Дали на религијата ѝ се одбројани деновите?
„Зашто Земјата сигурно ќе биде исполнета со спознанието за Јехова, како што водите го прекриваат самото море“
(ИСАИЈА, ИЗРАЕЛСКИ ПРОРОК ОД VIII ВЕК ПР. Н. Е.).
НА ТОЈ начин, хебрејскиот пророк Исаија претскажал дека еден ден сите на Земјата ќе бидат обединети во обожавањето на Семоќниот Бог. Меѓутоа, денес еден таков изглед може да изгледа уште подалечен од кога и да било.
Порано во овој век, на пример, комунистичките револуционери од Русија верувале дека уништувањето на религијата е неопходен чекор кон ослободувањето на пролетеријатот. Атеизмот, тврделе тие, би ги ‚ослободил работничките маси од теретот на предрасудите и заблудите на минатото‘. До 1939, Сталин го намалил бројот на отворените православни цркви во Советскиот Сојуз на 100, во споредба со над 40.000 пред 1917 година.
Хитлер, исто така, гледал на религијата како на препрека на неговиот пат до апсолутна моќ. „Некој е или христијанин или Германец. Не можеш да бидеш и едното и другото“, изјавил еднаш. Тој имал намера постепено да ги елиминира сите облици на обожавање што тој не можел да ги контролира. За таа цел, нацистите развиле сопствени квази-религиозни молитви, свечености, крштавања, па дури и погребни служби. Хитлер бил нивниот месија, а татковината — нивниот бог. Можело да се изврши секакво ѕверство доколку Хитлер го сакал тоа.
Последни денови на религијата?
Ниту Сталин ниту Хитлер не успеале во нивниот напор да ја задушат религијата. Но сега, изгледа дека апатијата ја презела улогата на тиранијата. За истражувачите на Библијата ваквиот развој на настаните не претставува изненадување. Апостол Павле му кажал на Тимотеј дека „во последните денови“ луѓето ќе бидат повеќе „сластољупци отколку богољупци“ (2. Тимотеј 3:1—4).
Дали Библијата учи дека овие „последни денови“, кои се обележани со религиозна рамнодушност, би биле еден увод во изумирањето на целата религија? Не. Наместо да го претскаже крајот на целата религија, Библијата објаснува дека лажната религија — на која ѝ е дадено симболичното име Голем Вавилон — ќе престане да постои.a Книгата Откровение вели: „Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘“ (Откровение 18:21).
Меѓутоа, исчезнувањето на лажната религија нема да заврши со еден безбожен свет. Напротив, Псалм 22:27 (НС) прорекува: „Сите краеви на Земјата ќе се сетат и ќе се вратат кон Јехова. И сите семејства од народите ќе се поклонат пред тебе“. Замисли си го само времето кога ‚сите семејства од народите‘ ќе се обединат во обожавањето на единствениот вистински Бог! Ова значајно ветување ќе најде величествено исполнување под владеењето на Божјето Царство (Матеј 6:10). Кога тоа време ќе дојде, религијата — вистинската религија — ќе биде многу важна. Но што сега?
Пополнување на духовната празнина
Духовната празнина која е толку распространета во Европа денес е слична со ситуацијата во Римското Царство во првиот век. Историчарот Вил Дјурант опишува како христијанството од првиот век успешно ја исполнило духовната потреба од тоа време: „Во моралниот вакуум на едно паганство кое било на умирање, во студенилото на стоицизмот и корупцијата на епикуреизмот, во еден свет презаситен од бруталност, свирепост, угнетување и сексуален хаос, во едно смирено царство кое изгледало како повеќе да не му требаат машките доблести или боговите на војната, тоа донело еден нов морал на братство, љубезност, пристојност и мир“.
Моралот и духовниот вакуум во животите на луѓето во нашето време може да биде исполнет со истата моќна порака што раните христијани ја проповедале низ Римското Царство. А има уши кои слушаат. Многу Европејци, иако надворешно не се религиозни, сепак мислат дека Бог игра важна улога во нивните животи. Тие можеби повеќе не ги посетуваат традиционалните црковни служби, но веќе ја исполниле својата духовна празнина на друго место.
Хуан Хозе, еден млад човек од Палма де Мајорка (Шпанија), бил школуван во едно католичко училиште и служел како министрант сѐ до својата 13-та година. Секоја недела присуствувал на миса со своето семејство, но кога станал тинејџер престанал да оди в црква. Зошто? „Како прво, ми здосади да одам на миса“, објаснува Хуан Хозе. „Ја знаев литургијата напамет. Сѐ ми изгледаше како повторување на она што го имав слушнато порано. Освен тоа, нашиот парохиски свештеник често се однесуваше грубо со нас министрантите. А јас сметав дека е погрешно тоа што сиротите луѓе треба да му плаќаат на свештеникот за да обави погребна служба.
Јас сѐ уште верував во Бог, но мислев дека можам да му служам на свој сопствен начин, надвор од црквата. Заедно со една група пријатели, се обидов да уживам во животот колку што можев најдобро. Претпоставувам дека можеби ќе речете дека забавата стана најважна работа во мојот живот.
Но, кога имав 18 години, почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Што имаа тие да ми понудат што јас не го најдов во црквата? Јасна вера темелена на Библијата, а не на традицијата и на ‚мистериите‘ кои никогаш не можев да ги разберам. Меѓутоа, моите нови верувања значеа големи промени за мене. Наместо да го поминувам секој викенд во организирање забави во дискотеките, почнав да одам од куќа до куќа за да им ја пренесувам мојата новопронајдена вера на моите ближни. Тоа што бев активно вклучен во помагањето на другите му даде значење на мојот живот. Последниве седум години јас сум полновремен слуга на Јеховините сведоци.“
Не се само младите луѓе тие што бараат да ја исполнат својата религиозна празнина. Антонија, една постара жена од Екстремадура (Шпанија), го поминала поголемиот дел од својот живот „во потрага по Бог“, како што таа се изразува. Во текот на своите тинејџерски години, таа секој ден одела на миса и, со оглед на тоа што верувала „дека ако Бог не може да се најде во манастир, не може да се најде никаде“, таа конечно стапила во католички манастир. Но, после три години го напуштила манастирот, чувствувајќи се дури поразочарана и попразна отколку порано.
Конечно, кога била во своите 50-ти години, станала Јеховин сведок. „Бев толку среќна кога ме посетија Сведоците и ми одговорија на прашањата од мојата Библија“, објаснува таа. „Откако станав Јеховин сведок, мојот живот има цел. Имам свои проблеми, но можам да се соочам со нив бидејќи го пронајдов вистинскиот Бог.“
Овие две искуства не се осамени. Спротивно на религиозниот тренд, сѐ поголем број луѓе се поврзуваат со Јеховините сведоци и откриваат дека живеењето по нивната вера и проповедањето за неа на другите, им дава значење и смисла на нивните животи.
Вистинската религија е важна повеќе од кога и да е
Иако живееме во време кога многумина ја отфрлаат религијата, би било немудро да ги осудуваме сите религии како неважни. Навистина, во XX век, луѓето го отфрлаат празниот ритуал и застарената небиблиска догма, и го презираат одењето в црква кое е само за да им се остави впечаток на другите. Всушност, Библијата препорачува да се држиме понастрана од лицемерната религија. Апостол Павле прорекол дека во текот на „последните денови“, некои луѓе ќе бидат ‚на изглед побожни, а од силата на Бога ќе се одречат‘. Таквите луѓе задржуваат надворешна побожност, но нивното однесување ја порекнува нејзината полноважност. Како треба да реагираме на ваквото религиозно лицемерство? „Од нив одвратувај се!“ советувал Павле (2. Тимотеј 3:1, 5).
Но, Павле исто така рекол дека „религијата донесува високи добивки“ (1. Тимотеј 6:6, New English Bible). Павле не зборувал само за кој било вид религија. Грчкиот збор кој е тука преведен со „религија“ бил евзебиа што значи „оддаденост или почитување кон Бог“. Вистинската религија, автентичната божествена оддаденост, „има ветување за сегашниот и за идниот живот“ (1. Тимотеј 4:8).
Како што покажуваат гореспоменатите примери, вистинската религија може да им даде значење на нашите животи и да ни помогне со цврстина да се соочуваме со проблемите. И повеќе од тоа, вистинската религија гарантира вечна иднина. Тој облик на обожавање вреди да се извршува, со оглед на тоа што ние сме уверени дека тоа конечно ќе ја ‚наполни Земјата‘b (Исаија 11:9, НС; 1. Тимотеј 6:11). Без сомнение, сега е време кога вистинската религија е важна повеќе од кога и да е.
[Фусноти]
a Библијата го користи древниот град Вавилон како симбол за светското царство на лажната религија, бидејќи токму од тој град потекнуваат многу небиблиски религиозни идеи. Низ вековите, овие вавилонски замисли продреле во главните религии на светот.
b За дискусија во врска со тоа како да се идентификува вистинската религија, види поглавје 5, „Чие обожавање го прифаќа Бог?“ од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена во 1995 година од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, инк.
[Рамка/слики на страница 10]
Сказна за две згради
Шпанија е преполна со религиозни згради, но горливоста што некогаш ја поддржувала изградбата на скапите катедрали изгледа дека испарила. На пример, во Мејорада дел Кампо, во предградието на Мадрид, во изградба е една импресивна католичка црква. Овој проект пред 20 години го започнал Хусто Галего Мартинез, поранешен бенедиктински монах. Но зградата е сѐ уште една шуплива школка. Мартинез, осамениот градител, сега е во своите 60-ти години, така што изгледа неверојатно дека црквата некогаш ќе биде завршена. Меѓутоа, 300 километри на југ, се одвива една поинаква приказна.
„Верата преместува планини“ — така локалниот весник ја опиша дводневната изградба на една Сала на Царството на Јеховините сведоци во Мартос (Хаен, Шпанија). „Како е тоа можно“, прашал локалниот весник, „во овој сегашен свет кој се темели на себичност, волонтери од различни области [од Шпанија] несебично да отпатуваат во Мартос за да подигнат зграда која ги надминува сите рекорди во брзина, совршеност и организација?“ Како одговор на ова прашање, статијата ги цитираше зборовите на еден од волонтерите: „Заслугата едноставно се должи на фактот што ние сме народ поучен од Јехова“.
[Слики на страница 10]
Мејорада дел Кампо
Сала на Царството во Мартос