1. Внимавај како и што купуваш
ДОКОЛКУ самиот не ја одгледуваш, храната што ја јадеш доаѓа на твојата трпеза од пазар или од супермаркет. Тогаш, како да избереш и да купиш здрава храна?
● Купувај по ред
„Прво купи ги производите што не се расипуваат лесно“, советуваат од Австралискиот совет за безбедност на храната. „Производите од фрижидерите и замрзнувачите земи ги на крај.“ Исто така, ако купуваш зготвена храна, земи ја пред да тргнеш накај дома.
● Купувај главно свежа храна
Секогаш кога е можно купувај свежа храна.a Рут од Нигерија, која има две деца, вели: „Обично одам на пазар рано наутро кога храната е посвежа“. Елизабет од Мексико, исто така купува на пазар. „Таму можам да купам свежо овошје и зеленчук што сама ќе си ги одберам“, вели таа. „Секогаш купувам свежо месо од животно заклано истиот ден. Кога морам, го замрзнувам она што ќе ми остане.“
● Провери ја храната
Земи го предвид следново: Дали кората или лушпата на производот е оштетена? Дали месото има чудна миризба? Ако купуваш пакувана храна, провери ја амбалажата. Ако е оштетена, храната може да дојде во контакт со опасни бактерии.
Ченг Фај, кој купува храна во еден супермаркет во Хонгконг, вели: „Многу е важно и да го провериш рокот на траење втиснат на амбалажата“. Зошто? Експертите предупредуваат дека, дури и ако по изглед, мирис и вкус производот со изминат рок ти се чини во ред, сепак може да си го расипеш стомакот.
● Внимавај во што ја чуваш храната
Ако пазаруваш со торба, редовно пери ја. Месото и рибата ставај ги во посебни ќеси за да не дојдат во допир со другата храна.
Енрико и Лоредана, брачен пар од Италија, пазаруваат близу до дома. Тие велат: „Така не мораме да ја носиме храната оддалеку и има многу помали шанси да се расипе“. Ако ти требаат повеќе од 30 минути за да стигнеш дома, храната од фрижидер или од замрзнувач стави ја во термо торба или потруди се на некој друг начин да ја одржиш температурата.
Во следната статија ќе дознаеш како исправно да ја чуваш храната дома.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Чекор 1 — храни се здраво“ во Разбудете се! од март 2011.
[Рамка на страница 4]
НАУЧИ ГИ ДЕЦАТА: „Ги учам децата пред да купат нешто за јадење, да го проверат рокот на траење“ (Рут, Нигерија)