Нашата потрага по правдата
РАСКАЖАЛ АНТОНИО ВИЉА
Во 1836, сите тексашки бранители на Аламо — кои броеја помалку од 200 — беа убиени од една мексиканска војска од околу 4.000 мажи. После тоа, воениот извик „Сетете се на Аламо“ беше користен за да ја распали борбата за независност, која беше добиена истата година подоцна. Во 1845, она што некогаш било дел од Мексико станало дел од Соединетите Држави, а Мексиканците се нашле на непријателско подрачје. Сѐ уште се паметат етничките разлики.
РОДЕН сум во 1937, недалеку од Сан Антонио (Тексас) каде што е лоциран Аламо. Во тие денови бањите, фонтаните и други јавни објекти беа обележани со: „Само белци“ и „Други“. Брзо научив дека тие „Други“ нѐ вклучуваа нас кои имавме мексиканско потекло.
Кога в кино се гледаше филм, на Мексиканците и црнците им беше дозволено да седат само на балконот, не во главниот аудиториум. Многу ресторани и продавници не послужуваа Мексиканци. Еднаш, кога мојата сопруга Велија и нејзината сестра влегле во еден козметички салон, сопствениците дури и немале пристојност да кажат: „Тука не пречекуваме Мексиканци“. Тие едноставно им се смееле в лице сѐ додека Велија и сестра ѝ од срам не си заминале.
Понекогаш, белите мажи — обично кога беа пијани — бараа мексиканки, кои многумина ги сметаа како вродено неморални. Си мислев: ‚Тие нема да делат со нас бања или фонтана, но ќе го делат креветот со мексиканките‘. На почетокот, тие неправди ме правеа несигурен, а подоцна пркосен.
Проблеми со црквите
Понатаму, ме огорчуваше лицемерството на религијата. Белците, црнците и мексиканците си имаа одделни цркви. Кога се подготвував за мојот прв причест како католик, свештеникот ми врачи некои претходно датирани пликови за да му ги дадам на татко ми. Секоја седмица требаше да враќаме по еден плик со прилог. Кратко после тоа, свештеникот ми рече: „Пази, кажи му на татко ти дека тие пликови не стигнуваат тука“. Ми оставија впечаток лутите зборови на татко ми: „Тоа е сѐ што нив ги интересира — парите!“
Обично, имаше скандали во кои проповедници бегаа со жените од своите собранија. Таквите искуства ме наведуваа секогаш одново да изјавувам: „Религијата има само две цели — или да ти ги извлече парите или да ти ја земе жената“. Така, кога ќе дојдеа Јеховините сведоци, јас ќе ги откачев велејќи: „Ако сакам религија, сам ќе си ја побарам“.
Војска и брак
Во 1955 му се придружив на военото воздухопловство на САД, каде што се надевав дека, истакнувајќи се во мојата работа, би можел да го стекнам почитувањето од кое бев лишен како Мексиканец. Посветувајќи се, стекнав признание и на крај бев поставен како одговорен за контрола на квалитетот. Тоа вклучуваше проценка на другите оддели на вооружените служби.
Во 1959 се оженив со Велија. Велија отсекогаш била религиозно настроена. Сепак, беше разочарана од различните цркви кои ги посетувала. Еден ден во 1960, кога се чувствувала многу депримирано, се молела: „Те молам Боже, доколку постоиш, кажи ми. Сакам да те познавам“. Истиот ден, во нашиот дом во Петалума (Калифорнија) нѐ посети еден Јеховин сведок.
Меѓутоа, кратко после тоа, Велија го изгуби контактот со Сведоците поради промената на мојата воена доделба. Тоа беше сѐ до 1966 кога, додека бев во Виетнам, таа ја обнови својата библиска студија со нив во Семиноле (Тексас). Кога на почетокот од следната година се вратив дома од Виетнам, не бев среќен што ја најдов да проучува Библија со Сведоците.
Моето тврдоглаво противење
Мислев дека Велија ќе биде заведена и разочарана од религијата. Затоа, присуствував на студијата и наслушував барајќи прилика да разоткријам и најмал траг на лицемерство. Кога жената рече дека Сведоците се политички неутрални, јас ја прекинав: „А што работи Вашиот сопруг?“
„Одгледува памук“, одговори таа.
„Ха!“ арогантно возвратив. „Воените униформи се направени од памук. Така, вие сепак го поддржувате воениот напор!“ Станав бучен и неразумен.
Иако во јуни 1967 една нова воена доделба нѐ одведе далеку, во Минот (Северна Дакота), тамошните Сведоци контактираа со Велија и ја обновија нејзината библиска студија. Почнав да се противам на детински начини. Намерно ќе стигнев во часот за студијата и ќе ги трескав вратите, ќе тупкав по скалите, бучно ќе ги фрлав чизмите на подот и ќе ја пуштав водата во тоалетот неколкупати.
Велија беше милогласна и подложна сопруга која никогаш не правеше ништо без моја дозвола. Иако нерадо ѝ дозволив да има библиска студија, таа знаеше дека би било поголем проблем да присуствува на состаноците на Сведоците. Кога беше поттикнувана да го прави тоа, секогаш ќе одговореше: „Подобро не. Не сакам да го вознемирувам Тони“.
Меѓутоа, еден ден во Библијата Велија прочита: „Не Го оскрбувајте Светиот Дух Божји“ (Ефесјаните 4:30). „Што значи тоа?“ праша таа. Сведокот кој ја водеше студијата објасни: „Па, Божјиот свет дух го инспирирал пишувањето на Библијата. Така, доколку ние не се повинуваме на она што го вели Библијата, тогаш го оскрбуваме Божјиот свет дух. На пример, некои не одат на состаноци, иако знаат дека Божјата Реч вели дека треба да одиме“ (Евреите 10:24, 25). Тоа беше сѐ што му беше потребно на понизното срце на Велија. Оттогаш таа одеше на секој состанок и покрај моето противење.
Јас ќе ја пукав: „Како можеш да ја напушташ куќата кога не си ја ставила мојата вечера на масата?“ Велија брзо научи како секогаш мојата вечера да биде топла и спремна. Затоа, јас користев други изговори: „Ти не ме љубиш мене ниту нашите деца. Нѐ напушташ заради тие состаноци“. Или, кога ќе ги нападнев верувањата на Сведоците и Велија кротко ќе се обидеше да ги одбрани, ја користев мојата тема бокона — „дрдорка“ — нарекувајќи ја дека е без почитување, неподложна бокона.
Сепак, Велија присуствуваше на состаноците, честопати заминувајќи од дома со солзи поради моето вербално малтретирање. Но, јас сепак се придржував кон некои начела. Никогаш не ја удрив мојата сопруга ниту, пак, дури и сум помислил да ја напуштам поради нејзината новопронајдена вера. Но, бев загрижен дека некој убав „тип“ на тие состаноци можеби е заинтересиран за неа. Сѐ уште мислев дека кога станува збор за религијата ‚или се парите или е жената‘. Честопати, додека Велија се облекуваше за состаноците, приговарав: „Се дотеруваш за некој друг, но никогаш за мене“. Затоа, кога првпат решив да присуствувам на состанок, реков: „Одам — но само за да те држам на око!“
Меѓутоа, мојот вистински мотив беше да најдам нешто против Сведоците. На еден од првите состаноци на кои присуствував, беше одржан говор во врска со венчавањето „само во името на Господа“ (1. Коринтјаните 7:39). Кога стигнавме дома, горко приговорив: „Гледаш! Тие се баш исти како и сите други — со предрасуди кон секој кој не е од нивната вера“. Велија кротко коментираше: „Но, тоа не го велат тие, тоа го вели Библијата“. Брзо возвратив удирајќи со тупаница по ѕидот и извикувајќи: „Повторно боконата!“ Всушност, бев фрустриран бидејќи знаев дека таа беше во право.
Продолжив да присуствувам на состаноците и да ја читам литературата на Сведоците, но мојот мотив беше да се обидам да најдам грешка во неа. Дури и почнав да коментирам на состаноците — но само за да им покажам на луѓето дека не сум „глупав Мексиканец“.
Мојата потрага по правдата задоволена
Во 1971 мојата воена кариера нѐ одведе во Арканзас. Продолжив да присуствувам на состаноците со Велија, која во декември 1969 се крсти, како симбол на своето предание кон Јехова. Повеќе не ѝ се противев, но ниту дозволував некој да ја проучува Библијата со мене. Како резултат на читањето на библиската литература, моето спознание многу се зголеми. Сепак, сето тоа беше спознание во глава — производ на мојата желба да бидам најдобар во сѐ што правам. Меѓутоа, малку по малку, дружењето со Јеховините сведоци почна да влијае врз моето срце.
На пример, забележав дека црнците имаа учество во поучувањето на собраниските состаноци. Но, на почетокот си велев во себеси: ‚Да, тоа го прават само овде зад затворени врати‘. Меѓутоа, кога присуствувавме на конгрес на еден голем стадион за бејзбол, бев шокиран кога видов дека и тука црнците имаат делови во програмата. Морав да признаам дека меѓу Сведоците нема дискриминација. Тие практикуваат вистинска правда.
Исто така, сфатив дека Јеховините сведоци имаат вистинска љубов еден кон друг (Јован 13:34, 35). И кога работев со нив на конструкцијата на нивната Сала на Царството, можев да видам дека тие се само обични луѓе. Ги гледав како се уморуваат, како прават грешки, па дури и како ќе се потскараат кога работите ќе тргнеа лошо. Наместо да се отуѓам поради тие несовршености, почнав да се чувствувам посигурен меѓу нив. Можеби препознав дека има надеж за мене и покрај многуте мои недостатоци.
Конечно моето срце беше достигнато
Првпат сфатив дека развивам еден однос со Јехова кога во 1973 Стражарска кула објасни дека пушењето е „скверност на телото“ и претставува престап за исклучување (2. Коринтјаните 7:1). Тогаш пушев од една до две кутии цигари дневно. Многупати пред тоа се обидував да прекинам, но без успех. Меѓутоа, сега секојпат кога ќе почувствував порив за пушење, ќе кажев една тивка молитва за Јеховина помош за да прекинам со гнасната навика. На изненадување на сите, никогаш повторно не запалив.
Моето воено пензионирање беше очекувано на 1 јули 1975. Сфатив дека, доколку сакам да го правам она што го учи Библијата, ќе морам да му го предадам мојот живот на Јехова. Никогаш немав лична библиска студија, па затоа беше вистински шок за собраниските старешини кога во јуни 1975 им кажав дека веднаш штом ќе заврши мојата воена кариера, сакам да се крстам. Тие ми објаснија дека првин морам да ја исполнам Исусовата заповед да учествувам во проповедничкото дело (Матеј 28:19, 20). Тоа го сторив првата сабота од јули. Истиот ден се состанав со еден старешина и одговорив на библиските прашања кои се бараат од кандидатите за крштавање. После три седмици се крстив.
Откако видоа дека се крстив, нашите три деца — Вито, Венелда и Вероника — почнаа брзо духовно да напредуваат. Во следните две години, се крстија двете најстари деца, а најмалото ги следеше после четири години. Кога зборувам со мажи кои ја знаат библиската вистина но не прават ништо околу тоа, честопати им кажувам за последиците од пропуштањето да се дејствува. Им кажувам дека иако нивните деца можеби не го велат тоа, тие размислуваат: ‚Ако вистината не му е доволно важна на тато, не ми е доволно важна ни мене‘.
Стремење кон полновремена служба
Целото наше семејство почна со полновремена служба како пионери во Маршал (Арканзас). Велија и јас почнавме во 1979, а децата ни се придружуваа во делото во текот на следните години како што секое од нив матурираше во средното училиште.
Во раните 1980-ти чувме извештаи во врска со жедта за библиското спознание меѓу луѓето во Еквадор (Јужна Америка) и си поставивме за цел да се преселиме таму. До 1989, нашите деца беа веќе пораснати и можеа да се грижат за себеси. Така, таа година направивме една кратка посета на Еквадор за да ‚ја разгледаме земјата‘. (Спореди 4. Мојсеева 13:2, 3.)
Во април 1990 пристигнавме во Еквадор, нашиот нов дом. Бидејќи имавме ограничени финансии — живеевме од мојата воена пензија — моравме внимателно да ги планираме нашите средства. Но, радостите од полновремената служба на ова духовно продуктивно подрачје далеку ги надминуваа сите финансиски жртви. На почетокот работевме во пристанишниот град Манта, каде секој од нас водеше некаде од 10 до 12 седмични библиски студии. Потоа, во 1992 почнав да служам како патувачки министер, придружуван од мојата сопруга. Секоја седмица посетуваме различно собрание.
Кога правдата е целосно остварена
Гледајќи наназад, Велија и јас можеме да видиме дека неправдите што ги доживеавме кога растевме, сега ни помагаат во нашата служба. Особено сме свесни никогаш да не го гледаме од високо секој оној кој можеби е посиромашен или помалку образован од нас или кој е со етничка позадина поинаква од нашата. Исто така, гледаме дека многу наши христијански браќа и сестри доживуваат социјални неправди кои се полоши од оние што ние ги доживеавме. Сепак, тие не се жалат. Своите очи ги држат сосредоточени на Божјето Царство кое доаѓа, а тоа го научивме и ние да го правиме. Помина долго време откако престанавме да се обидуваме да најдеме правда во овој систем; но наместо тоа, својот живот го поминуваме упатувајќи ги луѓето кон единственото вистинско решение за неправдата — Божјето Царство (Матеј 24:14).
Исто така, научивме дека оние од нас кои биле многу осетливи на неправдите мораат да бидат внимателни да не очекуваат совршена правда меѓу Божјиот народ. Тоа е така бидејќи сите ние сме несовршени и склони да го правиме она што е лошо (Римјаните 7:18—20). Сепак, можеме искрено да кажеме дека најдовме едно мултинационално здружение од браќа, полно со љубов, кое се стреми да го прави она што е исправно колку што може најдобро. Наша надеж е заедно со Божјиот народ насекаде да влеземе во Божјиот нов свет во кој ќе живее праведноста (2. Петрово 3:13).
[Истакната мисла на страница 20]
Брзо возвратив удирајќи со тупаница по ѕидот
[Слика на страница 21]
Со Велија, кога се приклучив во военото воздухопловство
[Слика на страница 23]
Со Велија во 1996