Раѓање на ѕвезди во орловско „гнездо“
● КАКО се раѓаат ѕвездите? Зошто некои се поголеми и посветли од другите? На еден спектакуларен начин, една збирка фотографии кои ги фотографирал вселенскиот телескоп Хабел може на дело да го открие формирањето на ѕвездите. Таа единствена активност се одвива сред Орелската небула, облак од гас и прашина во нашата галаксија Млечен Пат.
За набљудувачите на ѕвездите на Земјата, Орелската небула има изглед на птица со раширени крилја и откриени канџи. Астрономот Џеф Хестер и неговите колеги на Државниот универзитет Аризона биле заинтересирани да го фотографираат подрачјето на канџите, кои поединечно формираат колони во вид на столбови кои личат на слоновски сурли. Таму, ултравиолетовото зрачење ги јонизира водородните молекули, односно ги отстранува нивните електрони.
Мозаикот на фотографиите на Хабел открива дузина мали прсти кои се наѕираат од краевите на столбовите. На врвовите од прстите, еден кондензиран гас формира сферични топчиња во кои можеби се оформуваат ѕвезди, а според некои астрономи, можеби дури и планети. Меѓутоа, растењето на овие објекти го прекинуваат јаки ѕвездени ветрови од околу стотина млади ѕвезди кои претходно се оформиле од небулата. Најсјајната од овие ѕвезди може да биде 100.000 пати посјајна и повеќе од осум пати пожешка од нашето Сонце. Нивното зрачење по сѐ изгледа веќе ги нагризало потенките делови од небулата. Овој процес, наречен фотоиспарување, може да го запре формирањето на ѕвездата со отстранување на материјата која ембрионалните ѕвезди инаку би ја проголтале. На фотографиите, гасот кој испарува изгледа како пареа која се издигнува од колоните на гас и прашина.
За да може една од овие гасовидни топчиња да почне да свети, мора да биде доволно масивна за да создаде нуклеарни реакции. Научниците пресметуваат дека неговата големина мора да биде најмалку 8 отсто од онаа на Сонцето. Освен тоа, мора да се отстрани доволна количина од околната прашина за да се шири светлината. Меѓутоа, ако топчето не е доволно големо за да свети, може едноставно да стане темна топка од гас позната како кафеаво џуџе. Неодамна, астрономите го откриле своето прво кафеаво џуџе кое може да се идентификува.
Сличноста на облаците од прашина во Орелската небула со огромните олујни облаци кои се гледаат кога има бура, може да Ве прелаже да мислите дека облаците од прашина не се многу големи. Во суштина, секој столб од облак е толку долг што еден блесок на светлина кој потекнува од едниот крај мора да патува скоро една година за да стигне до другиот крај. Исто така, секое „ситно“ топченце во сликата е отприлика колку големината на нашиот Сончев систем. Освен тоа, небулата е толку далеку што биле потребни 7.000 години за светлината од таму да стигне до нас — патувајќи со брзина од 299.792 километри во секунда. Тоа значи дека ние ја гледаме Орелската небула онаква каква што изгледала пред човекот да оди по Земјата.
Астрономите забележуваат дека формирањето на ѕвездите веројатно се одвива и во други небули, како што е Орионската небула. Меѓутоа, аголот на гледање на овие други примери спречува јасно да се набљудува процесот. Ѕвездите можат и да умрат така што едноставно согоруваат, силно експлодираат во некоја супернова или се распаѓаат под силата на гравитацијата и стануваат црни дупки. Творецот на универзумот, Јехова Бог, чува запис за ѕвездите, затоа што тој сите ги брои и им дава име (Исаија 40:26). Ѕвезденото орловско „гнездо“ може да демонстрира некои од начините на кои Бог ја ‚создал светлината‘ и создал ѕвезди кои се разликуваат по славата (Исаија 45:7; 1. Коринтјаните 15:41; приложено).
[Слика на целата страница 15]
[Извор на слика на страница 14]
J. Hester and P. Scowen, (AZ State Univ.), NASA