Во пајажината има лист!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ГО ГЛЕДАТЕ ЛИ исушениот и свиткан лист? Забележете дека виси на пајажина. На прв поглед можеби изгледа дека ветрот го одвеал во пајажината. Но, има нешто посебно во врска со овој лист.
Она што го гледате е необичниот дом на пајакот листар — навистина чудесно суштество. Ова е единствениот пајак што е познат по тоа што го прави својот дом на тој начин што завиткува лист и го обложува со свила, истиот материјал што го користи за да ја направи својата пајажина. Но, дали пајакот едноставно користи некој лист што случајно бил довеан во пајажината? Можеби изгледа така. Но, поблиското разгледување дава доказ дека се работи за осмислено планирање. Пајакот внимателно избира лист, можеби од оние што лежат долу на земја. Откако ќе го свитка листот во спирала, го прицврстува со свилени нишки за да не се одвитка.
Меѓутоа, овие пајаци не користат само лисје за да си направат дом. Во дворовите во предградијата честопати користат остатоци од весници, лесен картон или фрлени влезници. Необично е тоа што можат да изберат дури и празна куќичка од полжав. Во еден таков случај, куќичката на полжавот била шестпати потешка од пајакот што ја одвлечкал до пајажината и живеел во неа!
Да си замислиме дека проверуваме дали нашиот пајак е дома во својот лист токму сега. Нежно тропкаме на листот. Еве го! Гледате? Мал пајак со прекрасни бои излегува од листот и се спушта на земја по својата свилена нишка. Не грижете се! Сосема сме безбедни. Овој вид пајаци не се опасни за човекот, иако може да Ве касне за прстот ако сте груби со него.
Во текот на денот, пајакот листар обично го минува времето одморајќи се во својот дом од лист. Но, ноќе, кога има повеќе инсекти, ќе го видите клекнат на влезот на својот лист. Од таа поволна положба внимателно ја набљудува својата пајажина положувајќи ја едната нога на ‚телеграфската жица‘ — една специјална свилена нишка што се протега од листот до средината на пајажината. Кога некој инсект ќе се удри во пајажината, пајакот веднаш ќе дотрча до него, ќе го парализира и ќе го изеде.
Овој генијален мал градител е само едно од многуте фасцинанти суштества од шумите на Австралија.