Да се преживее во еден алчен свет
„КАКО можам да преживеам?“ Со тоа прашање се соочил Џејмс Скот кога бил безнадежно изгубен на Хималајските Планини. Бил во вистинска опасност од смрзнување или изгладнување до смрт. Се сетил дека во карате натпреварите имал видено луѓе како „полека ја губат силата, секој удар им го одземал духот, сѐ додека . . . не станат потполно беспомошни“. Тој рекол: „Така се чувствував додека ја затворав мојата вреќа за спиење и исцрпен јадев снег. Мојот дух беше столчен и сета желба за живеење ме напушти. Никогаш не сум се чувствувал толку поразено“ (Lost in the Himalayas [Изгубен на Хималаите]).
Многумина денес, на некој начин се како него — фатени во стапицата на светот во кој доминира алчноста. Можеби чувствувате дека постепено ја губите силата и сте поразени. Малку луѓе можат целосно да ги избегнат непосредните последици од алчноста. Зависно од тоа каде живеете во светот, проблемите со кои се соочувате ќе варираат безгранично — во земјите во развој алчноста влијае на луѓето многу поинаку отколку на оние во богатите нации. И покрај тоа, какви и да се тешкотиите, можеби ќе можете да научите како да преживеете релативно неповредени во физички, емоционален и духовен поглед сѐ додека не дојде ослободувањето. Како? Следејќи го основниот совет кој го дале експерти за преживување.
Во нивниот совет се истакнуваат две поенти. Првата е: да се избегнува влошување на веќе тешката ситуација. „Вашата стратегија“, вели The Urban Survival Handbook (Прирачникот за преживување во градот), „мора да биде избегнување непотребни ризици . . . и минимизирање на штетата предизвикана од оние ризици кои не можете да ги избегнете.“ Втората — и можеби најважната — е поврзана со ставот. „Преживувањето“, вели The SAS Survival Handbook (Прирачникот на SAS за преживување), „зависи исто толку од душевниот став колку и од физичката истрајност и спознание.“
Направете сѐ што можете под тие околности
„Во САД, на секои 22 минути некој е убиен, на секои 47 секунди некој е опљачкан, а на секои 28 секунди некој е нападнат“, известува прирачникот Staying Alive—Your Crime Prevention Guide (Да се остане жив — Ваш водич за заштита од криминалот). Што можете да направите под такви околности? Во најмала рака, можете да се обидете да избегнете да станете јасна мета или лесна жртва. Бидете будни и трезвени. Направете сѐ што можете за да ја минимизирате опасноста.a
На пример, немојте да ја влошувате Вашата ситуација со тоа што ќе бидете лековерни. Списанието The New York Times известува дека 18 проценти од Американците признаваат дека се жртви на измамници — прелажани за илјадници долари од бескрупулозни луѓе кои трагаат по ранливи жртви. Честопати жртвите се постари луѓе, како една 68-годишна вдовица на која ѝ опљачкале 40.000 долари. Нејзиното искуство било повод за ударниот наслов: „Ако косата е седа, мајсторите за измама гледаат зелено [што значи, зелени банкноти или долари]“.
Но, Вие не мора да бидете уште една недолжна, беспомошна жртва која чека да биде искористена. Прирачникот Да се остане жив нѐ предупредува: „Внимавајте на волкот во овча кожа“. Една 70-годишна баба го применила овој совет. Нејзе ѝ било понудено целосно осигурување на нејзините медицински сметки по цена од само 10 долари месечно. „Единственото нешто што бабата морала да го стори“, вели извештајот, „било да му даде на продавачот 2.500 долари однапред.“ Таа не го сторила тоа. Телефонирајќи во осигурителната компанија, открила дека човекот бил измамник. „Додека на продавачот му ја полнела неговата втора шолја чај, полицијата стигнала и го одвела.“
Од советот даден во Библијата се подразбира дека треба да направите сѐ што можете за да се заштитите себеси. „Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори“ (Изреки 14:15; 27:12). Многумина ја отфрлаат Библијата како старомодна и непрактична. Но, нејзиниот здрав совет може да Ви помогне да преживеете. Мудриот цар Соломон напишал: „Мудроста [како онаа што се наоѓа во Библијата] служи како заштита, исто како што и парите служат како заштита, но предноста на спознанието е во тоа што мудроста ги чува во живот оние што ја поседуваат“ (Проповедник 7:12, НС).
Многу читатели на Разбудете се! увиделе дека тоа е точно. На пример, некои добиле одредена мера заштита на тој начин што гласно викале кога им се заканувало силување или друго насилство, во склад со она што е спомнато во 5. Мојсеева 22:23, 24. Други, пак, го следеле библискиот совет да се чуваат од сѐ што го „загадува телото или духот“ (2. Коринтјаните 7:1, The Twentieth Century New Testament). На тој начин, тие се заштитиле од препродавачите на цигари и дрога, кои се збогатуваат на сметка на здравјето на луѓето. Многу читатели, исто така, ги избегнале стапиците на ТВ-проповедниците кои изнудуваат пари, како и на политичарите гладни за моќ. (Види ја рамката, страница 7.) Читајте ја Библијата. Можеби ќе бидете изненадени од тоа колкава практична помош дава таа.
Избегнувајте да се заразите со алчност
Се разбира, постои друга опасност од алчноста — можете и самите да станете алчни. Тоа ќе Ве лиши од подобрите морални особини кои Ве разликуваат од животните. Опишувајќи една бесплатна реклама во која бизнисмените грабале сѐ што можеле, бил цитиран еден набљудувач кој рекол: „Свињите навистина се хранеа. Нивото на алчност . . . едноставно излезе од контрола“. Тоа веројатно е поголема навреда за свињите отколку за деловните опортунисти! Се чини дека тие сигурно го игнорираат добриот совет кој го дал Исус Христос: „Очите нека ви бидат отворени и чувајте се од секаков вид лакомост“ (Лука 12:15, НС).
Исус Христос го дал тој совет затоа што знаел колку голема штета можете да си нанесете ако Ве зграпчи алчноста. Желбата за материјални работи — а се разбира и желбата за моќ и секс — може да стане страст која го окупира целиот Ваш живот, лишувајќи Ве од секое време или склоност што можеби ги имате за да се грижите за луѓето или за духовните вредности. „Парите“, вели Ентони Сампсон во својата книга The Midas Touch (Допирот на Мида), „презеле многу особини на религијата.“ Како тоа? Парите стануваат бог. Сѐ друго се жртвува на олтарот на алчноста и добивката. Главната работа е профитот. Колку поголем толку подобро. Но, всушност, без разлика на тоа колку време ѝ давате, алчноста за материјалните работи никогаш нема да биде потполно задоволена. Проповедник 5:9 вели: „Кој го љуби среброто, со сребро нема да се насити, и кој сака богатство, тој нема да има корист од тоа“. Подеднакво, ‚кој ги љуби‘ моќта, имотите или сексот никогаш нема да биде задоволен, без разлика колку и да ги има.
Никогаш не се откажувајте од надежта за ослободување
Еден важен клуч за да се преживее е задржувањето надежно и позитивно гледиште. Понекогаш, малку можете да сторите за да ги избегнете последиците од алчните луѓе. На пример, луѓето кои умираат од глад честопати можат многу малку да сторат за да ја избегнат својата претстојна неволја. Но, не се откажувајте; не се предавајте. „Лесно е да се предадете, да колабирате и да бидете обземени од самосожалување“, кога сте изложени на една непријателски расположена или опасна околина, вели Прирачникот на SAS за преживување. Не се предавајте на негативните мисли и емоции. Ќе бидете изненадени колку многу можете да издржите. „Мажи и жени покажале дека можат да преживеат и во најнепријатни ситуации“, вели истиот прирачник. Како го сториле тоа? Тие преживеале, вели тој, „поради нивната решеност да го сторат тоа“. Бидете решени да не станете поразени од овој алчен систем.
Џејмс Скот, спомнат претходно, конечно бил ослободен од она што можело да стане негов хималајски гроб. Тој рекол дека од неговата борба да преживее научил барем една важна лекција. Која била таа? „Нема предизвик во животот кој е претежок за да се соочите со него“, рекол тој. Тим Макартни-Снеп, еден искусен планинар кој бил вчудоневиден од тоа што Џејмс Скот можел да преживее сѐ додека не бил најден жив, исто така извлекол една лекција. Тој рекол: „Сѐ додека постои некоја искра надеж, никогаш не смеете да се предадете“. Затоа, без разлика на тоа колку можеби работите изгледаат мрачни, Вие само ги влошувате ако ја изгубите надежта. Никогаш не се откажувајте од надежта за ослободување.
Но, дали постои некоја „искра надеж“, некоја реалистична шанса за ослободување од светот кој е презаситен со алчност? Дали некогаш ќе бидеме ослободени од алчните луѓе кои ја пустошат оваа планета и ги загрозуваат животите на милијарди луѓе? Всушност, постои сигурен изглед за ослободување. Разгледајте го библискиот одговор во следнава статија.
[Фуснота]
a Видете ја статијата „Насилство — можете да се заштитите“, во изданието на Разбудете се! од 22 април 1989, стр. 7—10 (англ.).
[Рамка на страница 7]
Библиски навремени предупредувања
Изреки 20:23: „Двојни мерки се одвратност пред Господа; и неточни мерки не се добри пред Господа“.
Јеремија 5:26, 28: „Зашто меѓу Мојот народ има безбожници: пазат како сокриени ловци на птици, се влечат по Земјата, ставајќи стапици за да ловат луѓе. Се здебелија, злото надмина секоја мерка, не разгледуваат судски дела, дела на сираци; и добро им е, иако не ги пресудуваат праведните дела на сиромасите“.
Ефесјаните 4:17—19 (НС): „Затоа го велам ова и сведочам во Господа, за вие повеќе да не одите како што одат и нациите во бескорисноста на својот ум, додека умствено се наоѓаат во темнина, и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог, поради незнаењето кое е во нив, поради бесчувствителноста на нивните срца. Изгубиле секакво морално чувство, се предале на разуздано однесување за да вршат секаков вид нечистота со алчност“.
Колосјаните 3:5: „Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!“
2. Тимотеј 3:1—5 (НС): „Но ова знај го: во последните денови ќе настапат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени, хулници, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, жестоки, без љубов кон добротата, издајници, тврдоглави, надуени [од гордост], повеќе љубители на задоволства отколку љубители на Бог, кои имаат облик на божествена оддаденост, но се покажуваат лажни во поглед на нејзината сила; од нив, одвраќај се“.
2. Петрово 2:3: „И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме“.