Дали јадеме безбедна храна?
„Училиште во Германија затворено поради страв од ешерихија коли“ (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „РОЈТЕРС“, ГЕРМАНИЈА)
„Во пет сојузни држави утврдено присуство на салмонела во ’ркулци“ (USA TODAY)
„Месо од 6 крави хранети со радиоактивна слама дури во 9 префектури“ (THE MAINICHI DAILY NEWS, ЈАПОНИЈА)
ОВИЕ вести се појавија во рок од само две седмици минатата година. Истражувачите проценуваат дека секоја година околу 30 отсто од луѓето во развиените земји добиваат болести што се пренесуваат преку храна.
Како реагираш на вакви вести? „Ме фаќа страв, па дури и гнев“, вели Хои, татко од Хонгконг. „Имам две деца и не ми е сеедно како и каде се произведува она што го јадат.“
Во посиромашните земји, болестите што се пренесуваат преку храна и вода секоја година убиваат милиони луѓе, најчесто деца. „На нашиве пазари, прехранбените производи се изложени на муви, дожд, ветер и прашина“, вели Бола, која живее во Нигерија. „Кога ќе прочитам или ќе чујам за болести поврзани со храна, ме фаќа паника. Сакам да си го заштитам семејството.“
Можно ли е да си го заштитиш семејството од храна што не е безбедна? Канадската агенција за храна вели: „Ако на рафтовите во продавниците стигнат производи што не се безбедни за јадење, медиумите веднаш ја алармираат јавноста, што е сосема во ред. Но храната може да стане опасна по здравјето и како резултат на она што го правиме — или не го правиме — во нашите сопствени кујни“.
Како да го заштитиш семејството од болести што се пренесуваат преку храна? Ќе разгледаме четири работи што можеме да ги направиме за храната што ја јадеме да биде побезбедна.
[Рамка на страница 3]
РИЗИЧНИ ГРУПИ
Некои групи луѓе може полесно да добијат болест што се пренесува преку храна. Во нив спаѓаат:
● Деца помали од пет години
● Бремени жени
● Лица постари од 70 години
● Лица со нарушен имунитет
Ако ти или оние со кои јадеш заедно спаѓаат во некоја од овие категории, треба посебно да внимаваш како ја готвиш, служиш или јадеш храната.
[Извор на слика]
Извор: Управа за исхрана на Нов Јужен Велс (Австралија)