Алчноста — што ни прави таа?
АЛЧНОСТА ги упропастува животите на милиони луѓе. Таа ги обесчовечува алчните и им нанесува болка и жал на нивните жртви. Во Вашиот живот, Вие веројатно ги чувствувате последиците од алчноста. Дури и вообичаеното крадење по дуќаните ги зголемува цените на она што го купувате. Ако Вашите плати се ниски и цената на секојдневните неопходни работи е над Вашите можности, веројатно, Вие сте жртва на нечија алчност.
Оние што гладуваат и умираат
Алчната национална себичност ги отежнува владините напори за делотворно помагање на сиромашните. Уште во 1952 година, научникот и експерт за исхрана сер Џон Боид Ор рекол: „Владите се спремни да ги обединат луѓето и ресурсите за светска војна, но Големите сили не се спремни да ги истераат гладот и сиромаштијата од светот“ (Food Poverty & Power [Сиромаштијата со храна и моќта] од Ана Буханан).
Секако, се обезбедува нешто што наликува на помош. Но, каква е реалноста на животот за сиромашниот — поголемиот дел од светското население кој е занемарен? Еден неодамнешен извештај навел дека, и покрај зголеменото производство на храна во некои подрачја, „гладот и неисхранетоста сѐ уште го следат поголемиот дел од сиромашните во светот . . . Секој ден гладува една петтина [преку една милијарда] од луѓето во светот“. Извештајот понатаму вели: „Освен тоа, 2 милијарди луѓе страдаат од ‚скриен глад‘ поради . . . оскудност [во исхраната] што може да води до сериозни нарушувања“ (Developed to Death—Rethinking Third World Development [Развиени до смрт — Повторно размислување за развојот на Третиот свет]). Секако дека овие бројки треба да стигнат до насловните страници!
Поробените
Криминалните босови се збогатуваат на сметка на нивните жртви и на јавноста воопшто. Дрогата, насилството, проституцијата и економската експлоатација поробуваат милиони лица. Исто така, во својата книга Enslaved (Поробени), Гордон Томас вели: „Според Анти-ропското друштво, се проценува дека во светот има 200 милиони робови. Од нив, околу 100 милиони се деца“. Која е основната причина? Извештајот објаснува: „Силната желба да се поробува останува мрачна страна на човековата природа . . . [Ропството е] продукт на страста, алчноста и љубовта кон моќ“.
Моќните луѓе им ги одземаат поседите на слабите и ранливите, а на многумина дури и животите. „Од двата милиона Индијанци кои живееле во Бразил кога првпат стигнале белите луѓе, денес преживеале можеби двесте илјади“ (Голо дивјаштво). Зошто? Основната причина е алчноста.
Сѐ поголем јаз меѓу богатите и сиромашните
Списанието The New York Times известило дека Џејмс Густав Спет, администратор во Програмата за развој при Обединетите нации, навел дека „една глобална елита која се појавува . . . натрупува огромно богатство и сила, додека повеќе од половина од човештвото е изоставено“. Овој опасен јаз меѓу богатите и сиромашните станува поочигледен преку неговите зборови: „Ние сѐ уште имаме повеќе од половина народ на планетава — повеќе од 3 милијарди луѓе — чиј приход изнесува помалку од 2 долара дневно“. Тој додал: „За сиромашните луѓе во овој свет со две класи, тоа е плодно тло за безнадежност, гнев, фрустрација“.
Оваа безнадежност е зголемена со фактот што се чини дека многумина од богатите немаат ниту совест ниту, пак, некакво сочувство за тешката состојба на масите кои се погодени со сиромаштија и кои се гладни.
Жртвите на алчноста ги има насекаде. На пример, погледнете го збунетиот поглед во очите на бегалците кои се приклештени сред борбите за моќ во Босна, Руанда и Либерија. Погледнете го помирениот израз на лицата на оние кои умираат од глад сред изобилството во светот. Што стои зад сето тоа? Алчноста — од еден облик до друг!
Како можете да преживеете кога сте опкружени со алчни грабливци во една таква непријателски расположена околина? Следните две статии се занимаваат со ова прашање.