Од обожавање на императорот до вистинското обожавање
РАСКАЖАЛ ИСАМУ СУГИУРА
Иако во 1945 беше очигледно дека Јапонија ја губа II светска војна, ние бевме уверени дека камиказе („божествениот ветар“) ќе дувне и ќе го порази непријателот. Камиказе се однесува на бурите во 1274 и во 1281 кои двапати уништиле голем дел од напаѓачките монголски армади на јапонскиот брег, присилувајќи ги на тој начин да се повлечат.
ЗАТОА, кога на 15 август 1945 императорот Хирохито ѝ објави на нацијата дека Јапонија ѝ се предала на Алијансата, надежите на сто милиони луѓе кои му беа посветени нему беа разбиени. Тогаш бев момче на школска возраст. Моите надежи беа исто така разбиени. ‚Ако императорот не е живиот Бог, тогаш кој е?‘ — се прашував. ‚Во кого да имам доверба?‘
Но, всушност, поразот на Јапонија во II светска војна ми го отвори патот мене и на илјадници други Јапонци да дознаеме за вистинскиот Бог, Јехова. Пред да ви кажам кои промени морав да ги направам, дозволете ми да ве запознаам со моето религиозно воспитување.
Почетните религиозни влијанија
Роден сум како најмлад од четирите момчиња, на 16 јуни 1932 во градот Нагоја. Татко ми работеше како геометар во градот. Мајка ми беше искрен верник во Тенрикио, една шинтоистичка секта, а мојот најстар брат добиваше верска обука да стане Тенрикио учител. Мајка ми и јас бевме особено блиски и таа ме земаше со себе на местото каде што се собираа за обожавање.
Бев поучен да ја наведнам главата и да се молам. Религијата Тенрикио учеше за верување во еден творец наречен Тенри О но Микото, како и во десет помали божества. Нејзините членови практикуваа лекување со вера и го нагласуваа служењето на другите и ширењето на нејзините верувања.
Како момче бев многу љубопитен. Се чудев на месечината и на безбројните ѕвезди на ноќното небо и се прашував колку далеку се протега просторот над небото. Бев фасциниран додека гледав како растат модрите патлиџани и краставиците кои ги насадив на една мала парцела во дворот зад куќата. Набљудувањето на природата ја зајакнуваше мојата вера во Бог.
Години на војна
Годините кога одев во основно училиште, од 1939 до 1945, се совпаднаа со периодот на II светска војна. Во нашето школско образование беше нагласувано обожавањето на императорот — важен дел од шинтоизмот. Бевме поучувани за шушин што вклучуваше морална обука со националистички и воени призвуци. Церемониите со кревање на знамето, пеење на националната химна, проучување на императорските образовни декрети и оддавањето чест на една фотографија на императорот, беа дел од нашата школска рутина.
Исто така, одевме кај локалниот шинтоистички олтар за да го молиме Бог за победа на војската на императорот. Двајца мои телесни браќа служеа во војската. Поради мојата националистичко религиозна индоктринација, се радував на вестите за успесите на јапонската војска.
Нагоја беше центар на јапонската авиоиндустрија, па затоа беше главна мета на масовни напади од страна на Воздушните сили на САД. Дење, бомбардерите тврдина Б-29 го надлетуваа градот, распоредени на околу 9.000 метри, фрлајќи стотици тони бомби над индустриските зони. Ноќе рефлекторите ги забележуваа бомбардерите на висина од 1.300 метри. Повторливите воздушни напади со запални бомби предизвикаа страшен пекол во станбените подрачја. Во последните девет месеци од војната, само во Нагоја имаше 54 воздушни напади, а последиците беа големо страдање и смрт на над 7.700 луѓе.
Дотогаш веќе започна бомбардирањето од воените бродови врз десет крајбрежни градови и луѓето зборуваа за можно истоварување на силите на САД во близината на Токио. Жените и младите момчиња беа обучувани да се борат со бамбусови копја за да ја заштитат земјата. Нашата парола беше „Ишиоку Согиокусај“ што значеше „подобро смрт на 100 милиони отколку капитулација“.
На 7 август 1945, еден новински наслов извести: „Над Хирошима е фрлен нов вид бомба“. После два дена беше фрлена уште една — над Нагасаки. Тоа беа атомски бомби, и подоцна ни беше кажано дека тие зеле вкупен данок од над 300.000 животи. Потоа, на 15 август, на крајот од еден марш за обучување со дрвени пушки го чувме говорот на императорот во кој ја објави капитулацијата на Јапонија. Бевме уверени дека ние ќе победиме, но сега бевме опустошени!
Се развива една нова надеж
Со започнувањето на окупацијата од страна на американските трупи, ние постепено го прифаќавме фактот дека Соединетите Држави ја добија војната. Во Јапонија беше воведена демократија, како и нов устав кој гарантираше слобода на обожавање. Условите за живеење беа тешки, храна немаше доволно, а во 1946 татко ми умре од неисхранетост.
Во меѓувреме, во моето училиште почна да се учи англиски, а радио-станицата НХК почна да емитува програма за конверзација на англиски. Пет години, секој ден ја слушав оваа популарна програма со учебник в рака. Тоа ме наведе да почнам да сонувам еден ден да отидам во Соединетите Држави. Поради разочарувањето од шинтоистичката и будистичката религија, почнав да размислувам дека можеби вистината за Бог се наоѓа во западните религии.
Во почетокот на април 1951, ја запознав Грејс Грегори, мисионерка на Watch Tower Society. Таа стоеше пред железничката станица во Нагоја нудејќи англиски примерок на Стражарска кула и една џебна брошура со некоја библиска тема на јапонски. Нејзината понизност во вршењето на тоа дело ме импресионира. Ги зедов обете публикации и спремно ја прифатив нејзината понуда за библиска студија. Ѝ ветив дека после неколку дена ќе дојдам во нејзиниот дом за библиска студија.
Кога седнав во возот и почнав да ја читам Стражарската кула, ми падна в очи „Јехова“ — првиот збор во уводната статија. Никогаш пред тоа го немав видено тоа име. Не очекував да го најдам ни во малиот англиско-јапонски речник што го носев, но го имаше! „Јехова . . . Богот на Библијата.“ Сега почнував да го откривам Богот на христијанството!
При првата посета на мисионерскиот дом дознав дека после неколку седмици ќе се одржи едно библиско предавање кое требаше да го изнесе Натан Х. Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Тој со својот секретар, Милтон Хеншел, требаше да ја посети Јапонија и да дојде во Нагоја. Иако моето спознание за Библијата беше ограничено, уживав во говорот, како и во друштвото на мисионерите и другите присутни.
За околу два месеца, преку мојата студија со Грејс ги научив основните вистини за Јехова, за Исус Христос, откупнината, за Сатана Ѓаволот, Армагедон и за рајската Земја. Добрата вест за Царството беше токму пораката која ја барав. Во исто време кога почнав да проучувам, почнав да ги посетувам и собраниските состаноци. Ми се допаѓаше пријателската атмосфера на тие собири каде што мисионерите слободно се мешаа со Јапонците и седеа со нас на татами (рогозина од плетена слама).
Во октомври 1951 се одржа првиот покраински собир во Јапонија и тоа во државната сала Наканошима во градот Осака. Тогаш во цела Јапонија имаше помалку од 300 Сведоци; сепак, на собирот беа присутни 300 луѓе вклучувајќи речиси 50 мисионери. Дури и јас имав мал удел во програмата. Она што го видов и чув толку ме импресионира што во срцето решив да му служам на Јехова целиот мој живот. Следниот ден се крстив во млаката вода на една јавна бања во близината.
Радоста од пионерската служба
Сакав да станам пионер, како што се нарекуваат полновремените министри на Јеховините сведоци, но чувствував и обврска да помогнам во издршката на моето семејство. Кога собрав храброст да му ја кажам на шефот мојата желба, бев изненаден кога го чув како вели: „Ќе ми биде драго да соработувам со тебе ако тоа те прави среќен“. Можев да работам само два дена седмично и сепак да можам да ѝ помагам на мајка ми околу куќните трошоци. Навистина се чувствував како птица ослободена од кафез.
Додека околностите и понатаму се подобруваа, на 1 август 1954 почнав да пионерам во едно подрачје зад станицата во Нагоја, на неколку минути пешки од местото каде што првпат ја сретнав Грејс. После неколку месеци добив доделба да служам како специјален пионер во Бепу, град на западниот остров Кјушу. Како мој партнер беше доделен Цитому Миура.a Во тоа време на целиот остров немаше ниту едно собрание на Јеховини сведоци, но сега има стотици собранија, поделени во 22 покраини!
Предвкус на новиот свет
Кога брат Нор повторно ја посети Јапонија во април 1956, ме замоли гласно да прочитам неколку пасуси од списанието Стражарска кула на англиски. Не ми кажа зошто, но после неколку месеци добив писмо со кое бев поканет да присуствувам на 29. клас на мисионерската школа Гилеад. Така, во ноември истата година тргнав на едно возбудливо патување кон Соединетите Држави со што се исполни мојот долгогодишен сон. Тоа што неколку месеци живеев и работев со големата бетелска фамилија во Бруклин ја зајакна мојата вера во Јеховината видлива организација.
Во февруари 1957 брат Нор нѐ одвезе мене и уште двајца студенти во студентскиот дом на Гилеад школата во Јужен Лансинг, во северниот дел на Њујорк. Во следните пет месеци на Гилеад школата, додека добивав поука од Јеховината Реч и живеев во прекрасна околина со другите студенти, го почувствував предвкусот на рајската земја. Десетмина од 103-те студенти, меѓу кои бев и јас, беа доделени во Јапонија.
Ги ценам моите доделби
Кога се вратив во Јапонија во октомври 1957, имаше околу 860 Сведоци. Бев доделен во патувачкото дело како покраински надгледник, но првин добив неколку дена обука за тоа дело од Адријан Томпсон во Нагоја. Мојата покраина го опфаќаше подрачјето од Шимизу, во близина на планината Фуџи, па сѐ до островот Шикоку, и вклучуваше големи градови како што се Кјото, Осака, Кобе и Хирошима.
Во 1961 бев доделен како обласен надгледник. Тоа вклучуваше патување од снежниот северен остров Хокаидо до суптропскиот остров Окинава, па дури и зад островите Ишигаки, во близина на Тајван — растојание од околу 3.000 километри.
Потоа, во 1963 бев поканет на еден десетмесечен курс на Гилеад школата во бруклинскиот Бетел. За време на курсот, брат Нор ја нагласи важноста на исправниот став кон работните задачи. Тој рече дека чистењето на бањите е исто толку важна задача како што е работењето во канцеларија. Ако бањите не се чисти, рече тој, тоа ќе влијае врз целата бетелска фамилија и врз нивната работа. Подоцна, дел од мојата работа во Бетелот во Јапонија беше чистење тоалети, па така го запамтив тој совет.
Откако се вратив во Јапонија, пак бев доделен во патувачкото дело. После неколку години, во 1966, се оженив со Јунко Ивасаки, специјална пионерка која служеше во градот Мацуе. Лојд Бери, тогашниот надгледник на подружницата во Јапонија, одржа еден ведар говор за венчавање. Тогаш Јунко ми се придружи во патувачкото дело.
Нашите доделби се променија во 1968 кога бев повикан во канцеларијата на подружницата во Токио за да работам на преведување. Поради недостиг на простор, секојдневно патував од Сумида квартот во Токио, а Јунко служеше како специјален пионер во локалното собрание. Тоа време беа потребни поголеми објекти на подружницата. Затоа, во 1970 беше купен имот во Нумазу, недалеку од планината Фуџи. Таму беше изградена трикатна фабрика и зграда за живеење. Пред да започне изградбата, неколку куќи на имотот беа користени за Школата за служба за Царството, која обезбедува обука за собраниските старешини. Јас имав предност да поучувам во школата, а Јунко подготвуваше оброци за студентите. Беше возбудливо да се видат стотици христијански мажи на кои им беше давана специјална обука за службата.
Едно попладне добив итна телеграма. Мајка ми била однесена в болница и не се очекуваше да преживее. Се качив на брзиот воз за Нагоја и поитав кон болницата. Таа беше во несвест, но јас поминав цела ноќ покрај нејзиниот кревет. Рано изутрината мајка ми умре. Додека возев назад кон Нумазу, не можев да ги задржам солзите кога се сеќавав на тешките времиња низ кои помина таа во животот и влијанието што го имаше врз мене. Ако е Јеховина волја, повторно ќе ја видам при воскресението.
Наскоро објектите во Нумазу ни станаа тесни. Затоа во градот Ебина беше купено земјиште од 7 хектари, и во 1978 започна изградба на еден нов комплекс на подружницата. Сега целиот расположлив простор од овој имот опфаќа фабрика и згради за живеење, како и една Собирна сала со над 2.800 седишта. Најновиот додаток кој се состои од две 13-катници за живеење и една зграда за паркирање/сервис на пет нивоа, беше довршен во почетокот на оваа година. Сега нашата бетелска фамилија брои околу 530 лица, но проширените објекти ќе ни дозволат да сместиме околу 900 луѓе.
Многу причини за радост
Возбудливо беше да се види како се исполнува библиското пророштво — да, да се види како од ‚еден мал се множи силен народ‘ (Исаија 60:22). Се сеќавам како во далечната 1951 еден од моите браќа ме праша: „Колку Сведоци има во Јапонија?“
„Околу 260“, му одговорив.
„Зарем тоа е сѐ?“ — ме праша тој со омаловажувачки тон на гласот.
Се сеќавам како размислував: ‚Времето ќе каже колку луѓе Јехова ќе привлече кон своето обожавање во оваа шинтоистичко-будистичка земја‘. И Јехова го даде одговорот! Денес во Јапонија повеќе нема недоделени подрачја за проповедање. Бројот на вистинските обожаватели порасна на повеќе од 222.000 во 3.800 собранија!
Изминатите 44 години од мојот живот поминати во полновремена служба — од кои 32 заедно со мојата драга сопруга — беа особено среќни. Од нив 25 години служев во преведувачкиот оддел во Бетелот. Исто така, во септември 1979 бев замолен да бидам член на одборот на подружницата на Јеховините сведоци во Јапонија.
Беше предност и благослов што имав мал удел во помагањето на искрените, мирољубиви луѓе да дојдат во Јеховиното обожавање. Многумина го сторија токму она што го сторив и јас — се променија од предаденост на царот до обожавање на единствениот вистински Бог, Јехова. Моја искрена желба е да им помогнам уште на многумина да преминат на Јеховината победоносна страна и да стекнат бескраен живот во мирољубивиот нов свет (Откровение 22:17).
[Фуснота]
a Неговиот татко бил верен Сведок кој ја преживеал експлозијата на атомската бомба над Хирошима во 1945 додека се наоѓал во еден јапонски затвор. Види Разбудете се! од јануари—март 1995, страници 19—23.
[Слика на страница 29]
Школското образование сосредоточено околу обожавањето на императорот
[Извор на слика]
Весниците Mainichi
[Слика на страница 29]
Со брат Франц во Њујорк
[Слика на страница 29]
Со мојата сопруга Јунко
[Слика на страница 31]
На работа во преведувачкиот оддел