Набљудување на светот
Подолго да се остане паметен
Сакате ли да ја задржите Вашата бистрина доста долго во подоцнежните години? „Немојте да го занемарувате Вашето образование, останете физички активни и заштитете ги Вашите бели дробови“, наведува списанието American Health. „Постојат работи кои можеме да ги сториме за да ја зголемиме веројатноста да ја задржиме умствената способност“, тврди Мерилин Алберт, невропсихолог при Харвардската медицинска школа. Д-р Алберт смета дека образованието некако „ја менува структурата на мозокот“ за да ги заштити умствените вештини да не се намалат со годините. Освен тоа, се мисли дека физичката активност може да ја подобри циркулацијата на крвта до мозокот и да го снабди со повеќе кислород. Затоа Алберт предлага: „Шетајте се секој ден, прочитајте барем една нова книга месечно и, ако сте пушач, дајте им одишка на Вашите бели дробови (и мозокот), така што ќе се откажете“.
Видеооперација на отворено срце
Една париска болница неодамна постигна меѓународна првина со изведување на видеооперација на отворено срце на една 30-годишна жена, известува дневниот весник Le Monde. Конвенционалната операција на отворено срце изискува отвор од приближно 20 сантиметри на градниот кош долж градната коска. Меѓутоа, оваа нова техника изискува засек од само 4 сантиметри, додека еден друг мал отвор овозможува една камера од оптички влакна да го води хирургот. Во овој случај, загубата на крв, постоперативниот шок и ризикот од инфекција прилично биле намалени. Пациентката можела да ја напушти болницата за само 12 дена после операцијата. Секоја година, ширум светот, околу еден милион луѓе се подложуваат на конвенционалната операција на отворено срце.
Светото писмо на 2.123 јазици
Хана Кикел-Андре, секретар за печат на Германското библиско друштво, неодамна објави дека според Wetterauer Zeitung — Светото писмо може да се чита на повеќе од 2.100 јазици. Се проценува дека човештвото зборува на преку 6.000 јазици и дијалекти. Тоа значи дека барем делови од Божјата Реч се достапни на повеќе од една третина од сите јазици кои се зборуваат. Според списанието Bibelreport, комплетната Библија сега е издадена на 349 јазици. „Новиот завет“ е достапен на уште 841 јазик, а други делови од Библијата на 933 — вкупно 2.123 јазици. На повеќето преведувачки екипи им се потребни околу четири години за преведување на „Новиот завет“ и околу осум за „Стариот завет“. Работата е во тек и со други 600 преведувачки проекти.
Крпите за садови можат да Ве разболат
Научниците откриле значителни количини штетни бактерии во користените крпи за садови и во кујнските сунѓери. Според UC Berkeley Wellness Letter, една неодамнешна студија открила дека од 500 влажни крпи и сунѓери кои биле испитани, „две третини содржеле бактерии кои можат да ги разболат луѓето“. Околу една четвртина „содржеле салмонела или стафилокок, два водечки причинитела за болести предизвикани со храна“ во Соединетите Држави. Стручњаците препорачуваат сунѓерите редовно да се менуваат и крпите за садови често да се перат. „Крпите за садови и сунѓерите можете да ги ставите во машина за миење садови заедно со Вашите нечисти садови или во машина за перење“, вели Wellness Letter. Откако ќе дојдат во контакт со свежо месо, работните површини можат да се исчистат со хартиени крпи наместо со крпи или сунѓери кои повторно се употребуваат.
„Готвење — и шумно дишење — со плин“
Под тој наслов, Science News известил како британските истражувачи откриле дека „кај жените кои готват со плин постои најмалку двапати поголема веројатност да доживеат шумно дишење, недостиг на воздух и други симптоми на астма отколку оние кои ги подготвуваат оброците употребувајќи електрични рингли и рерни“. Студијата спроведена при болницата Ст. Томас во Лондон, забележува дека симптомите не попуштале дури и кога се користел издувен вентилатор. Иако во испитувањето учествувале и мажи и жени, „последиците се појавиле само кај жените — веројатно поради тоа што тие поминуваат повеќе време во кујната“.
Сончевата светлина ја чисти водата
„Канадските научници откриле дека обичната сончева светлина ги разложува потенцијалните штетни состојки на жива во водата“, известува The Globe and Mail од Торонто. Истражувачите од Универзитетот на Манитоба и Слатководниот институт на Винипег откриле дека кога езерска вода контаминирана со метил-жива била изложена на сончева светлина, за само една недела се намалило нивото на метил-живата за 40 до 66 проценти. „Сѐ до овој експеримент, научниците веруваа дека само микробите ја разложуваат метил-живата во езерската вода“, вели Globe. Извештајот, исто така, забележува дека сончевата светлина по сѐ изгледа „делува 350 пати побрзо отколку претходно познатиот микробски процес“.