Опасност! Јас сум отровен
Од дописникот на Разбудете се! во Австралија
НА МИГРАНТИТЕ и посетителите на Австралија честопати им се вели дека речиси насекаде во ова пространо подрачје има отровни змии и пајаци. Сепак, од познатите видови пајаци, овде има само околу 1.700. Само малкумина би можеле навистина да ја носат ознаката „Опасност! Јас сум отровен“, но повеќето се безопасни.
Што се однесува до змиите, приближно 2.500 видови живеат со нас на планетата Земја. Околу 140 од нив се наоѓаат во Австралија, а само 20-тина се отровни. Дали навистина постои можност да се сретне едно од овие отровни суштества?
Во градовите?
Далеку повеќе од отровните змии и пајаци живеат во селата, односно во честарите. Меѓутоа, некои жители на крајбрежните градови треба да водат разумна грижа, особено кога станува збор за пајаците. На пример, како што укажува и неговиот службен латински назив, Сиднејскиот пајак Atrax robustus живее во и околу најголемиот град на Австралија, Сиднеј. Со своите испупчени црни забишта, тој навистина може да биде главна ѕвезда во нечии ноќни кошмари.
Мажјакот на Atrax robustus се препознава по изразениот раб на втората нога и токму тој е опасен — неговиот отров е пет пати потоксичен од отровот на женката. Во 1980 година, книгата The Funnelweb рече: „Во текот на последните седумдесет години, познато е за деветнаесеттина луѓе кои умреле од каснувања од Atrax robustus“. Во 1980 година беше направен првиот успешен противотров за каснувања од Atrax robustus.
Еден друг пајак со кој треба да се биде претпазлив е црвеногрбниот пајак, наречен според портокалово-црвената пруга која минува низ неговиот сатенско-црн стомак. Понекогаш пругата е розова или дури и светло сива. Женката на црвеногрбниот пајак е таа што е опасна. Противотровот за неговото потенцијално смртоносно каснување можеше да се набави дури во 1956 година. Црвеногрбниот пајак го има низ цела Австралија и е во сродство со добро познатиот пајак црна вдовица.
Внимавај! Змии!
Змиите ги има на тревниците или во грмушките на домовите во предградијата, особено ноќе. Само малку од нив се опасни — како што е тигрестата змија, смртоносната змија и тајпанот. Тигрестата змија е долга околу 1,5 метри. Може да се препознае по темните пруги низ нејзиниот грб. Кога е лута, може да испушта гласно кашлуцаво шиштење.
Смртоносната змија варира во бојата, но има жолто-бел додаток на крајот од опашката, што го затресува за да го намами пленот. Честопати ја има во песочните предели, каде што лежи во облик на потковица. Смртоносната змија е долга околу 0,6 метри и е дебела.
Од друга страна, пак, тајпанот може да порасне и до 3 метри должина! Тој е кафеав и носот му е во светла боја. Има големи отровни жлезди, а некои видови имаат отровни забишта подолги од 1 сантиметар. Еден коњ умрел за пет минути откако бил каснат од тајпан!
Што ако ме касне?
Може да се набави противотров и за каснувања од пајак и за каснувања од змија, а центри за информации во врска со отровот деноноќно стојат на располагање низ Австралија. Методите на лечење каснувања од змија се подобрени. Идејата дека раната треба веднаш да се пресече и отровот да се ишмука, многумина не само што сметаат дека е застарена туку и штетна. Советот на медицинските стручњаци сега е пациентот да не се движи, да мирува и да се употреби завој или лигатура помеѓу каснатото место и срцето. Потоа треба да се употреби еластичен завој и заболениот екстремитет да се имобилизира со шина. После ова пациентот треба да оди на лекар или да се однесе в болница колку што е можно побрзо.
Atrax robustus и црвеногрбниот пајак ретко се наоѓаат внатре во просториите. Црвеногрбниот дебне во ќошовите на гаражите или бараките или, пак, во кое и да е тивко, мирно место како што е некоја стара кола, куп ѓубре или полски клозет. Треба да се внимава да не се внесат внатре од невнимание.
Колку е голем ризикот?
Повеќето Австралијци никогаш не виделе црвеногрбен пајак или смртоносна змија и лично не познаваат никого кој бил каснат од нив. Вистината е тоа дека ризикот да Ве касне отровен пајак или змија е речиси нула доколку преземете разумна претпазливост. Повеќето отровни суштества се обидуваат да Ви се тргнат од патот, а може да станат агресивни само доколку се вознемирени или доведени во ќош.
Меѓутоа, мудар начин на постапување е да се биде претпазлив. Еден австралиски научник кој е стручњак за отровни суштества ужива „да се грижи за градината со ракавици, да лови риба со чизми и да патува внимателно“. Зошто чизми? Па, веројатно поради отровните видови октоподи и медузи, како и камени риби.
Можеби ќе биде подобро да Ви кажеме нешто за нив во друга прилика.
[Слика на страница 24]
Женски црвеногрбен пајак
[Извор на слика]
Горе: Со љубезна дозвола на Australian International Public Relations
[Слика на страница 24]
Северна смртоносна змија
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Рос Бенет, Канбера (Австралија)
[Слика на страница 25]
Atrax robustus
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Australian International Public Relations
[Слика на страница 25]
Тајпан
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Џ. Ц. Вомби, Канбера (Австралија)