ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/3 стр. 8-11
  • Земјата — Божји дар за нас

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Земјата — Божји дар за нас
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Земјата — и зачудувачка и убава
  • Неблагодарно општество Недостојно за Божјиот дар
  • Кога Божјиот дар ќе се цени
  • Доказ од една уникатна планета
    Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?
  • Дали Земјата ќе биде уништена?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Дали човекот ќе ја уништи Земјата?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
  • Жива планета
    Дали животот е Божје дело?
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/3 стр. 8-11

Земјата — Божји дар за нас

„ВО ПОЧЕТОКОТ Бог ги создаде небото и земјата.“ Тој исто така објавил дека Земјата е ‚многу добра‘ (1. Мојсеева 1:1, 31). Никакви купишта ѓубре не ја изобличувале; никакви депонии не ја загадувале. На човештвото му бил оставен во наследство еден прекрасен подарок: „Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки“ (Псалм 113:24).

Во Исаија 45:18, тој кажува која е неговата намера за Земјата: „Вака вели Господ, Кој го создаде небото, Он, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Он ја зацврсти, не ненадејно ја создаде; Он ја создаде за живеење. Он вели: Јас сум Господ, и нема друг“.

Тој јасно покажува која е одговорноста на човекот спрема Земјата — „да ја обработува и да ја пази“ (1. Мојсеева 2:15).

Јехова дава пример за тоа. Тој се грижи за Земјата. Еден начин е преку рециклирање на важните резерви на Земјата, работите од кои зависи целиот живот на неа. Едно посебно издание на Scientific American имало статии за неколку вакви циклуси, во кои биле вклучени: енергетскиот циклус на Земјата, енергетскиот циклус на биосферата, водениот циклус, кислородниот циклус, јаглеродниот циклус, нитрогенскиот циклус и минералните циклуси.

Земјата — и зачудувачка и убава

Нашироко познатиот биолог Луис Томас, во научното списание Discover, ја напишал оваа безрезервна фалба за Земјата:

„Огромна зачуденост, најчудна структура која воопшто ја познаваме во целиот универзум, најголема од сите космичко-научни загатки, збунувајќи ги сите наши напори да ја разбереме, е Земјата. Сега тукушто почнуваме да сфаќаме колку е необична и прекрасна, дури го одзема здивот, дека е најубавиот предмет што лебди околу Сонцето, опкружена со свој сопствен атмосферски син меур, која произведува и го вдишува сопствениот кислород, правејќи свој азот од воздухот во сопствената почва, создавајќи сопствено атмосферско време на површината од своите дождовни шуми, која конструира сопствен оклоп од живи делови, карпи од креда, корални гребени, фосили од поранешни облици на живот, сега покриени со слоеви на нов живот — сите споени заедно околу Земјината топка.“

Ова се само неколку од подготовките кои Јехова ги направил за да може Земјата и понатаму да функционира како еден прекрасен подарок на човештвото, дом кој е создаден вечно да постои за луѓето и за неброени милиони други живи суштества. Во Псалм 103:5 стои: „Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш“. Еден друг инспириран сведок сведочел за истата постојаност на Земјата: „Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а земјата си постои секогаш“ (Проповедник 1:4).

Астронаутите кои ја обиколувале Земјата красноречиво се изразиле во врска со оваа убава и нежна сфера која плови по својата орбита околу Сонцето, но ја изразиле и потребата човештвото да ја цени нејзината убавина и да се грижи за неа. Кога астронаутот Едгар Мичел првпат ја видел Земјата од вселената, тој испратил порака до Хјустон: „Изгледа како еден блескав син и бел скапоцен камен . . . помешан со бели превези кои полека се вртат . . . како еден мал бисер во густо црно море на мистерија“. Астронаутот Френк Борман коментирал: „Ние делиме една толку убава планета. . . . Многу изненадувачки е тоа зошто не можеме да го цениме она што го имаме“. Еден од астронаутите, на летот до Месечината со Аполо 8, коментирал: „Во целиот универзум, каде и да погледневме, единственото делче боја беше долу на Земјата. Таму можевме да го видиме кралското синило на морињата, жолто-смеѓите и кафеавите делови од копното и белилото на облаците. . . . Тоа беше најубавото нешто за гледање во сета небеса. Луѓето овде на Земјава не сфаќаат што имаат“.

Фактите покажуваат дека оваа изјава е вистинита — луѓето не го сфаќаат богатството што го имаат. Наместо да се грижи за тој подарок од Бог, човештвото го загадува и го уништува. И астронаутите го виделе тоа. Пол Вајтс, командир на првиот лет на спејс-шатл Challenger, рекол дека штетата која човекот ја направил на Земјината атмосфера е „страшна“ кога ќе се види од вселената. „За жал, овој свет забрзано станува сива планета.“ Тој понатаму додал: „Која е пораката? Си го загадуваме сопственото гнездо“. Оваа деструктивност се шири во страшно големи размери особено во овие ‚последни денови‘. Јехова ја објавил својата пресуда против оние кои ја уништуваат Земјата, имено, дека ќе ‚ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18).

Неблагодарно општество Недостојно за Божјиот дар

Материјалистичкото општество со цел да му даде слобода на телото, ги згазило под нозе духовните вредности. Практичните упатства што Јехова му ги дал на човештвото за среќен и задоволителен живот се потиснати од превласта на себичниот егоизам кој го карактеризира нашето време.

Второ Тимотеј 3:1-5 совршено ги опишува опасните времиња во кои живееме: „Ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“

Комерцијалноста ја потхранува потрошувачката, а рекламата е нејзина слугинка. Голем дел од рекламите се на место; но голем дел не се. Второво одговара на забележувањето на Ерик Кларк во делото The Want Makers (Творците на желбата): „Рекламите не само што помагаат да се продадат погрешните артикли на луѓе кои не можат да си ги дозволат туку честопати го прават тоа и со цени кои се несоодветно високи“. Алан Дурнинг во списанието World Watch (Набљудување на светот) вели: „Оние кои прават реклами не продаваат само ракотворби туку и начин на живот, ставови и фантазии, прилепувајќи ги нивните производи за бесконечните копнежи на душата“. Целта на рекламата е да нѐ направи незадоволни со она што го имаме и да го посакуваме она што не ни е потребно. Таа создава незаситен глад; води до прекумерна потрошувачка која изнемоштува; таа ги создава раширените депонии кои ја загадуваат Земјата. Нејзиното подмолно наговарање се вовлекува дури и во истоштените срца на оние кои живеат во безнадежна сиромаштија. Многу лица кои прават реклами на агресивен начин продаваат стоки за кои се знае дека ги убиваат луѓето или ги разболуваат.

Она што е важно е нашата положба пред Бог, како што стои во Проповедник 12:13: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот“. Оние кои прават така ќе ги исполнат условите за живот во Јеховиниот чист Рај! Исус ветил: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро — ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5:28, 29).

Кога Божјиот дар ќе се цени

Колку неверојатно прекрасна ќе биде Земјата! Јехова ни го дал за неа овој опис што го одзема здивот: „Видов [Јован] ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе, ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:1, 4).

Исто така, ќе исчезнат и такви поранешни работи, како што се депониите, токсичните отпадоци и оние кои своето ѓубре им го фрлаат на другите. Тогаш, единствените луѓе кои ќе бидат живи на Земјата ќе бидат оние кои ги сакаат своите ближни како себеси, кои го фалат Јехова за неговиот подарок — Земјата и кои со радост се грижат за неа и ја чуваат да биде во рајски околности (Матеј 22:37, 38; 2. Петрово 3:13).

[Рамка на страница 11]

Суетноста на материјализмот

Исус изговорил една остра вистина кога предупредил: „Гледајте и пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот“ (Лука 12:15). Не е важно она што го поседуваме, туку она што сме. Толку е лесно да се заплеткаме во метежот на животот — заработување пари, собирање материјални предмети, избезумено трчање за да се зграпчат сите задоволства по кои копнее телото — и да мислиме дека животот го живееме во потполност, не пропуштајќи ништо, додека можеби го пропуштаме најдоброто што животот има да го понуди.

Но, како што одминува животот, сфаќаме што сме изгубиле. Ја сфаќаме вистинитоста на она што го вели Библијата: Животот е многу краток — магла која исчезнува, облаче чад, пареа, сенка која поминува, зелена трева која венее, цвеќе кое се суши. Каде отишол? Што сме направиле? Зошто бевме овде? Дали е сѐ ова? Само суета над суетите, трчање во ветер? (Јов 14:2; Псалм 101:3, 11; 102:15, 16; 143:4; Исаија 40:7; Јаков 4:14).

Еден човек во болница кој е на умирање, гледа низ прозорецот и здогледува падина покриена со топли сончеви зраци, мешавина од трева и плевел, неколку цвеќиња што се мачат, ластовица која грепка во земјата за неколку семки — не е некаква сцена за изразување на чувства. Но за човекот кој умира, тоа е нешто прекрасно. Еден тажен копнеж го трогнува да помисли на едноставните радости што ги пропуштил, малите работи што значат многу — кои исчезнале толку бргу!

Библиските Грчки списи го изразуваат тоа на едноставен начин: „Ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:7, 8). Хебрејските списи го изразиле тоа подиректно: „Како што излегол гол од мајчината утроба, така и си заминува, каков што дошол; ништо нема да земе од трудот свој, што би можел в рака да понесе“ (Проповедник 5:14).

[Извор на слика на страница 8]

Фотографија на NASA

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели