Уривање ѕидови за градење мостови
НИЕ самите не сме го избрале семејството или нацијата во која сме се родиле ниту, пак, сме одлучиле која култура ќе го обликува нашето размислување. Над таквите работи не сме имале контрола. Сите сме подложни на времето и на околностите. Но можеме да го контролираме начинот како гледаме на другите и како се однесуваме спрема нив.
Библијата опишува како можеме да го сториме тоа. Разгледајте неколку начела кои ќе ни помогнат да изградиме мостови на комуникација спрема оние кои можеби доаѓаат од средина која се разликува од нашата.
„Бог, Кој го создаде светот и сѐ, што е во него . . . Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата“ (Дела 17:24, 26). Сите ние сме членови на истата човечка фамилија и според тоа имаме многу заеднички работи. Комуникацијата станува полесна ако ги бараме тие работи. Сите ние сакаме добри пријатели и потребно ни е да се чувствуваме сакани и почитувани. Секој настојува да избегне физичка и емоционална болка. Луѓето од сите култури ја сакаат музиката и уметноста, кажуваат вицеви, се држат за тоа да бидат учтиви еден спрема друг и бараат начини да бидат среќни.
„Не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си!“ (Филипјаните 2:3). Тоа не значи дека треба другите во сѐ да ги сметаме за посупериорни од нас. Наместо тоа, треба да сфатиме дека во некои подрачја од животот, другите се посупериорни. Никогаш не треба да мислиме дека ние или нашата култура има монопол над сѐ што е добро.
„И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите“ (Галатјаните 6:10). Самото преземање иницијатива да се биде пријателски настроен и услужлив кон другите, без разлика на нивното културно потекло, може многу да придонесе за да се премости комуникацискиот јаз.
„И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето, и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Добрите комуникатори мораат повеќе да прават отколку само да зборуваат; мораат да бидат слушатели кои се соживуваат.
„Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува“ (Изреки 20:5). Бидете будни да ги препознаете чувствата и спорните прашања кои стојат зад нечие надворешно однесување. Запознајте ги подобро луѓето.
„Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!“ (Филипјаните 2:4). Соживејте се, гледајќи на работите од гледна точка на другиот. Бидете несебични.
Културна разноликост меѓу Јеховините сведоци
Дека овие начела навистина делуваат се гледа од извонредното единство на Јеховините сведоци, кои се активни во 232 земји на Земјава. Тоа се луѓе кои доаѓаат од „сите племиња и колена, народи и јазици“ и кои се одлучни во сите работи да се придржуваат за Јеховиното водство кое е полно со љубов (Откровение 7:9; 1. Коринтјаните 10:31—33).
Сведоците како поединци не ја презираат културата на другите. Нити оние кои стануваат Сведоци ја отфрлаат културата во која се подигнати, освен ако тоа не се согласува со начелата од Библијата. Во таквите случаи тие прават промени во својот живот. Тие увидуваат дека во секоја култура има особини кои се вредни за пофалба и дека тие дури и се засилуваат кај луѓето кои го присвојуваат вистинското обожавање.
Тие се стремат нашата планета да ја гледаат како што Бог сигурно ја гледа — блескава, сина и убава — која се врти во вселената. Таа е планета со прекрасна разновидност на народи и култури. Јеховините сведоци со нетрпеливост го очекуваат времето кога целата Земја ќе ужива во животот како вистински обединето семејство.
[Слика на страница 8]
Јеховините сведоци се научиле како да ги скршат културните бариери