Свет без алчност
„БЕЗ глобална револуција во сферата на човечката свест, нема ништо да се промени на подобро во нашето постоење како луѓе, а катастрофата кон која нашиот свет се движи . . . ќе биде неизбежна“ (Вацлав Хавел, претседател на Чешка Република).
Многу луѓе признаваат дека сегашниот светски поредок не може да преживее. Некои, слично на Вацлав Хавел, мислат дека единствено решение е една глобална промена во човечкото размислување. На пример, еден набљудувач на моменталната светска сцена, вели: „За стотици милиони кои се очајно сиромашни, изгледот за храна и други неопходни работи за живот нема да биде подобар . . . освен ако нациите од светот не дејствуваат одлучно за да ги изменат моменталните трендови“ (Сиромаштијата за храна и моќта).
Но, дали е реалистично да ги полагаме нашите надежи за преживување во некој вид фундаментална промена на човечката природа? Можеме ли со сигурност да имаме доверба дека владите „ќе дејствуваат одлучно за да ги изменат моменталните трендови“? Некои мислат така. ‚Бог ни дал слободна волја, а на нас останува да ги промениме работите‘, велат тие. Но, грдите факти од историјата покренуваат сериозни прашања во врска со желбата и способноста на човекот да ги прави потребните промени. Ова гледиште не е песимистичко туку, напротив, реалистичко. Дали би го препуштиле својот живот во рацете на некој хирург ако знаете дека сите негови претходни пациенти умреле?
Проблем со образованието?
„Проблемот е во образованието“, вели Тед Треинер во делото Развој до смрт — повторно размислување за развојот на Третиот свет. Тој вели дека, ако луѓето не можат да бидат школувани за да сфатат дека е потребна фундаментална промена, „не можеме да се надеваме да постигнеме транзиција во еден светски поредок кој може да се одржи“. Нема сомнение дека, за да преживее светот, луѓето треба да се школуваат за важноста на една промена во ставовите и постапките. Всушност, тоа е неопходно, а Библијата зборува за една таква образовна програма. Таа вели дека Земјата ќе „биде исполнета со спознанието за Јехова“. Тогаш, никој нема да ‚прави никаква штета ниту да нанесува некаква пропаст‘, некаде на Земјата (Исаија 11:9, НС).
Но, ниедно образование, па дури ни Божјата образовна програма сама по себе, нема да ја ослободи Земјата од алчните луѓе кои нанесуваат голема штета и насекаде предизвикуваат пропаст. Образованието ќе донесе промена само кај луѓето кои сакаат да се менуваат, кај луѓето кои сакаат да удоволат на Божјите мерила. Според Исус Христос, тие се во малцинство (Матеј 7:13, 14). Затоа, Библијата не го темели своето ветување за промена врз некоја илузорна надеж дека еден ден сето човештво ќе се освести за големината на проблемот и дека ќе ги промени своите патишта. Таа вели дека Бог ќе преземе директна акција за да ја ослободи Земјата од алчните луѓе.
Интервенција од Бог
Многумина сметаат дека оваа идеја за директна акција од Бог е сон или привидение. „Интелектуалните пробиви во осумнаесеттиот век нѐ принудија да се откажеме од утешителната идеја за еден Бог кој ќе интервенира, кој ќе го доведе во ред човечкиот дом“, вели делото Светски глад: дванаесет митови. Но, дали треба да ја положиме нашата вера во интелектуалните аргументи и филозофии на оние кои изгубиле вера во „еден Бог што ќе интервенира“? Зарем нивните решенија не се привидение?
Помудро е нашата надеж за преживување да ја темелиме на непогрешливите пророштва кои се наоѓаат во Библијата, кои укажуваат на интервенција од Божја страна. Верувањето во Божјите ветувања не е само „утешителна идеја“ — тоа е единствената реалистична надеж што ја имаме за преживување!
,Да се уништат оние кои ја уништуваат Земјата‘
Што точно ветува Бог? Па, како прво, тој ветува дека ќе ја ослободи Земјата од оние кои ја загадуваат и уништуваат околината. Откровение 11:18 изјавува дека тој има ‚одредено време‘ да ‚донесе уништување на оние кои ја уништуваат Земјата‘. Што ќе значи тоа? Тоа ќе значи крај на сите оние кои моментално ги угнетуваат сиромашните и ранливите. Бог ќе ‚им суди на оние од народот кои се потиштени, ќе ги спаси синовите на сиромашниот и ќе го здроби измамникот‘. Тој ќе донесе ослободување од алчноста и ќе им дозволи на нејзините недолжни жртви да напредуваат. „Ќе го ослободи сиромашниот кој вика на помош . . . од угнетување и од насилство ќе ги избави душите нивни“ (Псалм 72:4, 12—14, НС).
Каква само промена ќе донесе тоа! Според апостол Петар, оваа промена ќе биде толку сеопфатна што ќе донесе „ново небо и нова земја“ (2. Петрово 3:13). Во оваа „нова земја“ секој ќе се радува на праведен дел од производството на Земјата (Михеј 4:4). Уште сега, постои изобилство храна за секого. Проблемот е во нееднаквото распределување. „Проценето е дека на потенцијално обработливото подрачје на планетата би можеле да произведеме во доволна мера за да издржуваме 38—48 милијарди луѓе“, вели Ана Буханан во својата книга Сиромаштијата за храна и моќта.
Оваа планета ќе преживее. Нејзиниот Творец ‚едноставно не ја создал залудно, [туку] ја обликувал за да биде и населена‘ (Исаија 45:18, НС). Божјата акција против алчните луѓе ќе значи краток период на „голема неволја“ (Матеј 24:21, НС). Тогаш, преживеаните од таа неволја ќе се радуваат на рајска Земја, населена со луѓе кои се потполно ослободени од алчноста (Псалм 36:10, 11; 103:5). Ќе биде како што ветува Библијата: „Ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица“ (Исаија 25:8).
Вие можете да бидете еден од оние среќни кои ќе извлечат корист од Божјата акција да ја исчисти Земјата од алчност. Ако навистина сакате да ја вршите Божјата волја, искористете ја сета помош која е дадена за да Ви помогне да преживеете сега во еден алчен свет. Преземете акција да ја преживеете ‚големата неволја‘. Јеховините сведоци се спремни да Ви помогнат да го научите она што треба да го знаете. Чувствувајте се слободни да контактирате со нив во локалната Сала на Царството или пишете до најблиската адреса која е наведена на страница 5.