4. Биди претпазлив кога јадеш во ресторан
Џеф, здрав и енергичен 38-годишник, го одвел своето семејство на ручек во ресторан близу Питсбург (Пенсилванија, САД). Еден месец подоцна, на Џеф му откажал црниот дроб и починал. Како дошло до тоа? Причина бил младиот кромид во јадењето, кој бил заразен со хепатит А.
РЕЧИСИ половина од парите што се трошат на храна во една западна земја се трошат во рестораните. Сепак, во истата таа земја, храната од рестораните е причина за појава на речиси половина од болестите преносливи преку храна.
Точно, ако одлучиш да јадеш во ресторан, некој друг ги купува состојките, ја чисти кујната и ја приготвува храната. Сепак, ти одлучуваш каде ќе јадеш, што ќе јадеш и дали ќе побараш храната што ти останала да ти ја спакуваат за дома.
● Разгледај наоколу
„Кога првпат влегуваме во некој ресторан“, вели Дајана од Бразил, „разгледувам наоколу за да видам дали масите, чаршафите, приборот и келнерите се чисти и уредни. Ако не се, си заминуваме и бараме друг ресторан.“ Во некои земји, санитарните инспектори редовно ги проверуваат рестораните и го оценуваат нивото на чистота, а оценките ѝ се достапни на јавноста.
● Биди претпазлив кога ја носиш дома храната што ти останала
Од Американската управа за храна и лекови советуваат: „Ако нема да си одиш дома два часа откако била послужена храната [или побрзо ако температурата е над 32°С], не земај ги остатоците за дома.“ Ако земеш остатоци, оди си право дома откако ќе јадеш и стави ги во фрижидер.
Ако ги следиш четирите чекори од овие статии, ќе јадеш побезбедна храна.
[Рамка/слика на страница 7]
НАУЧИ ГИ ДЕЦАТА: „Ги учиме децата да избегнуваат храна што би можела да биде опасна“ (Ноеми, Филипини)