ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/5 стр. 16-19
  • Сеење со солзи, жнеење со радост

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Сеење со солзи, жнеење со радост
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Време на радост
  • Време на солзи
  • Сила со солзи
  • Одново радост
  • Уште радост, уште солзи
  • Лекциите што ги научив
  • Зближи се со тој што ги слуша молитвите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Во ушите на едно детенце
    Разбудете се! 1997
  • „Бидејќи ја имаме оваа служба . . . не се предаваме“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Неверство — неговите трагични последици
    Разбудете се! 1999
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/5 стр. 16-19

Сеење со солзи, жнеење со радост

„УЖИВАЈТЕ во Вашето пензионирање во сончевата Шпанија!“ Милиони Европејци ја прифатиле оваа примамлива понуда и се преселиле таму. Кога наполнив 59 години, и јас одлучив да продадам сѐ и да се преселам од Англија во Шпанија, но барав нешто повеќе од сончева светлина и одмор.

Одбрав да одам во Сантјаго де Компостела — еден од највлажните градови во Шпанија — затоа што мојата цел беше да служам како полновремен министер, а не да се релаксирам на Сонцето. Дваесет и две години пред тоа, околностите ме натераа да ја напуштам мојата евангелизаторска служба во Шпанија, каде што бев отишол затоа што потребата од таа служба таму беше поголема. Секогаш имав намера да се вратам и сега најпосле успеав.

Но, прилагодувањето не беше толку лесно колку што си мислев. Првиот месец беше кошмар! Не памтам дека некогаш сум се чувствувал толку уморен во животот. Живеев во стан на петти кат, без лифт. Секој ден напорно пешачев горе-долу по ридестите улици на Сантјаго, качувајќи се по безбројните скали во моето настојување да им ја проповедам добрата вест на колку што е можно повеќе луѓе. После тој исцрпувачки месец, почнаа да ме обземаат сомневања. Дали ја донесов исправната одлука? Дали бев едноставно престар за ваквиот вид активност?

Меѓутоа, во вториот месец увидов дека ми се враќа силата. Тоа беше скоро како повратувањето на здивот на еден тркач на долги патеки. Всушност, влегов во еден од најсреќните периоди во мојот живот. Почнав да ја доживувам радоста на жнеењето, после многу години сеење со солзи (Псалм 125:5). Дозволете ми да Ви објаснам.

Време на радост

Мојата сопруга Пет и јас се преселивме во Шпанија во 1961 година. Во тоа време, министерската активност на Јеховините сведоци таму не беше официјално призната. Сепак, нашата проповедничка доделба беше сончевиот град Севиља, каде што само 25-мина учествуваа во проповедничкото дело.

Еден ден додека бев во служба, разговарав со еден Французин кој бојадисуваше куќа. Следниот ден една жена пристапи кон мојата сопруга и мене и нѐ праша дали претходниот ден сме разговарале со некој молер. Рече дека тој е нејзиниот сопруг, Франциско. Тој ѝ дал толку прецизен опис за нас што можеше веднаш да нѐ препознае. „Тој сега е дома ако сакате да го посетите“, нѐ информира таа.

Не губевме време дали да ја прифатиме таа покана, и за кратко време целото семејство ја проучуваше Библијата со нас. После некое време, Франциско се врати во Франција од економски причини. Бевме загрижени. Дали ќе го изгуби контактот со Сведоците? Меѓутоа, кратко време по неговото заминување добивме писмо од него кое ни ги смири мислите. Рече дека неговиот нов шеф се распрашувал за тоа колку религии постојат во Шпанија.

„Па, има две — католичка и протестантска“, претпазливо објаснил Франциско. Поради тоа што нашето дело сѐ уште не беше легализирано, тој мислел дека не е мудро да каже нешто повеќе.

„Дали си сигурен?“ го прашал неговиот шеф.

„Па, всушност има три“, одговорил Франциско, „и јас припаѓам на третата — Јеховини сведоци.“

„Тоа е одлично“, одговорил неговиот шеф. „Јас сум слуга во твоето собрание!“ Истата таа вечер Франциско бил на собранискиот состанок на Јеховините сведоци.

Во 1963-та бевме префрлени од Севиља во Валенсија, а кратко после тоа во Барселона. Таму добив обучување да служам како патувачки министер. Потоа бевме вратени назад во Валенсија за да служиме во патувачкото дело во тоа подрачје. Но, после неколку години во тоа прекрасно поле на активност, ѝ се појавија на Пет тешкотии во одржувањето на рамнотежата. Наскоро, имаше проблеми со одењето. Така почна времето кога ‚сеевме со солзи‘ (Псалм 125:5).

Време на солзи

Иако не сакавме, сепак ја напуштивме Шпанија за да добиеме медицинско лекување во Англија. А причините за симптомите на Пет? Мултиплекс склероза, дегенеративна болест која постепено сѐ повеќе и повеќе го онеспособува лицето. Со текот на времето, поради нуспојавите и проблемите поврзани со тоа, може да дојде до смрт.

Многу тешко ни беше да ги прилагодиме нашите животи и да ја прифатиме оваа болест. Но, минувајќи низ сето тоа ја научивме вистинитоста на зборовите на псалмистот: „Господ нека му помогне [секој кој постапува со обѕирност спрема скромниот] кога лежи болен в постела“ (Псалм 40:3).

Околу десет години се селевме од една куќа во друга. Пет беше многу осетлива на бука и се обидувавме да пронајдеме идеално место за живеење за неа — што на крајот сфативме дека е невозможно. Пет мораше да се привикне на користењето на инвалидска количка. Иако можеше да готви и да извршува многу други задачи, беше депримирана поради нејзината неподвижност. Бидејќи беше многу активна личност, сфати дека оваа физичка неспособност беше постојан извор на емоционален стрес.

Сила со солзи

Научив како да ѝ помагам на Пет да станува, да седнува, да се облекува, да се мие и да легнува и станува од кревет. Редовното присуствување на христијанските состаноци беше вистински предизвик. Беше потребен голем труд за да се подготвиме. Но, знаевме дека единствениот начин да останеме духовно јаки е да се дружиме со нашите христијански браќа.

Се грижев за Пет дома 11 години, додека преку денот работев како технички цртач. На крајот, сфативме дека поради влошувањето на нејзиното здравје ѝ беше потребна специјализирана грижа која јас не можев да ја обезбедам. Затоа, во текот на седмицата престојуваше во болница, додека за викендот јас се грижев за неа дома.

Секоја недела после ручек ја носев Пет на состанокот за јавност и на студијата на Стражарска кула, кои тогаш беа единствените состаноци што можеше да ги посетува. После тоа, ја враќав во болницата. Таа рутина многу ме исцрпуваше, но се исплатеше затоа што ја одржуваше Пет духовно јака. Понекогаш се прашував колку долго можам да го издржам тоа, но Јехова ми ја даде силата да продолжам. Секое утро во сабота водев една група во делото на сведочење пред да ја земам Пет од болница. Открив дека во тоа трауматско време, мојата христијанска рутина ми помогна да се одржам.

Во меѓувреме, Пет правеше сѐ што можеше за да ја проповеда добрата вест. Во болницата беше во можност да започне две библиски студии со болничарките кои се грижеа за неа. Едната, по име Хејзел, напредуваше до тој степен што се предаде на Јехова. За жал, Пет не можеше да присуствува на крштавањето на Хејзел затоа што почина кратко пред тоа, на 8 јули 1987 година.

Смртта на Пет беше време на олеснување, но и на жалост. Беше олеснување да се види крајот на нејзиното страдање, но чувствував длабока жалост поради загубата на мојата другарка. Нејзината смрт остави огромна празнина.

Одново радост

Колку и да изгледа чудно, Пет и јас имавме одлучено што да правам потоа. Поради тоа што и двајцата знаевме дека нејзиниот живот се ближи кон својот крај, зборувавме за тоа како би можел најдобро да му служам на Јехова после нејзината смрт. Заедничка одлука беше да се вратам во Шпанија — доделбата која бевме присилени да ја напуштиме.

Три месеци после смртта на Пет, отпатував до канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Шпанија за да утврдам каде би можел најдобро да служам. Добив доделба како специјален пионерски министер и бев доделен во древниот, дождлив град Сантјаго де Компостела.

Недолго после тоа, добив писменце од канцеларијата на подружницата со адреса од едно заинтересирано лице по име Максимино. Откако три недели се обидував да го најдам дома, конечно го запознав. Максимино, кој беше чистач во една локална болница, го добил трактатот Живот во мирољубивиот нов свет и потоа ја побарал книгата Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата.a Кога го посетив, тој веќе три пати ја прочитал книгата. Се извини што не ја читал Библијата толку многу — ‚стариот дел‘ само еднаш и ‚новиот дел‘ двапати. Сето тоа го сторил додека чекал некој да го посети.

Исто така, ми кажа дека отишол во Салата на Царството со намера да присуствува на еден од нашите состаноци. Меѓутоа, бидејќи многу се срамел, не влегол внатре. Започнав со него библиска студија и, уште истата седмица, присуствуваше на состаноците. Тој ја впи вистината, но имаше вистински проблем борејќи се со неговата зависност од тутунот. Со Јеховина помош, конечно можеше да се откаже од навиката на пушење и сега е крстен Сведок.

Уште радост, уште солзи

Само една година после моето враќање во Шпанија, повторно бев повикан да служам како патувачки надгледник. Но, пред да ја прифатам таа доделба, мојот живот неочекувано се измени. Се запознав со една пионерка по име Пакита, која служеше во близината на Сантјаго. Таа беше вдовица која многу години била во полновремената служба. Набргу откривме дека имаме многу заеднички работи. Во 1990, само шест месеци откако почнав со патувачкото дело, се венчавме — повторно радост.

Како мене, Пакита ‚сеела со солзи‘. Нејзината прва доделба како специјален пионер била погодена со една трагедија. Додека го транспортирал намештајот во Оренсе, нивниот нов дом, нејзиниот сопруг погинал во сообраќајна несреќа — еден камион кој доаѓал од спротивната насока преминал на неговата лента. Пакита и нејзината десетгодишна ќерка веќе биле во Оренсе кога ја добиле веста за неговата смрт. И покрај ужасниот губиток, два дена после погребот, Пакита започнала со својата доделба како што било планирано.

Низ годините, Пакита продолжила во полновремената служба. Потоа, повторно се случила трагедија. Една друга сообраќајна несреќа го одзела животот на нејзината ќерка, која тогаш имала 23 години. Болката била огромна, а процесот на жалење се продолжил. Како и порано, нејзината христијанска рутина и поддршката што ја добила од другите христијани биле пресудни за нејзиното опоравување. Јас се запознав со Пакита во 1989 година, само две години после смртта на нејзината ќерка.

Од склопувањето на нашиот брак во 1990, служиме во патувачкото дело во Шпанија. Иако овие последни неколку години се еден од најзадоволителните периоди во нашите животи, не жалиме што сме проживеале искушенија. Уверени сме дека тие нѐ обликувале на еден позитивен начин (Јаков 1:2—4).

Лекциите што ги научив

Верувам дека дури и најсуровите искушенија имаат позитивни аспекти, затоа што нѐ учат на одредени лекции. Најмногу од сѐ, искушенијата ме научија на важноста од соживувањето, битна особина за еден христијански надгледник. На пример, неодамна разговарав со еден христијански брат кој има син инвалид. Во потполност го сфаќав огромниот напор што го вложуваше секоја седмица за да го носи својот син на сите состаноци. После нашиот разговор, тој ми се заблагодари и ми рече дека тоа било првпат некој навистина да ги разбере тешкотиите со кои се соочуваат тој и неговата сопруга.

Друга важна лекција што научив е да се потпирам на Јехова. Кога сѐ ни оди добро, може да сме склони да се потпираме на нашата сопствена сила и способност. Но, кога некое сурово искушение ќе продолжи од година во година и не можеш да се справуваш со него со сопствената сила, учиш да се потпираш на Јехова (Псалм 54:22). Божјата рака која помага ми овозможи да се одржам.

Се разбира, тоа не значи дека секогаш сѐ беше подмачкано. Морам да признаам дека за време на болеста на мојата прва жена, понекогаш се лутев и бев фрустриран поради мојата ситуација, особено кога бев уморен. После тоа, се чувствував виновен поради моите чувства. Разговарав за тоа со еден сочувствителен старешина кој имаше професионално искуство во лекувањето пациенти со долготрајни болести. Тој ме увери дека добро се снаоѓам во моите околности и дека е многу вообичаено несовршените луѓе да грешат на таков начин кога се соочуваат со долготрајна емоционална напнатост.

Иако Пакита и јас сега неизмерно уживаме во нашата полновремена служба, мислам дека нема никогаш да ги земаме нашите благослови како нешто што е само по себе разбирливо. Јехова нѐ наградил на многу начини и ни дал да вршиме една задоволителна работа, работа која можеме заедно да ја вршиме. Низ годините и двајцата сеевме со солзи, но сега, благодарение на Јехова, жнееме со радосен извик (раскажал Рејмонд Киркап).

[Фуснота]

a Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Слика на страница 19]

Пакита и јас уживаме заедно во нашата служба

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели