ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/8 стр. 17-19
  • Вирусот — убиец го напаѓа Заир

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Вирусот — убиец го напаѓа Заир
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Смртоносна болест
  • Задушување на букнувањето
  • Во потрага по изворот
  • Епидемијата згаснува
  • Епидемии — како да се заштитиш
    Разно
  • ‚Чуми од едно место во друго‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Сида — како да се води борба против неа
    Разбудете се! 1999
  • Заштити се од заразните болести
    Разбудете се! 2016
Повеќе
Разбудете се! 1996
g96 8/8 стр. 17-19

Вирусот — убиец го напаѓа Заир

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АФРИКА

КИКВИТ (Заир) претставува простран град на работ на една тропска дождовна шума. Четириесет и две годишниот Гаспард Менга Китамбала, кој живеел надвор од градот, бил единствениот Сведок на Јехова во својата фамилија. Менга бил продавач на јаглен. Тој го подготвувал јагленот длабоко во шумата, го собирал на куп и врз главата го носел до Киквит.

На 6 јануари 1995 година, тој се чувствувал лошо. Двапати паднал на патот до дома од шумата. Кога стигнал во својот дом, рекол дека има главоболка и треска.

Во текот на следните неколку дена, неговата состојба се влошила. На 12 јануари, неговото семејство го однело во Општата болница во Киквит. Сведоците од собранието на Менга му помогнале на семејството да се грижат за него во болницата. За жал, неговата состојба се влошила. Тој почнал да повраќа крв. Неконтролирано му течело крв од носот и ушите. Починал на 15 јануари.

Наскоро, други од семејството на Менга кои го допреле неговото тело се разболеле. До почетокот на март, 12-мина кои биле во блиско сродство со Менга умреле, вклучувајќи ја и неговата сопруга и две од нивните шест деца.

До средината на април, болничкиот персонал и други почнале да се разболуваат и да умираат на сличен начин како Менга и неговото семејство. Болеста бргу се проширила на други два града во регионот. Очигледно, била потребна надворешна помош.

Професор Мујембе, врвен виролог во Заир, отишол во Киквит на 1 мај. За Разбудете се! тој подоцна кажал: „Заклучивме дека Киквит страда од две епидемии: едната е дијареа предизвикана од бактерија, а другата е јака треска на крвавење предизвикана од вирус. Се разбира, требаше да ја потврдиме оваа дијагноза. Затоа собравме малку крв од пациенти и ја испративме да се тестира при Центрите за контрола на болестите (CDC) во Атланта (САД)“.

CDC го потврди она што Мујембе и други лекари во Заир веќе го претпоставувале. Болеста била ебола.

Смртоносна болест

Вирусот ебола е крволочен. Тој може бргу да убие. Нема вакцина против него и не постои познато лечење на неговите жртви.

Еболата првпат била препозната во 1976 година. Го добила името по една река во Заир. Болеста нападнала во јужен Судан и по кратко време во северен Заир. Повторно букнување во помали размери се случило во 1979 година во Судан. После тоа, освен неколку изолирани случаи на луѓе кои умреле со симптоми слични на еболата, болеста исчезнала со години.

Вирусот ебола е толку смртоносен што научниците кои го проучуваат во Атланта го прават тоа во една лабораторија со максимална сигурност, изградена со вентилационен систем кој спречува да побегнат какви било микроби кои се пренесуваат преку воздухот. Пред да влезат во лабораторијата, научниците облекуваат заштитни „скафандери“. Кога си заминуваат, се тушираат во средство за дезинфекција. Екипите лекари кои дошле во Киквит си донеле со себеси заштитна опрема — ракавици и капи за една употреба, заштитни очила и посебна заштитна облека која не дозволува вирусот да продре.

За разлика од тоа, на повеќето жители на Киквит им недостигало знаење и опрема за да се заштитат. Други свесно ги ризикувале или ги загубиле своите животи грижејќи се за своите болезливи сакани. Пријателите и семејството без никаква заштита ги носеле болните и мртвите на својот грб или на рамења. Последица на тоа бил ужасен губиток на животи; вирусот уништил цели семејства.

Задушување на букнувањето

Меѓународната заедница одговорила на повикот на Киквит за помош — со донации во вид на пари и медицинска опрема. Екипи истражувачи долетаа од Европа, Јужна Африка и Соединетите Држави. Целта на нивното доаѓање била двократна: прво, да помогнат да го задушат букнувањето; и второ, да откријат каде живее вирусот помеѓу епидемиите.

За да помогнат да се прекине епидемијата, здравствените работници извршиле потрага улица по улица за да најдат некој кој покажувал симптоми на болеста. Болните биле однесени во болница, каде што можело да се стават под карантин и безбедно да бидат згрижени. Оние кои починале биле завиткани во чаршафи од пластика и бргу погребани.

Била пуштена масовна кампања за да им се дадат точни информации за болеста на здравствените работници и на јавноста воопшто. Дел од пораката строго предупредувала на традиционалните погребни обичаи во кои семејствата церемонијално ги допираат и ги мијат мртвите.

Во потрага по изворот

Научниците сакале да дознаат од каде дошол вирусот. Познато ни е следново: Вирусите не се независни организми, способни сами да јадат, да пијат и да се размножуваат. За да опстанат и да се размножуваат, тие мора да ја напаѓаат и да ја искористат комплицираната машинерија на живите клетки.

Кога вирус ќе инфицира животно, честопати односот е меѓусебна коегзистенција — животното не го убива вирусот ниту вирусот го убива животното. Но кога човек ќе дојде во контакт со инфицирано животно и вирусот на некаков начин премине на човекот, вирусот може да стане смртоносен.

Поради тоа што вирусот ебола толку бргу ги убива луѓето и мајмуните, научниците претпоставуваат дека вирусот мора да опстанува во друг организам. Ако здравствените службеници откријат каков вид организам го носи вирусот, тогаш би можеле да преземат делотворна контрола и превентивни мерки за да се избегнат букнувања во иднина. Неодговореното прашање во врска со еболата е: Каде престојува вирусот помеѓу човечките епидемии?

За да одговорат на прашањето, истражувачите мора да го следат вирусот до неговиот извор. Напорите да се лоцира животинскиот резервоар после претходните букнувања се покажале неуспешни. Но епидемијата во Киквит дала нова прилика.

Научниците претпоставуваат дека првата жртва на епидемијата во Киквит бил Гаспард Менга. Но како бил заразен? Ако бил заразен од некое животно, тогаш каков вид животно било тоа? Логично дека одговорот би можел да се најде во шумата каде што работел Менга. Екипи за собирање поставиле 350 стапици на места каде што Менга работел за да го подготви својот јаглен. Тие фатиле глодачи, ријачки, крастави жаби, гуштери, змии, комарци, песочни мушички, крлежи, дрвеници, вошки, песочни болви и болви — вкупно 2.200 мали животни и 15.000 инсекти. Научниците, кои носеле заштитна опрема, ги убиле животните со анестетичен плин. Потоа испратиле примероци на ткиво до Соединетите Држави, каде што можеле да бидат проверени поради вирусот.

Поради тоа што можните скривалишта на вирусот скоро се неограничени, не постои сигурност дека изворот ќе се пронајде. Д⁠-​р К. Џ. Питерс, кој ја води специјалната патогена гранка на CDC, рекол: „Мислам дека овој пат шансите да го пронајдеме резервоарот на вирусот ебола не се повеќе од 50:50“.

Епидемијата згаснува

На 25 август, епидемијата официјално била прогласена за завршена, затоа што 42 дена немало нови случаи, што е двапати повеќе од инкубациониот период. Зошто болеста нашироко не се проширила? Еден фактор биле меѓународните медицински напори кои биле направени за да се задуши епидемијата. Друг фактор кој ја прекрати епидемијата била острината на самата болест. Затоа што се појавила и убивала толку бргу, а се пренесувала само со близок контакт, не се проширила на голем број луѓе.

Официјалните записи покажуваат дека 315 луѓе ја добиле болеста и дека од нив 244 умреле — смртна стапка од 77 проценти. Еболата моментално е стишена. Во Јеховиниот нов свет таа засекогаш ќе биде занемена. (Види Исаија 33:24.) Во меѓувреме, луѓето се прашуваат: ‚Ќе се појави ли еболата повторно за да убива?‘ Веројатно. Но никој не знае каде и кога.

[Рамка на страница 19]

Епидемијата во сооднос

Еболата е убиец, но сепак поголема закана за Африканците лежи во помалку спектакуларните болести. Во текот на букнувањето, други болести тивко си го зеле својот данок. Се известило дека неколку стотина километри источно од Киквит, 250 лица неодамна биле погодени со полио. На северозапад, еден смртоносен вид колера го разорила Мали. На југ, во Ангола, 30.000 луѓе биле погодени од болест на спиење. Преку едно пространо подрачје на Западна Африка, илјадници умреле од епидемија на менингитис. The New York Times навел: „За Африканците се појавува вознемирувачкото прашање — зошто никоја од [африканските] секојдневни, смртоносни средби со болести, кои воглавно можат да се спречат, едвај предизвикуваат блесок на сцената на светската совест“.

[Слика на страница 18]

Научници го истражуваат изворот на вирусот — убиец

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели