Радиото — изум кој го промени светот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ИСТРЕЛ од пушка ја распарал тишината на италијанското рурално подрачје. Тој сигнал му дал потврда на Гуљелмо Маркони дека елементарната направа што тој ја користел — работела. Електромагнетните бранови создадени преку предавател и проширени во вселената во вид на зраци биле примени на оддалеченост од 2,5 километри преку приемник. Тоа било во 1895. Иако во тоа време никој не можел во потполност да сфати што сѐ е вклучено во тоа, тој истрел од пушка го отворил патот за една технологија која оттогаш наваму извршила револуција во нашиот свет — радио-комуникацијата.
Неколку научници веќе ја проучувале природата на електромагнетните бранови. Во 1831, англискиот физичар Мајкл Фарадеј демонстрирал како електричната струја може да создаде магнетно поле и да индуцира струја во второ струјно коло кое е изолирано од првото, но кое е поставено во неговата близина. Во 1864 година, шкотскиот физичар Џејмс Мексвел поставил теорија дека енергијата која ја создаваат овие полиња може да зрачи во бранови — како бранчињата на површината на рибникот — но со брзината на светлината. Подоцна, германскиот физичар Хајнрих Херц ја потврдил теоријата на Мексвел, произведувајќи електромагнетни бранови и откривајќи ги на блиско растојание, како што направил Ернест Ратерфорд (подоцна, Лорд Ратерфорд) во Нов Зеланд. Но, со приспособување и подобрување на расположливата опрема и додавајќи примитивна антена што ја направил сам, Маркони успеал да пренесе телеграфски сигнал на значително растојание. Безжичната телеграфија била на пат!
Во 1896, 21-годишниот Маркони се преселил од Италија во Англија, каде што му бил претставен на Вилијам Прис, главен инженер на Главната пошта. Прис бил заинтересиран да го примени системот на Маркони во поморската комуникација помеѓу места кои не можеле да се поврзат со кабел. Тој му понудил на Маркони помош во вид на техничари, како и лаборатории за неговите експерименти. За неколку месеци, Маркони успеал да ја зголеми моќта на пренесените сигнали до растојание од 10 километри. Во 1897, Маркони ја основал Wireless Telegraph and Signal Company, Ltd, со цел да ја претвори безжичната телеграфија во комерцијално отпорен систем.
Во 1900 била направена радиотелеграфска врска од 300 километри помеѓу Корнуол и островот Вајт во јужна Англија, докажувајќи го она што некогаш се сметало за невозможно — пречекорување на земјината заобленост со радиобранови. Се мислело дека сигналите нема да бидат примени преку хоризонтот, затоа што електромагнетните бранови патуваат во прави линии.a Потоа почнале да пристигнуваат првите важни нарачки за радио. Британскиот Адмиралитет го овластил инсталирањето на радио-приемници на 26 бродови, како и изградбата и одржувањето на шест станици во земјата. Следната година, Маркони успеал да го премости Атлантикот со слаб сигнал од три точки кои ја покажувале буквата S од Морзеовата азбука. Иднината на изумот била обезбедена.
Технолошки развој
Во почетокот, безжичната телеграфија не можела да пренесува ниту зборови ниту музика, туку само Морзеовата азбука. Меѓутоа, во 1904 година направен е огромен чекор напред со појавата на диодата, првата електронска вакуумска цевка, која го овозможи пренесувањето и примањето на гласот. Тоа ја трансформира безжичната телеграфија во радио какво што познаваме денес.
Во 1906, во Соединетите Држави, Региналд Фесенден емитувал музика која ја примиле бродови на оддалеченост од 80 километри. Во 1910, Ли Де Форест организирал директен пренос на концерт од познатиот италијански тенор Енрико Карусо во корист на радио-аматерите во Њујорк. Една година пред тоа, од Ајфеловата кула во Париз (Франција), за првпат биле пренесени сигнали за да се регулираат часовниците. Истата таа година, 1909, се случило прво спасување со помош на радио и тоа на преживеаните од парабродовите Florida и Republic, кои се судриле во Атлантикот. Три години подоцна, биле спасени и преку 700 преживеани од несреќата на Titanic, благодарение на SOS пораката испратена по радио.
Уште во 1916 била замислена можноста да се има радио во секој дом. Употребата на електронски цевки го овозможи производството на ефикасни, ефтини приемници, отворајќи ја вратата која довела до раширен развој на комерцијалното радио. Бумот прво дошол во Соединетите Држави, каде што до крајот на 1921 година имало 8 станици, а до 1 ноември 1922 дозвола добиле 564! Во многу домови, освен системот за осветлување, радиото било првата направа која се приклучува за електричен довод на струја.
Во рок од две години од започнувањето на редовното комерцијално пренесување, Истражувачите на Библијата, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, исто така користеле радио за да ја емитуваат својата порака. Во 1922 година, Џ. Ф. Ратерфорд, тогашен претседател на Watch Tower Society, го одржал својот прв говор преку радио во Калифорнија. Две години подоцна, WBBR, станица која Watch Tower Society ја изградило и ја поседувало, почнала да се емитува од Стејтон Ајленд (Њујорк). На крајот, ширум светот Друштвото организирало мрежи за емитување на библиски програми. До 1933, највисок број од 408 станици ја пренесувале пораката на Божјето Царство (Матеј 24:14).
Меѓутоа, кај многу народи, радиото станало монопол на државата. Во Италија, владата на Мусолини гледала на радиото како на инструмент за политичка пропаганда и им забранила на нејзините граѓани да слушаат странски радио-преноси. Огромната моќ на радиото била јасно покажана во 1938. Во текот на емитувањето на една научнофантастична приказна во Соединетите Држави, Орсон Велс посеал паника меѓу широките народни маси, од кои некои мислеле дека во Њу Џерси пристигнале марсовци и дека користеле злотворен „топлотен зрак“ за да ги убијат сите кои им се спротивставувале!
Сто години на радиото
Во 1954, најомилената разонода на луѓето во Италија била слушање радио. И покрај успехот на телевизорот, радиото сѐ уште е многу популарно. Во повеќето европски земји, 50 до 70 проценти од населението го слуша радиото заради информации или заради забава. Се пресметува дека во Соединетите Држави, во 95 проценти од возилата има радио, 80 проценти во спалните соби и преку 50 проценти во кујните.
Една од причините за популарноста на радиото, дури и во ерата на телевизијата, е неговата преносливост. Освен тоа, според една анкета, радиото поседува „моќ да ги вклучи емоциите и имагинацијата која е далеку посупериорна од онаа на телевизијата“.
Во текот на 1995, прославите во Италија за стогодишницата на експериментот на Маркони укажале можност да се размислува за напредокот што го постигнало радиото. Многубројни научници придонеле во трансформирањето на првите примитивни направи во денешните напредни системи. Сега, благодарение на дигиталното аудио емитување, кое е систем на нумерично кодифицирање на сигналот, се гарантира одличен квалитет на звукот. Но, освен безбројните секојдневни примени на радиото, изумот беше почетна точка за телевизорот, радарот и разни други технологии.
На пример, радио-астрономијата се темели на примање и анализа на радиобрановите кои ги испраќаат небесните тела. Развојот на вселенската технологија би бил невозможен без радиото. Сите сателитски примени — телевизор, телефон, собирање податоци — зависат од користењето на радиобрановите. Технолошкиот развој на транзисторите во микрочипови довело прво до џебните машини за сметање и компјутерите, а потоа и до меѓународните информациски системи.
Подвижните телефони кои можат да поврзат скоро кои и да било две точки на лицето на Земјата, веќе се реалност. Сега има изглед да пристигнат безжични приемници во големина на дланка — комбинација на телевизор, телефон, компјутер и факс. Овие приемници ќе можат да се приклучат на стотици видео, аудио и текст канали и ќе им овозможат на корисниците да разменуваат електронска пошта со другите.
Човек не може да биде сигурен во поглед на тоа што носи иднината на ова поле. Но радио-технологијата продолжува да напредува, па и затоа постои веројатност да дојдат и други извонредни развитоци.
[Фуснота]
a Објаснувањето на појавата дошло во 1902, кога физичарите Артур Кенели и Оливер Хевисајд ја поставиле теоријата за постоењето на атмосферски слој кој ги рефлектира електромагнетните бранови — јоносферата.
[Истакната мисла на страница 30]
И покрај успехот на телевизорот, радиото сѐ уште е многу популарно
[Извори на слики на страница 28]
Горе лево и десно, долу лево: „MUSEO della RADIO e della TELEVISIONE“ RAI--TORINO; долу десно: Фотографија на NASA