3. Внимавај како ја приготвуваш и чуваш храната
ЕДЕН невнимателен готвач во древниот Израел набрал диви тиквички иако ‚не знаел какви се‘. Потоа, ги ставил во јадењето што се готвело. Оние што требало да го јадат тоа јадење се уплашиле дека може да е затруено, па затоа извикале: „Смртта е во котелот“ (2. Царевите 4:38-41).
Како што се гледа од овој пример, не треба да јадеме храна што е приготвена невнимателно бидејќи може да биде опасна, па дури и смртоносна. Затоа, за да избегнеш болести што се пренесуваат преку храна, научи добро да ја приготвуваш и да ја чуваш храната. Разгледај ги следниве четири предлози:
● Не одмрзнувај месо на собна температура
„Кога ќе оставиш [месо] да се одмрзнува, дури и ако во средината сѐ уште е замрзнато“, велат од Министерството за земјоделство на САД, „надворешниот слој може да биде во ‚ризичната зона‘ која е меѓу 4°С и 60°С — температури на кои бактериите брзо се размножуваат.“ Затоа, одмрзнувај ја храната во фрижидер, во микробранова печка или во сад со ладна вода во ќеса што не протекува.
● Зготви ја добро храната
Според Светската здравствена организација, „со исправно готвење се убиваат речиси сите опасни микроорганизми“. Кога готвиш, особено кога правиш супи и варива, температурата треба да биде најмалку 70°С.a Бидејќи за некои јадења не може лесно да се процени внатрешната температура, некои користат термометар за месо. Но, можеш да провериш дали месото е добро зготвено и ако го боцнеш со вилушка или ако го пресечеш.
● Веднаш послужи ја храната
Приготвената храна не треба да се остава на собна температура долго и, за да не се расипе, треба да се послужи веднаш. Одржувај ја температурата на храната — таа што треба да се јаде ладна, нека биде на ладно, а таа што треба да се јаде топла, одржувај ја топла. На пример, приготвеното месо можеш да го чуваш во рерна на околу 90°С.
● Внимавај со храната што ќе ти остане
Анита, мајка од Полска, обично ја служи храната веднаш штом ќе ја зготви. Но, ако зготви поголема количина, таа вели: „Веднаш по готвењето, ја замрзнувам храната во помали кутии за да биде полесно за одмрзнување“. Ако чуваш остатоци од храна во фрижидерот, дојади ги во рок од три до четири дена.
Кога одиш во ресторан, некој друг ти ја подготвува храната. Како да си го заштитиш семејството кога јадете надвор?
[Фуснота]
a Некоја храна, на пример, месо од живина, треба да се готви на повисока температура.
[Рамка на страница 6]
НАУЧИ ГИ ДЕЦАТА: „Кога моите деца готват, им велам да ги прочитаат и да ги следат упатствата од амбалажата“ (Јук Линг, Хонгконг)