Доволно храна за сите!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
МОЖНО е да уживате во обилна и одлична храна, а сепак да бидете несреќни. За да имате вистинска и трајна среќа, потребно е уште нешто — духовна храна. Исус навел: „Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4).
Од друга страна, отфрлањето на Божјата Реч води до духовен глад, како што е проречено во Амос 8:11: „Ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови“. Меѓутоа, духовната неисхранетост може да се избегне. Исус изјавил: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби . . . Среќни се оние кои гладуваат и жеднеат по праведност, зашто ќе бидат наситени“ (Матеј 5:3, 6, НС). Како што хранливите продукти во исправни количини го задоволуваат нашето тело, така и здравата духовна храна ја зајакнува нашата вера и нашата надеж за иднината. На каков свет можеме да се надеваме?
Изобилство храна за сите
Замислете си свет со изобилство вкусна и здрава храна. Свет без војни, катастрофи или несреќи кои доведуваат до глад или неисхранетост, кои ги ослабуваат или депримираат луѓето. Повеќе нема да има бездомни или невработени луѓе кои зависат од бесплатни кујни или од милостињи нити, пак, високи цени на храната кои ги присилуваат луѓето да јадат сѐ само за да го наполнат стомакот. „Ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има обилност“ (Псалм 72:16, НС). Но како ќе се оствари тоа? Кој ќе го реши проблемот со неисхранетост?
Нашиот Творец ќе им обрне љубезно внимание на потребите на човекот за храна во доволна мерка. Дури и климата на Земјата ќе биде под контрола, гарантирајќи со тоа дека повеќе нема да има неуспешни жетви. „Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод“ (Псалм 84:12). Понатаму, иако Земјата е способна да произведува доволно храна, само Божјето Царство ќе им стави крај на алчноста и угнетувањето, кои доведуваат до нееднаква распределба, до неисхранетост и беда.
Да, Јеховината небесна влада ќе овозможи секој расположлив земјоделски и транспортен систем да обезбедува здрава храна секаде каде што е потребно. Управата на Царството нема да збогати само малкумина, оставајќи го мнозинството да составува крај со крај. Наместо очај и безнадежност, благословите на Царството ќе ја донесат радоста што се гледа на големата гозба од добра храна, претскажана во Исаија 25:6: „Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати јадења од коски“.
Сега претставете си, денешниот натпреварувачки, бесчувствителен начин на живот, полн со стресови, засекогаш ќе исчезне. Никој нема да биде неисхранет или болен. Според тоа, ако навистина сакате да го уживате животот во тој нов свет, внимавајте на Исусовите зборови: „Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен“ (Јован 6:27).