ревносно работела во службата сѐ до месецот пред моето раѓање. Потоа моите родители се селеле во Јамагучи, во Убе, во Куре и, најпосле во Хирошима, проповедајќи во секое место по околу една година.
Моите родители се уапсени
Кога јапонскиот милитаризам се засилил, публикациите на Watch Tower Society биле забранети, а Сведоците биле ставени под строга присмотра од страна на Специјалната тајна полиција. Тогаш, на 21 јуни 1939, низ цела Јапонија биле апсени полновремените слуги на Јеховините сведоци. Татко ми и мајка ми биле меѓу уапсените. Мене ме оставиле да ме чува баба ми која живеела во Ишиномори. По осум месеци, мајка ми била условно пуштена на слобода и, конечно, во 1942 можев да ѝ се придружам во Сендај.
Во меѓувреме, татко ми, заедно со други Сведоци, бил испитуван од страна на тајната полиција во полициската станица во Хирошима. Бидејќи одбивале да го обожаваат царот или да го поддржуваат јапонскиот милитаризам, Сведоците биле брутално тепани. Испитувачот не можел да го натера татко ми да се откаже од обожавањето на Јехова.
По повеќе од две години притвор, татко ми бил ставен на испит. За време на едно судско заседавање, судијата прашал: „Миура, што мислиш за Неговото Величество, Царот?“
„Неговото Величество, Царот, е исто така потомок на Адам и е смртен, несовршен човек“ — одговорил татко ми. Оваа изјава го стаписала судскиот стенограф така што пропуштил да ја забележи. Знаете, повеќето Јапонци во тоа време веруваа дека царот е бог. Татко ми добил казна од пет години затвор, а судијата му рекол дека, ако не се откаже од својата вера, остатокот од животот ќе го помине в затвор.
Кратко потоа, во декември 1941, Јапонија ги нападна Соединетите Држави во Перл Харбор (Хаваи). Храната во затворот била намалена и во зимските месеци татко ми поминал многу студени, бесони ноќи поради скудната облека. Иако бил отсечен од секакво духовно друштво, сепак имал пристап до Библијата во затворската библиотека и, читајќи ја секогаш одново, ја задржал духовната сила.
Кога падна бомбата
Рано изутрината на 6 август 1945, еден затвореник сакал да размени книги со татко ми. Тоа било забрането, но бидејќи затвореникот веќе ја слизнал својата книга низ ходникот во ќелијата на татко ми, и тој ја слизнал неговата во ќелијата на другиот затвореник. И така, наместо тоа утро да ја следи својата крута рутина, татко ми читал кога паднала бомбата. Обично во тоа време од утрото го користел тоалетот во ќелијата. По експлозијата, видел дека местото каде што се наоѓал тоалетот било уништено од паднатите урнатини.
Потоа бил одведен во блискиот затвор Ивакуни. Кратко потоа Јапонија им се предаде на Сојузничките сили, а тој беше ослободен од затвор среде повоениот хаос. Во декември 1945 се врати дома во Ишиномори. Здравјето му беше сосема нарушено. Имаше само 38 години, а изгледаше како некој старец. Отпрвин не можев да поверувам дека тој ми е татко.
Неговата вера е сѐ уште јака
Јапонија беше во хаотична состојба, а ние не знаевме каде беа распрснати грстот верни Сведоци. Ниту можевме да добиеме нешто од литературата на Јеховините сведоци. Сепак, татко ми ме поучуваше директно од Библијата за вистината за Јеховиното Царство, за новиот свет и за претстојната битка Армагедон (Псалм 36:9-11, 29; Исаија 9:6, 7; 11:6-9; 65:17, 21-24; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10).
Подоцна, кога бев поучуван за еволуционата теорија во средното училиште и кога почнав да се сомневам во постоењето на Бог, татко ми се обиде да ме убеди дека Бог постои. Бидејќи се колебав да поверувам, на крајот рече: „Повеќето луѓе од светот ја поддржуваа војната и станаа виновни за крвопролевање. Јас, од моја страна, се држев за библиската вистина и никогаш не го поддржував ниту милитаризмот, ниту обожавањето на царот, ниту војната. Затоа, размисли добро самиот, кој е вистинскиот пат во животот по кој треба да одиш“.
Свесен за она што ме поучуваше и по што живееше татко ми и споредувајќи го тоа со она што го учев в училиште, можев да сфатам дека еволуционата теорија не би можела да биде здрав начин на размислување. Ниеден еволуционист не го ризикувал животот за своите верувања, но мојот татко беше спремен да умре за своето верување.
Еден ден во март 1951, по повеќе од пет години откако заврши војната, тој го читаше весникот Asahi. Наеднаш извика: „Еј, тие дојдоа, тие дојдоа!“ Ми го покажа весникот. Тоа беше статија за петмина мисионери на Јеховините сведоци кои штотуку беа пристигнале во Осака. Скокајќи од радост, татко ми стапи во контакт со редакцијата на весникот и дозна дека Јеховините сведоци имале отворено подружница во Токио. Ја доби адресата и ја посети подружницата, и на тој начин го обнови својот контакт со Јеховината организација.
Верен до крајот
Во 1952 нашето семејство се пресели во Сендај. Истата година таму се преселија и мисионерите на Watch Tower Society — Доналд и Мабел Хаслет кои изнајмија куќа за студирање на Стражарска кула. На првиот состанок присуствуваа само четворица: Хаслетови, татко ми и јас. Подоцна, Шиничи и Масако Тохара, Аделајн Нако и Лилиан Самсон им се придружија на Хаслетови како мисионери во Сендај.
Преку дружењето со овие мисионери, нашето семејство напредуваше во спознанието за Божјата Реч и организација. Мајка ми, чија вера беше потресена од работите што се случија за време на војната, наскоро ни се придружи во посетувањето на состаноците и во службата на проповедање. Јас бев мотивиран да го предадам животот на Јехова Бог за да му служам така што се крстив на 18 април 1953.
По војната татко ми работеше како продавач за една осигурителна компанија. И покрај последиците од затворот, меѓу кои — тегоби со бубрезите и висок крвен притисок, тој имаше силна желба пак да започне со полновремената служба како пионер. Тоа беше отприлика во истото време кога се крстив јас. Иако слабото здравје го спречи да остане пионер подолго време, неговата ревност за службата ме поттикна да прекинам со факултетот и да почнам со полновремената служба како моја кариера.
Исаму Сугиура, извонреден младич од Нагоја, ми беше доделен како партнер за служба. На 1 мај 1955 ја започнавме нашата служба како специјални пионери во Бепу, на островот Кјушу. Во тоа време на целиот остров имаше само неколкумина Сведоци. Сега, по повеќе од 39 години, на островот имаме 15 духовно напредни покраини со преку 18.000 Сведоци. А во цела Јапонија сега има скоро 200.000 Сведоци.
Пролетта 1956, Исаму и јас добивме покани да присуствуваме на Библиската школа Гилеад на Watch Tower во Соединетите Држави. Бевме одушевени. Меѓутоа, за време на прегледот во подготовката за патувањето, докторите открија дека имам туберкулоза. Длабоко разочаран, се вратив дома во Сендај.
Дотогаш, телесното здравје на татко ми се беше влошило, и тој се одмораше дома в кревет. Нашата изнајмена куќа се состоеше од само една соба од 9 квадратни метри, што беше послана со татами (душеци). Татко ми и јас лежевме еден покрај друг. Бидејќи тој не можеше да работи, мајка ми имаше тешка задача да се грижи за нашите финансиски потреби.
Во јануари 1957, Фредерик В. Франц, тогашниот потпретседател на Watch Tower Society, ја посети Јапонија, а во Кјото се подготвуваше специјален конгрес. Татко ми ја тераше мајка ми да оди на конгресот. Иако се колебаше да нѐ остави дома болни, таа го послуша и замина на конгресот.
Набргу потоа состојбата на татко ми почна од ден на ден да се влошува. Додека лежевме еден до друг, почнав да се жалам и го прашав како ќе се издржуваме. На тоа ми одговори: „Му служевме на Јехова, дури ги ризикувавме и нашите животи, а тој е семоќниот Бог. Зошто се грижиш? Јехова сигурно ќе го обезбеди она што ни е потребно“. Потоа, на најљубезен начин ме опомена, велејќи: „Негувај во себе појака вера“.
На 24 март 1957, татко ми тивко го испушти последниот здив. По неговиот погреб ја посетив осигурителната компанија во која работеше, за да ги средам работите со нив. На заминување, шефот на одделението ми врачи едно хартиено ќесе и рече: „Ова е од татко ти“.
Кога се вратив дома, внатре најдов прилична сума пари. Подоцна, кога го прашав шефот за тоа, ми објасни дека парите биле од некаква премија што месечно била одбивана од платата на татко ми, без негово знаење. На тој начин, се исполнија неговите зборови: „Јехова сигурно ќе го обезбеди она што ни е потребно“. Тоа многу ја зајакна мојата вера во Јеховината заштитничка грижа.
Децении на континуирана служба
Материјалната помош што ја добив со тие пари ми помогна да се посветам на моето заздравување дома. По една година, во 1958, мајка ми и јас бевме наименувани за специјални пионери. Потоа служев како патувачки надгледник во Јапонија, а во 1961 имав предност да присуствувам на десетмесечниот курс на Школата Гилеад во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк).
Кога се вратив во Јапонија, повторно почнав да им служам на собранијата како патувачки надгледник. Потоа, во 1963, се оженив со Јасуко Хаба, која работеше во подружницата на Јеховините сведоци во Токио. Таа ме придружуваше во патувачкото дело сѐ до 1965, а во тоа време бевме повикани да служиме во подружницата во Токио. Оттогаш наваму служиме заедно — првин на локацијата на подружницата во Токио, па во Нумазу, а сега во Ебина.
Мајка ми беше специјален пионер сѐ до 1965. Оттогаш таа остана активна така што им помагаше на многу лица да ги прифатат библиските вистини. Сега има 79 години, но е прилично здрава. Среќни сме што живее во наша близина и што може да го посетува истото собрание со нас близу подружницата во Ебина.
Навистина му благодариме на Јехова Бог што татко ми ја преживеа експлозијата на атомската бомба над Хирошима. Тој ја зачува својата вера, а моја желба е да го пречекам во новиот свет и да му раскажам за тоа како ние сме биле ослободени низ Армагедон — битката што тој толку многу сакаше да ја види (Откровение 16:14, 16; 21:3, 4). Раскажал Цутому Миура.
[Фуснота]
a Животната приказна на Мацуе Ишии може да се најде во Стражарска кула од 1 мај 1988, страници 21-25 (англ.).
[Слика на страница 19]
Кацуо и Хагино Миура, со синот Цутому
[Слика на страница 23]
Цутому Миура, на работното место во јапонската подружница
[Извор на слика на страница 21]
Hiroshima Peace and Culture Foundation од материјал вратен од страна на Институтот за патологија при Вооружените сили на Соединетите Држави