Кога зборовите стануваат оружје
„Постои некој кој зборува непромислено како со бодежи од меч“ (ИЗРЕКИ 12:18, НС).
„ПОЧНА само неколку седмици после свадбата“, вели Елејн.a „Нељубезни забелешки, омаловажувачки коментари и обиди да ме понижи. Не можев да му бидам рамна на мојот сопруг. Неговиот брз ум и брз јазик можеа да извртат и да искриват сѐ што ќе речев.“
Во текот на нејзиниот брак, Елејн била изложена на подмолен вид напад кој не остава никакви лузни и не поттикнува сочувство кај другите. За жал, нејзината ситуација не се подобрила со текот на времето. „Во брак сме сега веќе преку 12 години“, вели таа. „Не поминува ниеден ден без тој да е критички и саркастично настроен спрема мене, употребувајќи груб и вулгарен говор.“
Библијата не претерува кога вели дека јазикот може да биде „немирно зло . . . полн со смртоносен отров“ (Јаков 3:8; спореди Псалм 139:3). Тоа е особено случај во бракот. „Оној кој рекол дека ‚зборот дупка не прави‘, сосема погрешил“, вели една сопруга по име Лиса (Изреки 15:4, НС).
И сопрузите можат да бидат мета на вербална агресија. „Знаете ли како е да се живее со жена која постојано ве нарекува лажливец, глупав идиот или уште полошо?“ прашува Мајк, чиј четиригодишен брак со Трејси е на пат кон развод. „Не можам во пристојно друштво да ги повторам работите што ми ги кажува таа. Затоа не можам да разговарам со неа и затоа останувам на работа толку доцна. Многу е побезбедно отколку да си дојдам дома“ (Изреки 27:15).
Со добра причина, апостол Павле ги опоменал христијаните: „Нека се одземе од вас . . . викање и погрден говор“ (Ефесјаните 4:31, НС). Но што е „погрден говор“? Павле го разликува од „викање“ (грчки кравге́), кое едноставно означува подигање на гласот. „Погрден говор“ (грчки бласфеми́ја) повеќе се однесува на содржината на пораката. Ако е тирански, злонамерен, понижувачки или навредлив, тогаш тоа е погрден говор — без разлика дали се изговара со викање или со шепот.
Раните од зборовите
Грубиот говор може да го ослаби бракот, исто како што океанските бранови можат да нагризат цврста карпа. „Колку е посилен и подолготраен“, пишува д-р Даниел Гоулман, „толку е поголема опасноста . . . Критиката и презирот или одвратноста кои преминуваат во навика се опасни знаци затоа што тие покажуваат дека сопругот или сопругата веќе го осудиле својот партнер во себе.“ Врз основа на она што го наведува една книга, како што наклоноста се намалува, сопругот и сопругата стануваат „законски венчани, но не и емоционално“. Со текот на времето, тие можеби и воопшто нема да бидат во брак.
Меѓутоа, исмејувачкиот говор може да влијае пошироко отколку само врз бракот. Една библиска изрека вели: „Поради болката на срцето постои скршен дух“ (Изреки 15:13, НС). Стресот кој доаѓа како резултат на постојаната буица зборови кои повредуваат може да наплати тежок данок врз нечие здравје. На пример, едно истражување кое го водел Универзитетот на Вашингтон (САД), открило дека жена која трпи постојано хулење може да биде посклона на настинки, на проблеми со мочниот меур, на габични инфекции и на гастроинтестинални растројства.
Многу сопруги кои поднеле и вербално и физичко тепање забележуваат дека зборовите можат да повредат повеќе отколку тупаниците. „Модриците од неговите шлаканици на крајот ќе се излечат и ќе поминат“, вели Беверли, „но никогаш, никогаш нема да ги заборавам ужасните работи што ми ги кажа за тоа како изгледам, како готвам и како се грижам за децата.“ Џулија се чувствува прилично исто. „Знам дека звучи лудо“, вели таа, „но подобро да ме удри и да заврши со тоа отколку со часови да ги игра тие умствени игри.“
Но зошто некои луѓе го напаѓаат и го прекоруваат оној за кого тврделе дека го сакаат? Следната статија го разработува тоа прашање.
[Фуснота]
a Некои имиња во оваа серија статии се изменети.
[Истакната мисла на страница 4]
„Подобро да ме удри и да заврши со тоа отколку со часови да ги игра тие умствени игри“
[Истакната мисла на страница 4]
„Знаете ли како е да се живее со жена која постојано ве нарекува лажливец, глупав идиот или уште полошо?“