Гледиште на Библијата
Дали танцувањето е за христијани?
„НЕ МОЖАМ ова да го гледам. Ќе морам да излезам надвор“, младиот човек ѝ шепнал на својата сопруга додека станувал од своето седиште и ја напуштил собата за да се прошета на свежиот вечерен воздух. Тој бил засрамен.
Едни пријатели ги поканиле него и неговата сопруга на еден друштвен настан. Домаќините одлучиле да приредат забавна програма во која биле вклучени три жени како танцуваат. Останатите од публиката не изгледале вознемирени. Дали тој бил претерано осетлив? Зарем танчерките едноставно не ги изразувале своите внатрешни емоции и не уживале во слободата на танцот? Ајде да се обидеме да го сфатиме танцувањето од христијанска гледна точка.
Танцувањето е комуникација
Еден начин на кој луѓето комуницираат е со посредство на гестови или движења. На пример, кога се во странска земја, многу посетители се изненадуваат кога дознаваат дека некое движење кое тие го сметале за наивно, таму има поинакво значење — можеби непожелно. Еден поранешен мисионер на Соломоновите острови, Малезија и Папуа Нова Гвинеја, коментирал: „Во некои подрачја, со одредени движења на телото се поврзани сексуални призвуци. На пример, кога жена е седната на подот, се смета непристојно маж да пречекори преку нејзините нозе. Исто така, подеднакво е непромислено жена да оди пред маж кој е седнат на подот. Во двата случаи веднаш се согледуваат сексуални конотации“. Дали сме свесни за тоа или не, нашите движења на телото говорат. Затоа не треба да нѐ изненадува тоа дека низ историјата танцувањето се користело како облик на комуникација.
Комплетниот опсег на емоции може да се изрази во танц — од радоста и разиграноста на една прослава до сериозноста на религиозниот обред и традиција (2. Царства 6:14—17; Псалм 149:1, 3). The New Encyclopædia Britannica наведува: „Танчерот комуницира со публиката на два различни начина — или со изливање емоција преку телото и лицето или со комплициран јазик на мимика и гестови“. Во некои танцови, комуникацијата можеби изгледа гласна и јасна. Во други облици на танцување, јазикот можеби го разбираат само малкумина информирани луѓе. На пример, во класичниот балет раката на срцето укажува на љубов, додека посочувањето на четвртиот прст на левата рака означува брак. Во кинеската опера, одењето во круг укажува на патување а, пак, одењето околу бината додека се држи хоризонтален камшик сугерира дека се јава коњ; црно знаме влечено преку бината е бура, додека светло сино означува ветренце. Според тоа, телото комуницира со танцовните движења и гестови. Но дали пораката секогаш е прикладна?
Танцување — прикладно и неприкладно
Танцувањето може да биде прекрасен облик на разонода и вежбање. Тоа може да биде чисто и отворено изразување, покажувајќи една радосна телесна реакција на потполното задоволство на живеењето или ценење на Јеховината доброта (2. Мојсеева 15:20; Судии 11:34). Некои групни танци и народни игри можат да бидат пријатни. Во својата илустрација за расипничкиот син, Исус се осврнал дури на група танчари, очигледно изнајмена танцова трупа, како дел од веселбите (Лука 15:25). Значи, јасно е дека Библијата не го осудува танцувањето како такво. Меѓутоа, таа предупредува на стимулацијата на погрешни мисли и желби. Токму во овој поглед одредени видови танцувања можат да бидат нескромни, дури и опасни по нечија духовност (Колосјаните 3:5). Во древните времиња танцувањето повремено било еротско и погодно за штетни цели. (Спореди Матеј 14:3—11.)
Нашиот Противник, Сатана Ѓаволот, знае дека соединувањето на танцови движења и неприкладни мисли е моќно оружје во негови раце. (Спореди Јаков 1:14, 15.) Тој е многу свесен за сладострасната примамливост на телото кога е во движење и како тоа може да ги забрза еротските мисли. Апостол Павле предупредил дека Сатана е решен да нѐ заведе за нашите ‚мисли да бидат одведени од искреноста и чистотата кои му припаѓаат на Христа‘ (2. Коринтјаните 11:3, НС). Замислете си колку само Ѓаволот би бил задоволен кога ние со нашето набљудување или учествување во нескромно танцување би дозволиле нашиот ум да се впушти во грмушникот на неморалното размислување. Понатаму, тој би се радувал кога нашите неконтролирани желби би се отпуштиле и кога би се заплеткале во трњето на неприкладното однесување. За таа цел, во минатото тој користел такви движења и танцувања. (Спореди 2. Мојсеева 32:6, 17—19.)
Прикладно или неприкладно — како да се одреди
Значи, без разлика на тоа дали танцот го изведуваат групи, двојки или поединец, ако движењата будат нечисти мисли во вас, тогаш танцот е штетен за вас, иако можеби не и за другите.
Некои забележале дека во многу модерни танци, партнерите не се ни допираат еден до друг. Меѓутоа, дали всушност допирањето е во прашање? Делото Britannica го резимира тоа велејќи дека „финалниот производ е истиот — телесното задоволство во активноста на танцувањето и сексуалната свесност за партнерот, без разлика дали е прегрнат или полусвесно набљудуван“. Дали „сексуалната свесност за партнерот“ е мудра надвор од брачната врска? Не е — според Исусовата изјава дека „секој што ќе погледне [постојано гледа, НС] на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5:28).
Дали ќе почнете да танцувате или не — тоа е ваш избор. Размислувањето за следниве прашања може да ви помогне мудро да одлучите. Која е целта на овој танц? Која е неговата репутација? Што нагласуваат танцовните движења? Какви мисли и емоции будат во мене? Какви желби стимулираат во мојот партнер или во оние кои набљудуваат? Се разбира, треба да се реагира според совеста, како што постапил младиот сопруг во нашиот увод, без оглед на тоа што прават другите.
Библијата укажува на тоа дека Творецот сака да ги уживаме даровите на убавината, ритамот и грациозноста. Да, уживајте во нив — но запомнете дека, кога танцувате, вашето тело зборува. Сетете се на Павловите упатства во Филипјаните 4:8: „На она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!“
[Извор на слика на страница 15]
Со љубезна дозвола на Picture Fund, Museum of Fine Arts, Бостон