Локалните култури и христијанските начела — дали се споиви?
СТИВЕН, Сведок од Северна Европа, бил доделен како мисионер во една африканска земја. Додека заедно со еден локален брат се шетале низ градот, се сепнал кога братот го фатил за рака.
Помислата да се шета низ една прометна улица држејќи се за раце со друг маж, за Стивен била шокантна. Во неговата култура таквата навика има хомосексуална конотација (Римјаните 1:27). Меѓутоа, за африканскиот брат држењето за раце било чисто гест на пријателство. Одбивањето на раката би значело одбивање на пријателството.
Зошто судирите на културите би требало да бидат од интерес за нас? Пред сѐ, бидејќи Јеховиниот народ е желен да го исполни својот божествен налог ‚да направи ученици од луѓето од сите народи‘ (Матеј 28:19, NW). За да ја извршат оваа задача, некои се преселиле да служат таму каде што има поголема потреба од министри. За да успеат во својата нова околина, тие мора да ги разберат различните култури на кои наидуваат и да се приспособат кон нив. Тогаш ќе можат да работат во склад со своите браќа и сестри, додека истовремено се поделотворни во јавната служба.
Освен тоа, многу луѓе во овој разбрануван свет побегнале од своите измачени татковини поради политички или економски причини и се населиле во други земји. Така, веројатно би можеле да откриеме дека додека им проповедаме на овие нови соседи, се соочуваме со нови обичаи (Матеј 22:39). Нашето почетно изложување на различните навики може да резултира во чувство на збрка во врска со новите обичаи.
Подрачја кои се јасно дефинирани
Културата е вткаена во структурата на човечкото општество. Затоа, колку само би било бескорисно да се стане ‚преправеден‘ (NW) и да се испитува секој најситен обичај за да се одреди дали е споив со библиските начела! (Проповедник 7:16).
Од друга страна, пак, постои потреба да се идентификуваат локалните обичаи кои јасно ги прекршуваат божествените начела. Но, општо земено, не е тешко да се стори тоа бидејќи Божјата Реч е корисна за „исправање на работите“ (2. Тимотеј 3:16, NW). На пример, во некои земји е вообичаено да се има многу сопруги, но библиското мерило за вистинските христијани е мажот да има само една жива сопруга (1. Мојсеева 2:24; 1. Тимотеј 3:2).
На сличен начин, некои погребни обичаи кои се прават со цел да ги држат подалеку злите духови или, пак, се темелат на верувањето во бесмртна душа, би биле неприфатливи за еден вистински христијанин. Некои луѓе принесуваат темјан или молитви до починатиот за да ги одбијат злите духови. Други имаат обред на чување на мртовецот или, пак, дури имаат и втор погреб со цел да му помогнат на починатиот да се подготви за животот во ‚идниот свет‘. Меѓутоа, Библијата учи дека, кога едно лице умира, тоа ‚не знае ништо‘ и затоа не може некому да му направи добро ниту, пак, штета (Проповедник 9:5; Псалм 145:4).
Се разбира, постојат многу обичаи кои се споиви со Божјата Реч. Колку само е освежувачки да се стапи во контакт со култури каде што сѐ уште цвета духот на гостољубивост, каде што обичајот бара дури и на странец да му се упати топол поздрав и, кога е потребно, домот да биде отворен за него! Кога од прва рака доживуваш такво постапување, зарем не си поттикнат да го следиш тој пример? Ако да, тоа сигурно ќе ја подобри твојата христијанска личност (Евреите 13:1, 2).
Кој од нас сака да чека? Во некои земји ова ретко се случува бидејќи точноста се смета за важна. Библијата ни кажува дека Јехова е Бог на ред (1. Коринтјаните 14:33). Според тоа, тој одредил „ден и час“ за да ја оконча злобата, и нѐ уверува дека овој настан „нема да се забави“ (Матеј 24:36; Авакум 2:3). Културите кои унапредуваат разумна точност ни помагаат да бидеме уредни и да покажеме исправно почитување кон другите луѓе и кон нивното време, што сигурно е во склад со библиските начела (1. Коринтјаните 14:40; Филипјаните 2:4).
Што е со безопасните обичаи?
Иако некои обичаи очигледно се споиви со христијанскиот начин на живот, други не се. Но, што е со оние обичаи кои не можат да се дефинираат како добри или лоши? Многу обичаи се безопасни, т. е нештетни, и ставот кон нив може да ја покаже нашата духовна рамнотежа.
На пример, постојат многу облици на поздравување — ракување, поклонување, бакнување, па дури и прегрнување. На сличен начин, постои огромна разноликост во обичаите кои ги одредуваат манирите на масата. Во некои земји луѓето јадат од заедничка чинија или сад. Ждригањето е прифатлив — па дури и пожелен — израз на ценење во некои земји, додека, пак, во други тоа е неприфатливо и би се класификувало во крајно лоши манири.
Наместо да одредуваш кој од овие неутрални обичаи лично ти се допаѓа или не ти се допаѓа, сосредоточи се на тоа да усвоиш исправен став кон нив. Советот од Библијата кој не подлежи на времето препорачува да не правиме ‚ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност да се сметаме еден друг за погорен од себе си‘ (Филипјаните 2:3). Слично, во својата книга This Way, Please—A Book of Manners, Еленор Боикин вели: „Првото нешто што ти е потребно е љубезно срце“.
Овој понизен пристап ќе те спречи да ги презираш обичаите на другите. Ќе се чувствуваме мотивирани да преземеме иницијатива и да научиме како живеат другите луѓе, да ги споделуваме нивните обичаи и да ја пробуваме нивната храна наместо да се воздржуваме или со сомневање да гледаме на сѐ што изгледа поинаку. Ако задржиме отворен ум и ако сме спремни да испробуваме нови начини, тогаш му даваме комплимент на нашиот домаќин или на нашите странски соседи. Исто така, и самите извлекуваме корист додека ги ‚рашируваме‘ нашите срца и хоризонти (2. Коринтјаните 6:13).
Ако обичајот го спречува духовниот напредок
Што ако наидеме на обичаи кои сами по себе не се небиблиски, но сепак не придонесуваат за духовен напредок? На пример, во некои земји луѓето можеби се многу склони кон одолговлекување. Овој лежерен пристап кон животот може да го намали стресот, но веројатно ќе ни отежне „потполно“ (NW) да ја извршиме нашата служба (2. Тимотеј 4:5).
Како можеме да ги охрабриме другите да избегнуваат да ги одложуваат важните работи за „утре“? Запомни дека „првото нешто што ти е потребно е љубезно срце“. Мотивирани од љубов, можеме да дадеме пример, а потоа љубезно да објасниме кои се користите од тоа да не се остава за утре она што треба да се сврши денес (Проповедник 11:4). Истовремено, мораме да внимаваме да не ја жртвуваме взаемната доверба во интерес на продуктивноста. Доколку нашите предлози не се веднаш прифатени од другите, не треба да господариме над нив или да ја истураме нашата фрустрација врз нив. Љубовта мора да има предност над делотворноста (1. Петрово 4:8; 5:3).
Да се земе предвид локалниот вкус
Треба да се погрижиме секој предлог кој го даваме да биде оправдан, а не само обид да ги наметнеме сопствените вкусови. На пример, стиловите на облекување се многу различни. Во многу региони е прикладно кога некој маж ја проповеда добрата вест да носи вратоврска, но во некои тропски земји тоа може да се смета како претерано формално. Честопати, како корисен водич ќе послужи ако се земе предвид локалниот вкус за тоа што е прикладно облекување за некое деловно лице кое има работа со јавноста. Кога се занимаваме со осетливи прашања во врска со облекувањето, битен е ‚здравиот разум‘ (1. Тимотеј 2:9, 10, NW).
Што ако некој обичај не ни е пријатен? Дали треба автоматски да го отфрлиме? Не мора да значи. Обичајот мажите да се држат за раце, што беше спомнат претходно, бил сосема прифатлив во таа одредена африканска заедница. Кога мисионерот забележал дека другите мажи наоколу одат држејќи се за раце, му станало полесно.
Во текот на своите опсежни мисионерски патувања апостол Павле посетил собранија чии членови биле со различни заднини. Несомнено имало чести судири на културата. Затоа, колку што можел, Павле се приспособувал на кои и да било обичаи, сѐ додека цврсто се држел за библиските начела. „За сите станав сѐ“, рекол тој, „по каков и да било начин да спасам некого“ (1. Коринтјаните 9:22, 23; Дела 16:3).
Можеби неколку соодветни прашања ќе ни помогнат да одредиме како треба да реагираме на новите обичаи. Каков впечаток би им оставиле на набљудувачите ако усвоиме извесен обичај или ако одбиеме да го сториме тоа? Дали тие ќе бидат привлечени кон пораката за Царството бидејќи можат да видат дека се обидуваме да се вклопиме во нивната култура? Од друга страна, пак, ако усвоиме некој локален обичај, дали би можела ‚да се напаѓа нашата служба‘? (2. Коринтјаните 6:3).
Ако сакаме да им станеме „сѐ на сите“, можеби ќе мораме да преиначиме некои длабоко вкоренети гледишта за тоа што е исправно а што не е. Честопати, дали нешто што се прави е на „исправен“ или на „погрешен“ начин зависи чисто од тоа каде живееме. Така, кога мажите се држат за раце, во една земја може да биде доказ за пријателство, додека во многу други тоа сигурно би одвратило од пораката за Царството.
Меѓутоа, има и други обичаи кои се прифатливи во различни региони и можеби дури се и исправни за христијаните; па сепак мораме да им посветиме внимание.
Пази да не ја преминеш границата!
Исус Христос рекол дека иако неговите ученици не би можеле да бидат земени од светот, тие и понатаму ќе мораат ‚да не бидат дел од светот‘ (Јован 17:15, 16). Но, понекогаш не е лесна задача да се идентификува границата меѓу она што е составен дел на сатанскиот свет и она што е само култура. На пример, музиката и танцувањето преовладуваат речиси во секоја култура, иако во некои земји тие попримаат поголема важност.
Лесно можеме да донесеме суд кој повеќе ќе се темели на нашата заднина отколку на здрави библиски причини. Алекс, еден брат Германец, добил доделба во Шпанија. Во неговата поранешна околина танцувањето не било многу популарно, но во Шпанија тоа е дел од културата. Кога првпат видел како еден брат и сестра изведуваат еден жив локален танц, тој се збунил. Дали ова танцување било погрешно или можеби световно? Дали тој би ги спуштил своите мерила ако го прифател овој обичај? Алекс сфатил дека иако музиката и танцувањето биле поинакви, немало причина да смета дека неговите шпански браќа и сестри ги спуштаат христијанските мерила. Неговата збунетост се должела на разликата во културите.
Меѓутоа, Емилио, брат кој ужива во традиционалното шпанско танцување, признава дека постои опасност. „Забележувам дека многу облици на танцување бараат двојката да биде во многу близок контакт“, објаснува тој. „Како неоженет човек, увидувам дека тоа може да влијае врз чувствата барем на едниот од партнерите. Понекогаш танцувањето може да се искористи како изговор да се покаже наклоност кон некој кој те привлекува. Ако се погрижиш музиката да биде здрава и физичкиот контакт да се сведе на минимум, тоа може да служи како заштита. Сепак, морам да признам дека кога некоја група млади браќа и сестри кои не се во брак излегуваат заедно на танцување, многу е тешко да се задржи теократска атмосфера.“
Секако, ние не би сакале да ја искористиме нашата култура како изговор да се впуштаме во световно однесување. Пеењето и танцувањето имале место во културата на Израел и, кога Израелците биле ослободени од Египет кај Црвеното Море, нивната прослава вклучувала и песна и танц (2. Мојсеева 15:1, 20, NW). Меѓутоа, нивниот облик на музика и танцување се разликувал од оној на паганскиот свет околу нив.
Но, за жал, додека чекале Мојсеј да се врати од гората Синај, Израелците станале нестрпливи, направиле златно теле и, откако јаделе и пиеле, ‚станале да играат‘ (2. Мојсеева 32:1—6). Кога Мојсеј и Исус Навин го чуле звукот од нивното пеење, веднаш се вознемириле (2. Мојсеева 32:17, 18). Израелците ја преминале „границата“ и сега нивниот облик на пеење и танцување го одразувал паганскиот свет околу нив.
Слично е и денес. Музиката и танцувањето можат да бидат општо прифатливи во нашиот крај и можеби не ја повредуваат совеста на другите. Но, ако светлата се придушат и се додадат трепкави светла или се пушта музика со поинаков ритам, тогаш она што претходно било прифатливо можеби сега може да го одразува духот на светот. „Тоа е само нашата култура“, би можеле да тврдиме. Арон употребил сличен изговор кога се помирил со паганските облици на забавување и обожавање, погрешно опишувајќи ги како „празник на Господа“. Овој слаб изговор бил неоправдан. Па, на нивното однесување се гледало како на „срам меѓу нивните противници“ (2. Мојсеева 32:5, 25, NW).
Културата си има свое место
Егзотичните обичаи можат во почетокот да нѐ шокираат, но не мора да значи дека сите тие се неприфатливи. Со нашата ‚извежбана моќ на согледување‘ (NW) можеме да одредиме кои обичаи се споиви со христијанските начела, а кои не се (Евреите 5:14). Кога покажуваме љубезно срце полно со љубов кон ближниот, тогаш соодветно ќе реагираме кога ќе се соочиме со безопасните обичаи.
Додека им ја проповедаме добрата вест за Царството на луѓето во нашето локално подрачје или подалеку, урамнотежениот пристап кон разновидните култури ќе ни овозможи да станеме „сѐ за сите“. Без сомнение, ќе увидиме дека како што ќе ја прифаќаме разноликоста на културите, тоа ќе придонесе да имаме еден богат, разновиден и фасцинантен живот.
[Слика на страница 20]
Христијанското поздравување може исправно да се изрази на многу начини
[Слика на страница 23]
Урамнотеженото гледиште за различните култури може да доведе до еден богат, разновиден живот