Младите прашуваат . . .
Како можам да излезам накрај со тоа што сум толку болен?
ЏЕЈСОН имал само 18 години, но сега изгледало како сите негови животни цели да биле недостижни. Се надевал да служи полновремено како христијански министер, но тогаш дознал дека има Кроунова болест — болно и изнемоштувачко растројство на цревата. Сепак, денес Џејсон успешно излегува накрај со своите околности.
Можеби и ти се справуваш со сериозна болест. Во едно претходно издание, Разбудете се! ги разгледа предизвиците со кои се соочувале млади луѓе како тебе.a Сега да видиме како можеш успешно да се справиш со својата ситуација.
Позитивен ментален став
Успешното излегување накрај со која и да е болест вклучува позитивен ментален став. Библијата вели: „Духот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух — кој може да поткрепи?“ (Изреки 18:15). Мрачните, песимистички мисли и чувства го отежнуваат лечењето. Џејсон увидел дека тоа е вистинито.
На почетокот, Џејсон морал да се бори со негативни чувства — како што е лутина — кои го депримирале. Што му помогнало? Тој објаснува: „Статиите од Стражарска кула и Разбудете се! за депресијата навистина ми помогнаа да задржам позитивен став. Сега се обидувам да живеам ден за ден“.b
Седумнаесетгодишната Кармен на сличен начин научила да гледа на светлата страна на работите. Иако страда од српеста анемија, таа ги пребројува своите благослови. „Размислувам за другите на кои им е полошо од мене и кои не можат да ги прават работите што јас можам“, вели таа. „И се чувствувам благодарна и не се сожалувам толку многу“.
Изреки 17:22 вели: „Веселото срце е како лек благотворно“. Некои би можеле да мислат дека смеата е неприкладна при сериозна болест. Но, пријатниот хумор и угодното друштво го освежува твојот ум и ја зголемува твојата желба да живееш. Всушност, радоста е побожна особина, еден од плодовите на Божјиот дух (Галатјаните 5:22). Тој дух може да ти помогне да чувствуваш радост иако се бориш со некоја болест (Псалм 40:3).
Да се најде лекар со разбирање
Да се има лекар кој ги разбира младите луѓе е од голема корист. Менталните и емоционалните потреби на една млада личност обично се поинакви од оние на некој возрасен. Ешли имала само десет години кога морала да оди в болница заради третман на малиген мозочен тумор. Лекарот на Ешли постапувал со неа сочувствително и користел термини што таа можела да ги разбере. Тој ѝ кажал како неговата болест од детството го мотивирала да стане лекар. Нежно но јасно ѝ го објаснил предложениот третман, така што знаела што да очекува.
Ти и твоите родители ќе сакате да побарате медицински персонал кој ќе те почитува и ќе ги разбира твоите потреби. Доколку од некоја причина не се чувствуваш во разумна мера пријатно од грижата што ја добиваш, чувствувај се слободен да ги изнесеш своите грижи на родителите.
Бори се за своето здравје!
Исто така, неопходно е да се бориш со твојата болест на секој можен начин. На пример, научи колку што можеш повеќе за својата состојба. „Човек со спознание ја зајакнува моќта“, забележува една библиска изрека (Изреки 24:5, НС). Спознанието го отстранува стравот од непознатото.
Освен тоа, едно информирано младо лице може да биде повеќе вклучено во својот третман и е во подобра положба да соработува во него. Тоа може да научи, на пример, дека не треба да прекине со земање на препишаниот лек без препорака од својот лекар. Кармен, спомната погоре, читала книги за српеста анемија, како што правеле и нејзините родители. Она што го научиле им помогнало да го добијат медицинскиот третман што можел најмногу да ѝ помогне на Кармен.
Поставувај му на својот лекар специфични прашања — повеќе од еднаш ако е потребно — доколку не ти е јасна некоја работа. Наместо да го кажеш она што мислиш дека лекарот сака да го чуе, чесно објасни му го она што го мислиш и чувствуваш. Како што Библијата вели, „без советување намерите се растураат“ (Изреки 15:22).
Во еден момент Ешли изгледала прилично некомуникативна во поглед на својата болест. Во врска со тоа разговарала само со мајка ѝ. Една мудра социјална работничка лично ја прашала: „Дали мислиш дека можеби не ти се кажува сѐ?“ Ешли доверливо ѝ потврдила. Затоа, жената ѝ ги покажала на Ешли медицинските извештаи и ѝ ги објаснила. Исто така, таа ги замолила лекарите да поминуваат повеќе време разговарајќи со Ешли директно, наместо само да разговараат за неа. Конечно, искажувајќи се, Ешли можела да ја добие помошта што ѝ била потребна.
Поддршка од оние околу тебе
Кога некој член на семејството е сериозно болен, тоа станува работа на семејството која бара обединет напор. Семејството на Ешли и христијанското собрание се придружиле за да ја поддржат. Собранието периодично било потсетувано дека таа е в болница. Членовите на собранието редовно ја посетувале и му помагале на семејството во домашната работа и подготовката на оброците сѐ додека семејството можело да се врати во рутина. Децата од собранието ја посетувале Ешли в болница кога не била премногу болна за друштво. Тоа било добро не само за Ешли туку и за нејзините млади пријатели.
Пред другите да можат да ти дадат помош, тие мораат да знаат дека таа ти е потребна. Кармен се потпира на своите родители и на собраниските старешини за емоционална и духовна поддршка. Исто така, таа смета и на оние во училиштето, кои ги делат нејзините христијански верувања, да ја поддржуваат. „Тие будно внимаваат на мене“, вели Кармен, „и јас се чувствувам згрижена.“
Можеби твоето училиште е во состојба да обезбеди корисен медицински и финансиски совет, па дури може да понуди и извесна лична поддршка. На пример, наставничката на Ешли го охрабрила својот клас да ѝ пише на Ешли и да ја посети. Доколку твоите наставници не ги разбираат тешкотиите со кои се соочуваш, можеби ќе биде потребно твоите родители со почитување да дискутираат за твојата ситуација со школските авторитети.
Мудро користи ги умот и телото
Кога си многу болен, можеби не можеш да направиш ништо освен да ја сосредоточиш енергијата што ја имаш на тоа да бидеш подобар. Доколку не си тотално изнемоштен, постојат многу конструктивни работи што можеш да ги правиш. Авторката Џил Кременц коментирала за она што го забележала додека истражувала за својата книга How It Feels to Fight for Your Life: „За мене беше жално да поминам две години шетајќи низ болничките ходници и да гледам толку многу деца кои зјапаат во ТВ-приемниците. Треба да ги охрабриме овие млади повеќе да читаат. Болничкиот кревет е одлично место да се вежба мозокот“.
Без разлика дали си дома или в болница, вежбањето на твоите ментални способности честопати може да ти помогне да се чувствуваш подобро. Дали си се обидел да пишуваш писма или поезија? Да црташ или сликаш? А што е со учењето да свириш на некој музички инструмент доколку твојата состојба ти го дозволува тоа? Дури и со здравствени ограничувања, постојат многу можности. Секако, најдобрата работа што можеш да ја правиш е да ја развиваш навиката да се молиш на Бог и да ја читаш неговата Реч, Библијата (Псалм 62:6).
Доколку твојата состојба го дозволува тоа, погодна физичка активност исто така може да ти помогне да се чувствуваш подобро. Од таа причина, медицинските објекти честопати имаат програми за физикална терапија за млади пациенти. Во многу случаи, правилната вежба не само што го унапредува физичкото лечење туку исто така помага за да се покрене твојот дух.
Не се откажувај!
И покрај големото страдање, Исус му се молел на Бог, имал доверба во Него и се сконцентрирал на сопствената радосна иднина наместо на болката (Евреите 12:2). Тој учел од своите тешки искуства (Евреите 4:15, 16; 5:7—9). Прифатил помош и охрабрување (Лука 22:43). Се сосредоточил на благосостојбата на другите наместо на сопствената неудобност (Лука 23:39—43; Јован 19:26, 27).
Иако можеби си многу болен, и ти можеш да служиш како инспирација на другите. За еден школски извештај, сестрата на Ешли, Абигајл напишала: „Личноста на која најмногу ѝ се восхитувам е мојата сестра. Иако мора да оди в болница, да прима инфузии и да биде избоцкана со игли, сепак останува насмеана!“c
Џејсон не се откажал од своите цели, само малку ги преиначил. Сега негова цел е да служи онаму каде што има поголема потреба од проповедници на Божјето Царство. Како и во Џејсоновиот случај, ти можеби не можеш да правиш сѐ што сакаш. Важна работа е да научиш да живееш според сопствените ограничувања, без да бидеш претерано заштитнички настроен или, пак, невнимателен. Потпри се на Јехова да ти ја даде мудроста и силата за да го направиш најдоброто што можеш (2. Коринтјаните 4:16; Јаков 1:5). И запомни, ќе дојде време кога оваа Земја ќе биде рај, каде „ниеден од жителите нема да каже ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Да, еден ден повторно ќе бидеш здрав!
[Фусноти]
b Види Стражарска кула од 1 октомври 1991, страница 15; 1 март 1990, страници 3—9 (англ.) и Разбудете се! од 22 октомври 1987, страници 2—16 (англ.) и 8 април 1988, страници 17—21 (срп.).
c Види и Тајната на семејната среќа, страници 116—127, објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 29]
Постарата сестра Абигајл се восхитува на храброста на Ешли