Прозорец во матката
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
СОВРЕМЕНИТЕ пренатални тестови им овозможуваат на лекарите во денешно време со сѐ поголема точност да дијагностицираат многубројни оштетувања, физички или умствени, кое едно неродено дете може да ги има. Ултразвукот и амниоцентезата се меѓу најпопуларните алатки кои се користат.
Ултразвукот претставува непродорна процедура која користи нечујни високофреквентни звучни бранови за да се создаде компјутеризирана слика на бебето во матката. Амниоцентезата подразбира земање од амнионската течност со шприц — течноста во која бебето лебди во матката, и проверување на хемиските обележја за некакви недостатоци кај фетусот, како што е Дауновиот синдром.
Фрлена во општеството како одронет камен во езерце, овој вид медицинска технологија, во комбинација со селективниот абортус, предизвикува големи бранови во водите на медицинската етика.a За жал, системот на вредности на овој свет не е стабилна платформа за решавање на моралните и етичките прашања и повеќе изгледа како дезориентиран сплав кој плови по распенети бранови.
Селективниот абортус, потпомогнат од технологијата, во некои земји е побрз од законската реформа. Во 13 анкети спроведени во Соединетите Држави во текот на изминатиов 15-годишен период, константни 75 до 78 проценти од анкетираните верувале дека бремената жена би требало да го има законското право да абортира бебе кое покажува силни показатели дека има сериозен недостаток. Во некои земји „предвидената мана“ сама по себе е доволна за да се одобри абортус.
Неодамна во Австралија, една мајка успешно го оптужила својот лекар за отштета затоа што на почетокот од нејзината бременост, тој пропуштил да дијагностицира рубеола (сипаници). Оваа болест, кога ќе се добие на почетокот од бременоста, може да доведе до сериозни деформитети кај нероденото бебе. Мајката тврдела дека, поради пропустот на својот лекар, била лишена од приликата да го абортира своето бебе.
Коментирајќи за правните и етичките последици на овој случај, правниот истражувач Џенифер Фицџералд, во една статија во Queensland Law Society Journal од април 1995, рекла: „Не само што [бремената жена] треба да одлучи: ‚Дали сакам да имам дете?‘ туку таа мора да одлучи и: ‚Какво дете сакам да имам?‘ “ Но каква инвалидност, прашува Фицџералд, дава доволна основа за легален абортус? „Зајачка усна, расцепено непце, вкрстено гледање, Даунов синдром, спина бифида?“ Во некои делови од светот, тоа е полот на детето, особено ако е женско!
„Недопирливи“ во матката?
Додека човечкиот геном се открива пред научниците, и прозорецот во матката, всушност, станува микроскоп на матката, како ќе си поминат неродените? Дали оние со помали мани ќе бидат издвоени за елиминација? Навистина, во последните децении постои тенденција кон сѐ повеќе абортуси, а не кон помалку. Соочени со овој огромен бран и со поплавата судски парници која уследила како резултат на тоа — како што е случајот кој е претходно споменат — лекарите се загрижени. Се разбира, тоа би можело да ги наведе на уште поодбрамбен пристап кон медицината, како што е барањето одредени тестови — не толку поради мајката и бебето колку да се заштитат себеси. Фицџералд пишува дека, како резултат на тоа, „бројот на пренатални тестови веројатно ќе се зголеми и, според тоа, и бројот на селективните абортуси“. Таа додава дека тоа би вовело „систем кој личи на кастинскиот во кој ‚недопирливите‘ стануваат ‚заменливи‘ “.
Што ако некоја мајка роди инвалидно дете кога ѝ била дадена секаква прилика — можеби дури била и охрабрувана — да го абортира? „Можеби ќе дојде време“, вели Фицџералд, „кога на родителите ќе им биде речено дека не можат да очекуваат поддршка за да ги задоволат потребите на своите инвалидни деца затоа што тие избрале да го имаат детето, а можеле да го абортираат.“
Не треба да се превиди пораката која селективниот абортус им ја пренесува на инвалидните лица во нашата средина. Кога едно општество се ослободува од неродените деца поради нивните недостатоци, дали тоа ќе предизвика онеспособените лица да се чувствуваат повеќе како товар на другите? Дали тоа ќе им отежне да се борат со негативната слика која можеби веќе ја имаат за себеси?
Фактот дека современото општество сака да ги исфрли неродените деца како што работниците ги исфрлаат дефектните делови од производствената лента, одговара на краткиот опис на личноста што го дава Библијата за луѓето кои живеат во „последните денови“ од овој злобен свет. Таа прорекла дека, во глобални размери, на луѓето ќе им недостига „природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1—5, НС). Грчкиот збор асторге, преведен „без природна наклоност“, се однесува на природната врска која ја имаат членовите на семејството еден спрема друг, како љубовта што ја има мајката кон своите деца.
‚Лулани и занесени од секој ветар на лажните учења‘, дезориентираните луѓе од овој свет секако претставуваат остар контраст во споредба со оние кои ја следат сигурната Реч Божја (Ефесјаните 4:14). Како сидро за душата, Библијата нѐ држи морално цврсти и стабилни во бурните мориња. (Спореди Евреите 6:19.) Затоа, иако христијаните увидуваат дека една жена би можела спонтано да исфрли ембрион или фетус кој е многу изобличен, самата помисла да се ѕирне во матката за да се види дали бебето е доволно здраво за да се зачува, им е сосема одвратна.b (Спореди 2. Мојсеева 21:22, 23.)
Одлуката на христијанинот да го зачува својот интегритет е зајакната со Божјето ветување за едно време кога „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘ “ (Исаија 33:24; 35:5, 6). Да, и покрај моменталните тешкотии за инвалидите и жртвите што ги прават оние кои се грижат за нив, „ќе им биде добро само на оние, што се бојат од Бога“ (Проповедник 8:12).
[Фусноти]
a Селективен абортус е постапка на абортирање на бебе затоа што ги нема карактеристиките кои ги сака родителот (или родителите).
b Се разбира, тоа не значи дека би било неисправно еден христијанин да се подложи на тестови за да го одреди здравјето на нероденото бебе. Може да постојат неколку библиски прифатливи медицински причини зошто лекарот би препорачал таква постапка. Сепак, некои тестови би можеле да вклучуваат ризици за бебето, затоа би било мудро со лекарот да се разговара за нив. Ако после таквите тестови се открие дека детето има сериозни недостатоци, христијанските родители во некои земји би можеле да бидат подложни на притисокот да го абортираат бебето. Би било мудро да се биде подготвен да се застапуваат библиските начела.