Еден куршум ми го промени животот
НАЈДОБРОТО нешто што родителите можат да го сторат за своите деца е да им всадат спознание за нивниот Творец и желба да му служат. Трагедијата што ме снајде кога бев сѐ уште тинејџер, ми помогна да ја ценам оваа вистина.
Пред да опишам што се случи тогаш — пред повеќе од 20 години — да ви раскажам нешто за мојот живот додека растев во јужниот дел на Соединетите Држави. Тоа е во директна врска со мојата способност да ги совладам огромните неволји.
Што ми го оформи животот
Родена сум во Бермингем во Алабама — дел кој е расно одвоен на Крајниот Југ — во јануари 1955 година. Кога имав само осум години, недалеку од нашата куќа имаше експлозија на бомба која разнесе една црква за време на часовите во неделното училиште. Преплашени деца црнчиња, повеќето на мои години, истрчаа надвор пискајќи; други крвавеа и стенкаа. Четворица беа мртви — ги убија белците.
Таквите трагедии не беа единствените инциденти на Југот. Следното лето, во Мисисипи беа убиени тројца поборници за граѓански права. Тие беа страшни денови на расни нереди што нѐ погодија сите нас.
Мајка ми беше Јеховин сведок, а татко ми стана Сведок во 1966. Наскоро, целото наше семејство ја споделуваше со соседите нашата библиски темелена надеж за еден нов свет на мир (Псалм 36:29; Изреки 2:21, 22; Откровение 21:3, 4). Во летните месеци на доцните 1960-ти години, секоја сабота патувавме со цел да проповедаме до недопрените подрачја надвор од Бермингем. Луѓето таму никогаш не беа слушнале за Јеховините сведоци нити за пораката на Царството што ние ја проповедавме. Не го знаеја дури ни Божјето име, Јехова (Псалм 83:18, НС). Во текот на тие вознемирувачки времиња, јас навистина уживав да разговарам со луѓето за Јеховината намера — овој стар расипан свет да го замени со земски рај (Лука 23:43).
Поставување цел во животот
Во декември 1969 година ја симболизирав мојата предаденост на Јехова со крштавање во вода. Му се помолив на Јехова и му ја изразив својата искрена желба моја кариера да биде полновремената служба. Неколку седмици подоцна, татко ми беше доделен да му помага на едно мало собрание сместено во Адамсвил, неколку километри од Бермингем. Оваа промена на подрачјето ми ја засили желбата да бидам пионер, односно полновремен слуга. Во текот на моите средношколски денови, во секоја прилика служев како повремен пионер, што вклучуваше да поминам најмалку 75 часови секој месец во службата.
Одлучив да научам некој занает што ќе ме подготви за полновремената служба по матурирањето. Но во мојата последна година од средното училиште се соочив со еден предизвик. Јас спаѓав во групата ученици со високи оценки, па затоа еден ден ме однесоа во еден колеџ во близината заради некои академски тестови. Потоа бев повикана во канцеларијата на советничката. Таа беше одушевена и среќна заради мене. „Ти беше извонредна!“, извика таа. „Можеш да се запишеш во кој и да е колеџ што ќе го избереш!“ Таа сакаше веднаш да пополнам молба за стипендија.
Бев вознемирена затоа што не бев подготвена за такво нешто. Веднаш ѝ ги објаснив моите планови да станам полновремен слуга и да барам световна работа со скратено работно време за да се издржувам сама во службата. Дури ѝ кажав дека понатаму, можеби и јас би била во можност да служам како мисионер во некоја странска земја како што направиле други Сведоци. Но таа како да не ме слушаше. Ми предложи за главен предмет на колеџот да ми биде една од природните науки и дека ако се запишам на некој локален колеџ, таа ќе се погрижи да ми најде работа во некој научен центар.
„Ограничи ја твојата религија на викендите, Глорија“, рече таа, „твоите родители пак ќе се гордеат со тебе.“ Се чувствував навредена поради тоа што можела така да мисли дека мојата цел за полновремена служба е резултат на наговарањето од родителите. Ми наметна чувство на притисок, како да ѝ вртам грб на целата црнечка раса со тоа што ја одбивам оваа величествена прилика. Меѓутоа, останав цврста. После матурата, наместо да продолжам со високо образование, почнав да работам со скратено работно време како секретарка.
Барав партнер за пионерската служба, но попусто. Кога еден патувачки надгледник го посети нашето собрание, му раскажав за мојот проблем. Тој ми рече: „Не ти треба партнер“. Потоа ми направи еден распоред според кој можев да ги исполнам моите одговорности на световната работа, а исто така да имам и доволно време за пионерската служба. Мислам дека распоредот беше совршен. Бев толку воодушевена што 1 февруари 1975, си го поставив како датум за започнување со пионерската служба.
Меѓутоа, после неколку дена, на 20 декември 1974, додека се враќав од продавница, ме погоди еден залутан куршум.
На прагот на смртта
Додека лежев на земјата, можев дословно да гледам како ми истекува животната крв. Се сеќавам како размислував дека ќе умрам. Го молев Јехова да допушти да живеам доволно долго за да ѝ помогнам на мајка ми да сфати дека таква разорна несреќа може да ѝ се случи дури и на фамилија која е во потполност сосредоточена на службата за Јехова. Иако го знаевме библискиот стих дека „времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“, сепак мислам дека не бевме подготвени да се соочиме со една таква ужасна трагедија (Проповедник 9:11, НС).
Куршумот ме погоди на левата страна од вратот, пресекувајќи ми ги нервите во ’рбетниот мозок. Беше погоден мојот говор и дишењето. Се очекуваше да живеам најмногу два дена. Потоа рекоа „две седмици“. Но, јас продолжив да живеам. Кога добив воспаление на белите дробови, бев префрлена на посложен респиратор. Со текот на времето, мојата состојба се стабилизира и беа направени планови за рехабилитација.
Искушенија за време на рехабилитацијата
Првите неколку седмици не се чувствував малодушно. Само имав чувство на празнина. Сите во Шпанскиот центар за рехабилитација во Бермингем беа љубезни и се трудеја многу околу мене. Од персоналот дознав дека лекарите очекувале да бидам потполно парализирана, неподвижна, до крајот на својот живот. Бев класифицирана во група C2 квадриплегичари, што значеше дека според нив ќе бидам приклучена на респиратор целиот свој живот, и дека нема да можам да зборувам гласно освен да шепотам.
Лекарите ми ставија трахеална туба за дишење. Подоцна, специјалистот за белодробни болести ми стави една помала туба за да види дали тоа ќе ми помогне да зборувам. Меѓутоа, величината не менуваше ништо. Затоа тие заклучија дека мојата неспособност да зборувам се должи на оштетување на нервите. Отприлика во тоа време почнав да паѓам во депресија и никој не можеше ништо да ми каже за да ми биде подобро. Секој љубезен збор ме погодуваше како навреда. Затоа многу плачев.
Сфатив дека ако нешто ти ја попречува духовноста, две работи можат да ти помогнат — истрајна молитва до Јехова и активност во службата, кажувајќи им на другите за библиските вистини (Изреки 3:5). Па, лесно беше да се молам. Тоа можев да го правам. Но како можев, во ваква состојба, да бидам поактивна во службата?
Го замолив моето семејство да ми донесе примероци од Стражарска кула и Разбудете се! и други помошни средства за проучување на Библијата кои тогаш ги користевме во службата, како што се Вистина која води до вечен живот, Вистински мир и безбедност — Како можеш да ги пронајдеш? и Поминува ли сѐ со овој живот? Тие беа ставени на различни места во мојата соба. Лицата од персоналот често пати ме гледаа сочувствително и ме прашуваа: „Душо, можам ли нешто да направам за тебе?“
Со очите покажував на еден примерок од литературата и, изговарајќи зборови без глас, го замолував лицето да ми чита. Времето што некој ќе го поминеше за да ми чита го броев како часови што сум ги потрошила во службата. За да ја покажам мојата благодарност спрема оној кој ми читал, често пати ја поклонував книгата или списанието. Нив ги сметав како публикации што сум ги разделила. Кога некој ми читаше по вторпат, тоа го сметав за повторна посета. Ваквото учествување во службата секогаш ме охрабруваше, исто како и пријатните разгледници, цвеќиња и посети од моите многубројни христијански браќа и сестри.
После месеци рехабилитација, можев само малку да ја подигам главата. Но бев решена да постигнам поголема подвижност. Затоа замолив да имам повеќе време физикална и работна терапија. Кога замолив да ме стават во инвалидска количка, ми рекоа дека тоа е невозможно, дека нема да можам да ја држам главата доволно високо за да седам исправено. Ги замолив сепак да пробаат.
Откако добив дозвола од лекарите, терапевтката која беше одговорна, помогна да ме стават во количката. Ме завиткаа во еластични завои од градите до струкот, од бедрата до колената и од колената до стапалата. Изгледав како мумија. Тоа беше мерка на претпазливост со цел крвниот притисок да се одржи стабилен и да се спречи шок. Тоа беше делотворно! Но, ми беше дозволено да седам само по еден час. Сепак, јас седев — после 57 денови спружена на грб!
Најпосле дома!
Конечно, после пет долги месеци, ми ја извадија трахеалната туба и ми беше дозволено да си одам дома. Тоа беше во мај 1975. Потоа, патував до центарот за рехабилитација и назад заради лекување. Уште во летото 1975, почнав да одам во христијанската служба во мојата инвалидска количка. Не можев многу да сторам, но барем бев таму со пријателите.
Некаде на почетокот од 1976 година, VRS (Служба за професионална рехабилитација) — агенцијата која беше одговорна за финансирањето на мојата рехабилитација, ме повика да отидам на повторна проценка на мојата состојба. Мислев дека напредувам. Учев да сликам со четка која ја држев со забите. Користејќи стапче на ист начин, почнав да пишувам на машина, па дури и по малку да пишувам со молив. Поради тоа што VRS плаќаше за поголемиот дел од моето лекување, тие сакаа да најдат начин да добијам работа и да станам продуктивен член на општеството.
На почетокот, советникот беше обѕирен но потоа ме замоли да се обидам да зборувам погласно. Во тоа време можев да зборувам само малку погласно од шепот. Тогаш ме праша: „Зарем не можете да седнете исправено?“
Не можев.
„Помрднете барем еден прст“, рече тој.
Кога не можев нити тоа да го направам, го тресна пенкалото на работната маса и со фрустриран глас рече: „Вие сте бескорисни!“
Ми беше речено да одам дома и да чекам да ми се јави. Ја сфатив неговата дилема. Ниту еден пациент пред мене во Шпанскиот центар за рехабилитација немал толку тешки ограничувања како моите. Трошоците за опремата која се користи таму, се многу големи и луѓето кои се одговорни да донесуваат одлуки немаа упатства за тоа што да прават со толку ограничен пациент како мене. Сепак, болеше да се биде наречен бескорисен, затоа што веќе почнав така и да се чувствувам.
После неколку дена, добив телефонски повик и ми беше речено дека не сум повеќе вклучена во програмата. Се чувствував напуштена. Тоа доведе до уште еден напад на депресија.
Совладување на депресијата
Тогаш се сеќавав на библискиот стих во Псалм 54:22, кој вели: „Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи“. Едно нешто за кое бев загрижена беше финансискиот товар на моите родители, за кое и се молев.
Мојата депримирачка состојба влијаеше неповолно на мене во физички поглед, па затоа во текот на обласниот конгрес тоа лето не можев да седам. Програмата ја слушав лежејќи. На тој конгрес, во 1976 година беше воведено она што сега се нарекува помошна пионерска служба и тоа го привлече моето внимание. Да се биде помошен пионер потребно е да се поминат во службата по 60 часови месечно или просечно по 2 часа на ден. Чувствував дека можам да го сторам тоа. Подоцна, ја замолив сестра ми Елизабет да ми помогне да бидам помошен пионер. Таа мислеше дека се шегувам, но кога ја предадов молбата за пионер за месец август, и таа предаде молба.
Елизабет стануваше рано и се грижеше за моите лични потреби. Потоа почнувавме да сведочиме по телефон. Тоа вклучуваше да им се јавуваме на луѓето по телефон и да разговараме со нив за благословите што ги подготвува Бог за луѓето, под владата на неговото Царство. Исто така, пишувавме и писма, особено до луѓе на кои им беше потребна утеха. За време на викендите семејството или пријателите ме земаа со мојата инвалидска количка во службата од врата до врата. Се разбира, бидејќи не можам да ги користам рацете и нозете, не можам ништо друго да направам освен да ја зборувам пораката за Царството, да цитирам библиски стихови или да ги замолам другите да читаат од Библијата.
До последниот ден од месецот, ми требаа уште 6 часа за да ги исполнам потребните 60. Елизабет не беше во состојба да ми помогне и затоа ја замолив мајка ми да ми го намести задниот дел од количката за да можам да седам исправено. Потоа, користејќи едно стапче за уста, пишував писма на машина шест часа. Немав лоши последици! Само знам дека бев навистина уморна!
Мојата молитва е одговорена
Следната седмица, седејќи во мојата инвалидска количка, отидов до Шпанскиот центар за рехабилитација на контрола. Мојот лекар, кој ме немаше видено уште од почетокот на годината кога бев избришана од програмата, се зачуди. Тој не можеше да верува на мојот напредок. „Што си правела ти?“, ме праша. Уште пред да довршам со раскажувањето за мојата служба, тој ми понуди работа.
Неговата асистентка ме интервјуираше и беше импресионирана од она што го правев во службата. Таа ме замоли да учествувам во она што е наречено програма-примерен пациент. Тоа значеше дека ќе бидам поврзана со друг пациент на кого би му помагала. Мислејќи на нашата служба, таа рече: „Вие и онака го правите тоа, нели?“ Ми беше дадено да ѝ помагам на една пациентка која беше ограничена скоро колку јас.
Веста за тоа што го постигнував во службата со помош на моето семејство, некако стигна до VRS. Тие беа толку импресионирани што беше препорачано повторно да бидам примена во програмата. Тоа значеше дека моето семејство ќе добие парични средства за да се плати специјалната опрема и нега која ми се потребни за да ја извршувам мојата активност. Почувствував дека Бог одговори на моите молитви.
Мојата состојба се стабилизира
Физички оздравев до тој степен што можам да ја подигам главата, да ја вртам и да седам исправено. Благодарна сум што способноста за зборување скоро потполно ми се поврати. Користејќи стапче за уста, можам да пишувам, да чукам на машина, да ракувам со телефон со звучник и да сликам. Некои од моите слики беа на изложби на слики насликани со уста. Се движам со помош на моторизирана инвалидска количка што ја возам со помош на брадата. Електрична дигалка ја подигнува мојата количка во нашето комбе и така можат да ме однесат скоро секаде каде што сакам да одам.
Имав многу проблеми со дишењето — воспаление на белите дробови е постојана закана. Понекогаш ноќе ми е потребен кислород. Во 1984, за малку ќе умрев поради компликации предизвикани од една инфекција. Неколку пати одев во болница. Но оттогаш здравјето ми е подобрено. Почнувајќи од 1976, успевав да бидам помошен пионер еднаш или двапати годишно. Сепак, тоа не ме исполнуваше потполно. Постојано мислев на плановите што ги имав како тинејџер, а кои беа прекинати со куршумот.
Мојата цел е постигната
Конечно, на 1 септември 1990, се приклучив во редовите на полновремените пионери, исполнувајќи ја на тој начин мојата желба од детството. Во текот на зимските месеци, кога е ладно, сведочам пишувајќи писма и користејќи го телефонот со звучник. Но кога времето ќе се потстопли, учествувам и во службата од куќа до куќа. Во текот на целата година водам библиски студии, користејќи го телефонот со звучник.
Нестрпливо ја очекувам прекрасната иднина на рајската Земја кога Христос Исус и Јехова Бог ќе ме ослободат од оваа количка. Секој ден му се заблагодарувам на Јехова за неговите ветувања за едно сјајно здравје и за способноста на ‚скокање како елен‘ (Исаија 35:6). Ќе трчам колку што можам за да надоместам за сето изгубено време, а потоа ќе научам да јавам на коњ.
Очекувајќи го тоа време, уште сега имам неопислива радост што сум дел од Јеховиниот среќен народ и што имам потполно учество во службата (Раскажала Глорија Вилијамс).
[Слики на страница 15]
Мојата христијанска служба — одење од куќа до куќа, сведочење по телефон, пишување писма
[Слика на страница 16]
Моите слики беа на изложбите на слики насликани со уста