Наскоро здрава храна за сите!
МОЖЕШ да направиш некои работи за храната што ја јадеш да биде побезбедна. Сепак, над многу фактори немаш контрола. На пример, не можеш самиот да ја провериш сета храна што ја купуваш или приготвуваш. Можеби купуваш храна која е преработена и донесена од далеку. А дел од храната што ја купуваш може да биде заразена со опасни хемикалии што ги има во воздухот, водата или почвата.
Во еден извештај со наслов „Контрола над болестите преносливи преку храна — меѓународен проблем“, претставници на Светската здравствена организација изјавија дека некои проблеми поврзани со безбедноста на храната „не можат да ги решат поединечните влади, па затоа е неопходна меѓународна соработка“. Болестите што се пренесуваат преку храна се глобален проблем!
Се разбира, многумина ќе се прашаат зошто сме толку сигурни дека наскоро ќе има здрава храна за сите. Сигурни сме затоа што „Јехова, Господарот на целата земја“ ветува дека ќе ги реши проблемите со храната (Исус Навин 3:13). Некои можеби ќе речат дека не можеме да му веруваме на Бог затоа што денес храната не е безбедна. Но, размисли: Ако еден невнимателен келнер дозволи да се расипе некоја убава храна, дали би било во ред да го обвиниме готвачот? Секако дека не.
Слично на тоа, луѓето — а не Творецот — се виновни за тоа што „се расипува“ убавата храна што ни ја дава Земјата. Тоа што има толку многу храна која не е безбедна се должи на човечки фактор. Бог ветува дека ќе „бидат уништени оние што ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18).
Факт е дека Бог веќе покажал дека сака да јадеме квалитетна храна. Тој ја создал Земјата и многу дрвја кои не само што се „привлечни за гледање“ туку се и „добри за јадење“ (1. Мојсеева 2:9). Дури и откако првите луѓе им ги пренеле несовршеноста и болестите на своите потомци, Јехова Бог му дал на својот народ конкретни упатства за да ги заштити храната и здравјето. (Види ја рамката „Правила за подобро здравје“.)
Каква храна сака Бог да јадеме? Библијата ни кажува: „Ти правиш да никне зелена трева за стоката и растенија за потребите на луѓето, и даваш да расте храна од земјата и вино што го весели срцето на смртниот човек, и даваш масло за да свети лицето и леб што го закрепнува срцето на смртниот човек“ (Псалм 104:14, 15). Исто така, во неа пишува: „Сѐ што се движи и живее нека... служи за храна“ (1. Мојсеева 9:3).
Во врска со нашата иднина, во Божјата Реч стои следново ветување: „Тој ќе даде дожд за твоето семе со кое ја засејуваш земјата, и ќе даде земјата да ти роди леб, хранлив леб, кој заситува. Во тој ден твојот добиток ќе пасе на пространо пасиште“ (Исаија 30:23). Да, наскоро наместо денешните страшни наслови, ќе ја чуеме веста: „Здрава храна за сите!“
[Истакната мисла на страница 9]
Творецот ни ветува посветла иднина во која ќе имаме изобилство здрава храна
[Рамка на страница 8]
„ПРАВИЛА ЗА ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ“
Пред околу 3.500 години, Израелците го добиле Мојсеевиот закон. Со тој Закон биле заштитени од многу болести што се пренесуваат преку храна. Еве неколку примери:
● Не користи садови и прибор што биле во контакт со мртво животно: „Секој сад што се употребува да се стави во вода и да биде нечист до вечерта, а потоа пак ќе биде чист“ (3. Мојсеева 11:31-34).
● Не јади пцовисано животно: „Не смеете да го јадете она што пцовисало“ (5. Мојсеева 14:21).
● Храната што ќе ти остане, дојади ја што е можно поскоро: „Ако остане нешто од [жртвата], може да се јаде и утредента. Но месото од жртвата што ќе остане на третиот ден да се изгори во оган“ (3. Мојсеева 7:16-18).
Лекарот А. Рендал Шорт бил изненаден од тоа што во споредба со законите на околните народи од тоа време, Мојсеевиот закон содржел „толку мудри и разумни правила за подобро здравје“.