„Бидејќи ја имаме оваа служба . . . не се предаваме“
РАСКАЖАЛ РОНАЛД ТЕЈЛОР
Во летото 1963, се најдов во животна опасност. Додека чекорев крај брегот, стапнав во една несигурна шуплина и наеднаш се најдов во многу длабока вода. Како непливач, за малку ќе се удавев на само неколку метри од брегот. Веќе потонав трипати и се наголтав морска вода, кога еден пријател ја забележа мојата неволја и ме одвлече до брегот. Преживеав, благодарение на навременото вештачко дишење.
ОВА не ми беше прв пат да ја сфатам важноста на тоа човек никогаш да не се предава — иако работите изгледаат безнадежни. Уште од најраното детство требаше да се борам за мојот духовен живот.
Првпат дојдов во контакт со христијанската вистина за време на мрачните денови на Втората светска војна. Јас бев едно од илјадниците деца кои беа евакуирани од Лондон за да ги избегнат опасностите од бомбрдирањата. Бидејќи имав само 12 години, војната во суштина немаше некое посебно значење за мене; таа беше само како една авантура.
За мене се грижеше еден постар брачен пар во Вестон–супер–Мер (југозападна Англија). Кратко по моето пристигнување во домот на брачниот пар, некои пионери, Божји слуги, почнаа да нѐ посетуваат. Тоа беше семејството Харгривз; сите четворица — Реџ, Мабс, Памела и Валери — беа специјални пионери. Луѓето кои ме усвоија ја прифатија вистината, а откако ја проучив книгата The Harp of God (Харфа Божја), и јас донесов одлука да му служам на Јехова. Само шест недели подоцна, бев поканет да учествувам во делото на проповедање.
Сѐ уште можам да се сетам на мојот прв ден во службата на проповедање. Без претходна подготовка, ми дадоа неколку брошури и ми рекоа: „Ти работи на таа страна од улицата“. И така помина мојот прв ден на проповедање. Во тоа време често проповедавме користејќи фонографски плочи на кои беа снимени силни проповеди. Моите најрадосни моменти беа кога ќе го носев фонографот од куќа до куќа и кога ќе пуштав снимени проповеди. Го сметав за вистинска привилегија тоа што можев да бидам употребен на еден таков начин.
Многу проповедав во училиште, а се сеќавам и кога еднаш на директорот на училиштето му врачив еден комплет книги со библиски теми. Се крстив на 13-годишна возраст, на конгресот што се одржа во нашата близина, во Бат. Еден друг конгрес што се одржа за време на војната, кој нема да го заборавам, беше конгресот во Лестер во 1941, во салата Де Монтфорт. Се качив на подиумот за да добијам примерок од книгата Children (Деца), која содржеше лична порака од брат Ратерфорд, кој тогаш беше претседател на Watch Tower Society. Возбудливиот говор што се одржа за сите млади кои беа присутни, ја зајакна мојата желба засекогаш да му служам на Јехова.
Така поминав две среќни години, растејќи во вистината заедно со родителите кои ме усвоија. Но, на 14-годишна возраст морав да се вратам во Лондон и да почнам да заработувам за живот. Иако повторно бев со своето семејство, во духовен поглед морав да застанам на свои нозе бидејќи никој од домашните не ги делеше моите верувања. Јехова наскоро ја обезбеди помошта што ми беше потребна. Само три недели по моето пристигнување во Лондон, еден брат дојде кај нас дома за да го замоли татко ми за дозвола да може да ме поведе во месната Сала на Царството. Братот беше Џон Бар, кој е сега член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. За време на тие критични тинејџерски години, тој стана еден од моите духовни „татковци“ (Матеј 19:29).
Почнав да го посетувам собранието Падингтон, што одржуваше состаноци во Кревин Терас, покрај лондонскиот бетелски дом. Бидејќи бев духовно сираче, еден постар брат помазаник, „Тате“ Хамфриз, беше одреден посебно да се грижи за мене. Секако дека беше голем благослов да се биде во друштво со многуте помазани браќа и сестри кои служеа во тоа собрание. Ние кои имавме земска надеж — наречени Јонадавовци — бевме во малцинство. Всушност, јас бев единствениот „Јонадав“ во групата за собраниска студија на книга што ја посетував. Иако не се дружев многу со мои врсници, ова драгоцено дружење со зрели браќа ми даде многу корисни лекции. Веројатно најважната беше никогаш да не се напушта Јеховината служба.
Во тие денови, обично целиот викенд го посветуваме на проповедничката дејност. Јас бев одреден да се грижам за „звучната кола“, која всушност беше еден трицикл приспособен да носи звучна опрема и акумулатор. Секоја сабота патував со трициклот и застанував на аглите од различни улици, каде што прво пуштавме малку музика, а потоа еден од говорите на брат Ратерфорд. Саботите ги користевме и за работа на улица со нашите торби, специјално дизајнирани за списанија. Неделите ги посветувавме на работа од куќа до куќа, нудејќи брошури и повези на книги.
Дружењето со ревни постари браќа ја разгоре во мене желбата да бидам пионер. Оваа желба беше засилена кога на обласните конгреси ги слушав предавањата за пионерите. Еден конгрес кој имаше длабоко влијание врз мојот живот, беше оној што се одржа во Ерлс Корт (Лондон), во 1947. Два месеци подоцна започнав со пионерската служба и оттогаш настојувам да го задржам пионерскиот дух. Радоста што произлезе од водењето напредни библиски студии служеше како потврда дека тоа беше исправната одлука.
Невеста од Шпанија и доделба во Шпанија
Во 1957, додека сѐ уште бев пионер во собранието Падингтон, се запознав со една прекрасна сестра од Шпанија, по име Рафаела. По неколку месеци се венчавме. Нашата цел беше да работиме заедно како пионери, но најпрвин отидовме во Мадрид за да се запознаам со родителите на Рафаела. Тоа беше посета која ми го измени животот. Додека престојувавме во Мадрид, брат Реј Дузинбери, надгледникот на подружницата во Шпанија, ме запраша дали би можеле да размислиме за тоа да служиме во Шпанија, каде што потребата од искусни браќа беше огромна.
Како можевме да одбиеме една таква понуда? Така, во 1958 започнавме со нашата заедничка полновремена служба во Шпанија. Во тоа време земјата беше под власта на Франко и нашата дејност не беше легализирана, коешто особено го отежнуваше делото на проповедање. Освен тоа, првите две–три години морав да водам борба со шпанскиот јазик. Повторно, тоа беше ситуација во која нема предавање, и покрај тоа што во неколку прилики плачев како резултат на крајната фрустрација што не можев да комуницирам со браќата во собранието.
Потребата од надгледници беше толку голема што иако одвај можев да зборувам по нешто шпански, за време од еден месец веќе надгледував една мала група. Поради тајноста на нашето дело, бевме организирани во мали групи што имаа од 15 до 20 објавители, кои повеќе или помалку функционираа како мали собранија. На почетокот беше напорно да се водат состаноците, бидејќи не можев секогаш да ги разберам одговорите на присутните. Меѓутоа, мојата сопруга ќе седнеше назад и, ако забележеше дека сум збунет, ќе ми дадеше дискретен знак со глава за да потврдам дека одговорот бил точен.
Немам некоја природна дарба за учење јазици, па затоа повеќе пати ми идеше да се вратам во Англија, каде што можев сѐ да правам многу полесно. Сепак, уште од самиот почеток, љубовта и пријателството на нашите драги шпански браќа и сестри ги неутрализираа моите фрустрации со јазикот. А Јехова ме благослови со посебни предности кои направија сето тоа да изгледа достојно за труд. Во 1958 бев повикан да присуствувам на меѓународниот конгрес во Њујорк како делегат од Шпанија. Потоа, во 1962, добив драгоцена обука во Школата на служба за Царството, која беше организирана за нас, во Тангер (Мароко).
Освен јазикот, еден друг проблем со кој се соочив беше постојаната грижа да не ме „собере“ полицијата. Знаев дека ако ме уапсат, за мене како странец тоа ќе значи автоматско протерување. За да се намали ризикот, работевме во парови. Додека еден сведочеше, другиот ќе наслушнуваше дали има некави знаци на опасност. По посетата на една или две врати, често на врвот од некоја станбена зграда, ќе отидевме две или три улици понатаму и ќе посетевме други две или три домаќинства. Обемно ја користевме Библијата, а во нашите палта носевме само по неколку брошури за да им понудиме на заинтересираните лица.
По една година во Мадрид, бевме доделени во Виго — еден голем град во северозападна Шпанија, каде што немаше ниту еден Сведок. За првиот месец–два, Заедницата предложи поголемиот дел од сведочењето да го преземе мојата сопруга — за да се добие впечаток дека сме само на посета како туристи. И покрај понеупадливиот метод, нашето проповедање го привлече вниманието. За само еден месец, католичките свештеници почнаа јавно да нѐ обвинуваат — преку радио. Тие ги предупредуваа своите парохијани дека една брачна двојка оди од куќа до куќа, зборувајќи за Библијата — скоро незаконска книга во тоа време. „Двојката по која била распишана потерница“ ја сочинувале еден странец и неговата сопруга Шпанка, која главно го води поголемиот дел од разговорот!
Свештениците донеле декрет дека самото зборување со оваа опасна двојка е грев кој би можел да се прости само ако веднаш се исповеда на некој свештеник. И како што човек би можел да очекува, на крајот на еден пријатен разговор кој го водевме со една госпоѓа, таа со извинување ни кажа дека ќе мора да оди и да се исповеда. Кога си заминавме, ја видовме како ита кон црквата.
Протерување
Само два месеца по нашето пристигнување во Виго, полицијата ни изврши ненадеен препад. Полицаецот кој нѐ уапси беше сочувствителен, па не ни стави лисици на патот до полициската станица. Во станицата видовме едно познато лице — дактилографката на која неодамна ѝ сведочевме. Таа беше очигледно збунета кога виде дека нѐ третираат како криминалци и побрза да ни каже дека таа не нѐ тужела. Сепак, бевме обвинети дека го загрозуваме „духовното единство на Шпанија“, и шест недели подоцна бевме депортирани.
Тоа беше еден чекор наназад, но немавме намера да се предадеме. На Пиринејскиот полуостров имаше сѐ уште многу работа. По три месеци во Тангер, добивме доделба во Гибралтар — едно друго необработено подрачје. Како што вели апостол Павле, ако ја цениме нашата служба, ќе продолжиме да работиме и ќе бидеме наградени (2. Коринтјаните 4:1, 7, 8). Ова се покажа вистинито и во нашиот случај. Во првиот дом кој го посетивме во Гибралтар, започнавме библиска студија со целото семејство. За кратко време и двајцата водевме по 17 студии. Многумина од поединците со кои проучувавме станаа Сведоци, а за две години таму имаше собрание со 25 објавители.
Но, исто како и во Виго, свештенството започна да води кампања против нас. Англиканскиот бискуп на Гибралтар го предупреди шефот на полицијата дека сме „непожелни гости“, а неговото влијание со текот на времето донесе резултати. Во јануари 1962 бевме истерани од Гибралтар. Каде ќе одиме понатаму? Потребата во Шпанија сѐ уште беше голема и така се вративме таму, надевајќи се дека нашето поранешно полициско досие нема да биде актуелно за полицијата.
Сончевиот град Севилја беше нашиот нов дом. Таму имавме задоволство тесно да соработуваме со еден друг пар пионери, Реј и Пат Киркап. Иако Севилја беше град од половина милион жители, имаше само 21 објавител, па така требаше да се заврши уште многу работа. Сега таму има 15 собранија со 1.500 објавители. Една година подоцна имавме пријатно изненадување; бевме повикани да служиме во патувачка служба во околината на Барселона.
Покраинската служба во земја каде што нашето дело не беше законски признато, на некој начин беше малку поинаква. Секоја недела посетувавме мали групи, од кои повеќето имаа само по неколку способни браќа. На овие браќа кои работеа напорно, им беше потребна сета обука и поддршка што можевме да им ја дадеме. Ја сакавме оваа задача! По неколкуте години поминати во подрачја каде што имаше само малкумина или ако воопшто и имаше некој Сведок, бевме радосни што можевме да посетиме толку многу различни браќа и сестри. Освен тоа, проповедничкото дело во Барселона беше полесно и многу луѓе сакаа да ја проучуваат Библијата.
Борба со депресијата
Меѓутоа, само шест месеци подоцна мојот живот драматично се промени. Нашиот прв одмор на приморјето, речиси се претвори во трагедија кога ја доживеав несреќата опишана на почетокот. Физички доста брзо закрепнав од шокот на давење, сепак, случката остави неизбришлива трага врз мојот нервен систем.
Неколку месеци се мачев да продолжам со покраинската служба, но конечно морав да се вратам во Англија за да примам медицинска нега. По две години прилично оздравев, коешто ни овозможи да се вратиме во Шпанија каде уште еднаш започнавме со покраинската служба. Меѓутоа, тоа беше само за кратко време. Родителите на мојата сопруга сериозно се разболеа и поради тоа ја напуштивме полновремената служба за да се грижиме за нив.
Животот стана потежок кога во 1968 доживеав комплетен нервен слом. Имаше моменти кога Рафаела и јас мислевме дека никогаш нема да оздравам. Тоа беше како повторно да се давам, но на поинаков начин! Освен што предизвикуваше да бидам преплавен со негативни чувства, депресијата ме лиши и од сета моја сила. Патев од напади на екстремна истоштеност која ме присили скоро постојано да се одморам. Во тоа време сите браќа не го разбираа ваквиот проблем; но секако, јас знаев дека Јехова го разбираше. За мене беше големо задоволство да ги читам прекрасните статии во Стражарска кула и во Разбудете се!, списанија кои имаат големо разбирање и се од помош за оние кои се депримирани.
Низ сево ова тешко време, мојата сопруга беше постојан извор на охрабрување. Заедничкото соочување со проблемите навистина ја зајакнува брачната врска. Родителите на Рафаела умреа, а после 12 години моето здравје се подобри до тој степен што чувствувавме дека ќе можеме да ѝ се вратиме на полновремената служба. Во 1981, на наше изненадување и радост, бевме повторно повикани да служиме во покраинската служба.
Од нашето првобитно искуство во патувачката служба, во Шпанија се случија енормни теократски промени. Проповедањето сега беше слободно, поради што требаше да се привикнам на новите околности. Сепак, да се служи повторно како покраински надгледник беше голема предност. Нашето искуство како пионери, и покрај тешките околности, нѐ оспособи да ги охрабриме пионерите кои имаа проблеми. А често бевме во можност да им помагаме и на другите да се приклучат кон пионерските редови.
После 11 години патувачка служба во Мадрид и во Барселона, нашето слабо здравје повторно нѐ присили да ја смениме задачата. Бевме назначени како специјални пионери во градот Саламанка, каде што служев како старешина. Браќата во Саламанка веднаш направија да се чувствуваме како дома. Година дена подоцна, една друга криза ја стави на испит нашата истрајност.
Рафаела стана необјасниво многу анемична, а испитувањата покажаа дека има рак на дебелото црево. Сега требаше јас да бидам оној јакиот и да ѝ ја дадам на сопругата сета можна поддршка. Нашата прва реакција беше сомневање, проследено со страв. Дали Рафаела ќе го преживее ова? Во моменти како овие, целосната доверба во Јехова беше она што ни помогна да продолжиме. Радосен сум што можам да кажам дека Рафаела имаше успешна операција и се надеваме дека ракот нема повторно да се појави.
Иако сме имале свои подеми и падови во текот на 36-те години што ги поминавме во Шпанија, многу охрабрувачки беше да се доживее ова време на духовен раст. Видовме како малата група од околу 800 објавители во 1958, порасна во една војска од преку 100.000 објавители денес. Нашите тешкотии беа засенети од многуте наши радости што ги добивме помагајќи им на другите да ја прифатат вистината и да созреваат духовно, работејќи заедно како сопруг и сопруга, и од чувството дека сме ги искористиле нашите животи на најдобар можен начин.
Во своето второ писмо до Коринтјаните, Павле вели: „Бидејќи ја имаме оваа служба според милоста која ни е укажана, не се предаваме“ (2. Коринтјаните 4:1, НС). Гледајќи наназад, верувам дека имаше неколку фактори во мојот живот кои ме спречија да се предадам. Примерот на верните помазани браќа кои се грижеа за мене во годините кога се обликував како карактер, ми даде добар темел. Да се има брачен другар кој ги има истите духовни цели е прекрасна помош; секогаш кога бев во депресија, Рафаела ќе ме охрабреше, а и јас го правев истото за неа. Смислата за хумор е исто така една прекрасна особина. Способноста човек да се смее со браќата — и да се смее на своја сметка — на некој начин прави проблемите да изгледаат помалку поразителни.
Но над сѐ, истрајноста во борбата со проблемите бара Јеховина сила. Секогаш се сеќавам на зборовите на Павле: „За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“. Со Јехова на нашата страна, нема потреба никогаш да се предадеме (Филипјаните 4:13, НС).
[Слики на страница 23]
Роналд и Рафаела Тејлор во 1958
[Слики на страници 24 и 25]
Состанок под забрана во Шпанија (1969)