Папата во посета на ОН — што е постигнато?
НА СВОЈОТ лет преку Атлантикот за да им се обрати на ОН во Њујорк Сити, папата Јован Павле II поминал пат од 1.000.000 километри во своите патувања низ светот. Било 4 октомври 1995 година, а тоа било неговото 68 патување во странство како папа. Без сомнение, тој е папа кој во историјата на Римската католичка црква патувал најмногу.
Пристигнал на меѓународниот аеродром Неварк (Њу Џерси), една дождлива среда, опкружен од една од најподготвените безбедносни обрачи кои некогаш биле поставени за кој и да е достоинственик. Беше проценето дека околу 8.000 федерални и градски службеници биле доделени да го штитат папата. Еден извештај го нарекол тоа како „еден подготвен оклоп на безбедност“ во кој биле вклучени хеликоптери и нуркачи.
Зошто посета?
Во својот говор на аеродромот, папата потсетил дека неговиот претходник, папата Павле VI, се обратил до Генералното собрание на ОН со повик за мир: „Никогаш повеќе војни, војни никогаш повеќе!“ Јован Павле II рекол дека се вратил „за да го изрази [своето] длабоко убедување дека идеалите и намерите кои им дале зачеток на ОН пред половина век се понеопходни отколку кога било во еден свет кој е во потрага по цел“.
На вечерните молитви во катедралата Свето срце (Неварк), папата повторно ја покажал својата поддршка на ОН, велејќи: „Таа организација постои за да послужи на општото добро на човечката фамилија, и затоа е прикладно папата да зборува таму како сведок за надежта на Евангелието“. Тој додал: „Затоа, нашата молитва за мир е и молитва за Организацијата на обединетите нации. Свети Франсис од Асизи . . . се издвојува како голем љубител и занаетчија за мир. Да го бараме неговото посредување во работата на Обединетите нации за правда и мир во светот“.
Во својот говор до ОН, тој ги пофалил ненасилните политички промени во 1989 година во Источна Европа, каде што неколку земји добија повторна слобода. Тој охрабрил на „вистински патриотизам“ за разлика од „ограничениот и исклучителен национализам“. Тој зборувал за неправдите на сегашниот систем, велејќи: „Кога милиони луѓе страдаат од сиромаштија која значи глад, неисхранетост, болест, неписменост и деградација, мораме . . . да се потсетиме дека никој нема право да го експлоатира другиот во своја корист“.
Потоа изјавил: „Додека се соочуваме со овие огромни предизвици, како можеме да пропуштиме да ја признаеме улогата на Организацијата на обединетите нации?“ Тој рекол дека е потребно ОН „да станат морален центар каде што сите нации на светот ќе се чувствуваат пријатно“. Тој ја нагласил потребата да се унапредува „солидарност на целото човечко семејство“.
Вистински мир — од кој извор?
Без сомнение, тој изразил многу благородни мисли. Сепак, во својот опширен говор, дали во некој момент ги насочил светските лидери кон Божјето решение за проблемите на човештвото — неговото владеење на Царството преку Христос Исус? (Матеј 6:10). Не. Всушност, во својот говор до ОН тој во ниеден момент не ја цитирал Библијата. Напротив, тој рекол дека, „со помош на Божјата милост, во следното столетие и во следниот милениум можеме да изградиме една цивилизација која е достојна за човечката личност, една вистинска култура на слобода“. На оние кои ја проучуваат Библијата, таа мисла би можела да им изгледа како да одгласува слична таква мисла што пред 4.000 години во древниот Вавел ја изговориле оние кои мислеле дека со човечки средства можат да го задржат човештвото обединето: „Сега да соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име“ (1. Мојсеева 11:4). Затоа, според ова гледиште, политичките лидери на човештвото, кои се претставени со ОН, се тие кои ќе изградат една нова цивилизација која се темели на слобода.
Но, што прорекува Библијата во врска со иднината на човечките политички влади и за самите ОН? Книгите Даниил и Откровение даваат една јасна визија за иднината што ги очекува. Даниил прорекол дека во последните денови Бог ќе го воспостави своето владеење на Царството, како еден огромен камен кој ‚не е отсечен од човечки раце‘ (НС). Каква постапка ќе биде потребна? „Во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш . . . тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно.“ Човечките влади ќе бидат заменети со едно праведно владетелство за целото човештво (Даниил 2:44, 45).
Што ќе се случи со ОН? Откровение 17. поглавје ги опишува ОН (и нивниот краткотраен претходник, Лигата на народите) како скерлетна дива ѕверка која „ќе загине“ (Откровение 17:8).a Јеховиниот извор на вистински мир не е некое несовршено човечко посредништво, без оглед на тоа колку можеби се искрени неговите приврзаници. Вистинскиот мир ќе дојде преку Божјето ветено Царство, во рацете на воскреснатиот Христос Исус на небесата. Тоа е основа за исполнување на Божјето ветување од Откровение 21:3, 4: „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“.
Посета — колкаво влијание?
Кога во своите говори папата алудирал на Библијата, дали католичките верници биле охрабрени да ги земат своите Библии и да ги проверат стиховите? Факт е дека големо мнозинство не ја ни носело Библијата. Папата ретко правел некакво посебно осврнување на текст за да им помогне на слушателите во читањето на Библијата.
Еден пример е кога зборувал пред 83.000 присутни на Гигантскиот стадион (Њу Џерси), и рекол: „Чекаме да се врати Господ како судија на живите и на мртвите. Го чекаме неговото враќање во слава, доаѓањето на Божјето царство во неговата полнота. Тоа е постојана покана од псалмите: ‚Чекајте го Господ со храброст; бидете со смело срце, и чекајте го Господа‘ “. Но, кој текст од псалмите го цитирал? И на кој Господ се осврнал — на Исус или на Бог? (Спореди Псалм 109:1.) Според ватиканскиот весник L’Osservatore Romano‚ тој цитирал од Псалм 27:14, кој поточно гласи: „Ставете ја својата надеж на Јахве, бидете силни, вашето срце нека биде храбро, ставете ја својата надеж на Јахве“ (The Jerusalem Bible). Да, ние треба да ја ставиме нашата надеж на Јахве, т. е. Јехова, Богот на Господ Исус (Јован 20:17).
Во текот на историјата, дали католичкото свештенство и лидерите унапредувале мир меѓу народите? Дали католичкото учење послужило да ги реши етничките, расните и племенските несогласици? Масакрите што се случија во 1994 година во Руанда (Источно-централна Африка) и истребувачките војни во последниве неколку години, како онаа што беше во Југославија, сето тоа илустрира дека религиозните верувања во основа не успеваат да ја решат најдлабоката омраза и предрасудите кои дебнеат во човечкото срце. Ниту, пак, површната седмична исповед ниту редовното присуство на миса ќе го промени начинот на кој луѓето размислуваат и постапуваат. Треба да има едно многу подлабоко влијание, влијание кое доаѓа само кога на Божјата Реч ѝ се допушта да навлезе во срцето и во умовите на верникот.
Променетото однесување на еден вистински христијанин не се базира на емоционална реакција што ја поттикнуваат религиозните ритуали, туку на рационалното разбирање на Божјата волја за секој поединец. Апостол Павле изјавил: „Не се обликувајте според однесувањето на светот околу вас, туку вашето однесување нека се менува, обликувано според вашиот нов ум. Ова е единствениот начин да се открие волјата на Бог и да се знае што е добро, што е она што го сака Бог и што е совршената работа што треба да се направи (Римјаните 12:1, 2, JB). Ова ново однесување се постигнува со проучување на Божјата Реч, што води до точно спознание на неговата волја. Тоа создава една духовна сила која го покренува умот и резултира во христијанско однесување (Ефесјаните 4:23; Колосјаните 1:9, 10).
Дали црквата е на „критична раскрсница“?
Шпанскиот весник El País го опишал папата Јован Павле II дека има „исклучителна привлечност“ за еден човек на 75 години, а еден весник од САД го нарекол „господар на медиумот“. Тој е вешт во справувањето со печатот и во воспоставувањето контакт со масите и нивните деца. Во своите патувања тој вешто ја претставува Светата столица која е лоцирана во Ватикан. Иако Ватикан има службено признание од ОН, благословот на папата на таа организација нема да гарантира благослов и од Јехова Бог.
Реакциите на посетата на папата беа различни. Многумина од католиците кои добија билети за мисата која беше одржана надвор, се чувствуваа емоционално подигнати од искуството. Меѓутоа, некои католички водачи зазедоа понегативно гледиште за посетата и за можните последици. The New York Times го цитираше Тимоти Б. Раган, претседател на Католичкиот национален центар за пасторско водство, кој рече дека „посетата на папата е промашена прилика. Иако патувањето ‚било изградувачко и во поглед на сакраментот било врвна точка за голем број луѓе‘ “, за многу католички водачи не дало „никаква прилика да бидат сослушани и никаква можност за дијалог“. Многу католици мислат дека за прашања како што се целибатот, контролата на раѓање и разводот, тие се присилени да слушаат монолог.
Некои католички авторитети признаваат дека „црквата е на критична раскрсница“ и стравуваат дека многу католици, „особено младите, губат јасно чувство за тоа што значи да се биде католик“. Џејмс Хичкок, католички традиционалист, „го гледа проблемот како разорувачка студена војна помеѓу една сѐ поконзервативна хиерархија и останатото либерално ‚средно водство‘ “.
Во врска со тоа на кој начин посетата на папата влијае врз кризата во редовите на црквата, Хичкок изјавил: „Тој доаѓа овде, му се ласка, си оди дома — и не се случува ништо. Од моја гледна точка, резултатите се разочарувачки“. Папата сигурно испуштил прилика да им каже на политичките лидери на ОН каде треба да се пронајде изворот на вистински мир.
Иако Повелбата на ОН и човечката пропаганда ставаат нагласок врз целта — „мир и безбедност“, не бидете заведени. Библијата предупредува: „Оти, кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат“ (1. Солунјаните 5:3). Вистинскиот мир и безбедност ќе дојдат само преку Божјата волја и на негов начин — преку неговото владеење на Царството, а не преку ОН.
[Фуснота]
a За подетални информации за ова пророштво во Откровение, види ја книгата Откровение — близу е величествената завршница!, страници 240—251, издадена 1988 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Извор на слика на страница 24]
Фотографии на ОН