Крстоносните војни — ,трагична илузија‘
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ПРЕД околу деветстотини години, во 1096, штотуку требало да започне Првата крстоносна војна. Кога би живееле тогаш во Западна Европа, можеби би биле сведоци на огромни движења на мажи, вагони, коњи и бродови. Тие тргнале за Ерусалим, светиот град, кој бил од седмиот век н. е. под власта на муслиманите.
Тоа била Првата крстоносна војна. Многу историчари наведуваат осум главни. Тие експедиции оставиле белег врз историјата на односите Исток—Запад. Биле придружени со масакри и суровост извршени во името на Бог и Христос. Последната главна крстоносна војна започнала 174 години подоцна, во 1270.
Зборот „крстоносна војна“ доаѓа од латинскиот збор крукс, што значи „крст“. Членовите на многу експедиции го шиеле симболот на крстот на својата облека.
Причините
Објавуваниот мотив за крстоносните војни бил да се одземе Ерусалим и таканаречениот свет гроб од муслиманите. Но, причините биле подлабоки. Со исклучок на неколку инциденти, односите помеѓу наводните христијани кои живееле на Средниот Исток и муслиманите биле релативно мирни. Еден важен фактор кој довел до крстоносните војни била бурната политичка, економска и религиозна клима која преовладувала во Европа.
Во 11 век, во обидот да се зголеми производството на храна на земјоделството било препуштено ново рурално земјиште. Градските подрачја уживале нов живот. Населението растело. Меѓутоа, кога гладот втурнал голем број селани во сиромаштија, многумина придошле во градовите каде што ги очекувале невработеност и беда. Честопати избувнувале протести.
На врвот на општествената хиерархија биле бројни феудални барони. Тие професионални големи војсководци сакале да го искористат политичкиот вакуум кој бил создаден поради распаѓањето на империјата на Карло Велики и да освојат нови поседи.
Црквата на Рим, исто така, доживувала период на метеж. Во 1054 изгубила контрола над источната црква. Освен тоа, многумина од свештенството биле обвинувани за неморалност и за мешање во политиката.
Апелот во Клермон
Во таа клима, папата Урбан II ја свикал Првата крстоносна војна. Во негови очи, воената акција повторно да се освои Ерусалим и Палестина ќе послужи за неколку намери. Ќе го зацврсти единството на западниот христијански свет и повторно ќе го потврди приматот на Римокатоличката црква. Ќе обезбеди вентил за постојаните расправии меѓу горните класи. Во замена за религиозни, а пред сѐ економски користи, тие ќе го користат своето воено стручно мислење за една „благородна“ кауза, станувајќи вооружено крило на црквата.
На 27 ноември 1095, пред еден концил во Клермон (Франција), Урбан го покренал својот апел. Црквата прикажала една црна слика за своите непријатели, како такви кои заслужуваат божествена казна. Фошер де Шартре, свештеник кој имал учество во Првата крстоносна војна, рекол дека војната била неопходна за да ги брани источните „христијани“ од муслиманите. За оние кои умирале по патот или во битка се ветувало непосредно простување на гревовите. Феудалните господари на тој начин можеле да ги претворат своите братоубиствени спорови во „света“ војна против „неверниците“. На тој концил, се разгласил еден повик кој требало да стане мото на Првата крстоносна војна: „Тоа е Божја волја!“
Двете поаѓања
Кога датумот на поаѓање, 15 август 1096, еднаш бил утврден, папата ја осигурал поддршката од лаичките господари, на кои им биле доверени воените операции. Црквата ја гарантирала заштитата на нивните поседи за времетраењето на потфатот. Оние кои биле помалку имашливи биле поттикнувани да ја финансираат мисијата со милостиња.
Меѓутоа, некои заминале пред утврдениот датум. Тоа била една необучена и недисциплинирана толпа и вклучувала жени и деца. Биле нарекувани pauperes Christi (Христови паупери). Нивната цел: Ерусалим. Биле предводени од подбуцнувачите на толпи, од кои можеби најпрочуен бил Петар Пустиникот, калуѓер кој почнал да проповеда меѓу масите кон крајот на 1095 година.
Според средновековниот хроничар Алберт од Екс, Петар претходно патувал за Ерусалим. Се велело дека една вечер имал визија во која Христос сериозно го опоменал да оди до патријархот на Ерусалим, кој требало да му даде акредитивно писмо за да го земе назад на Запад. Алберт рекол дека сонот се обистинил и дека откако го добил писмото, Петар тргнал за Рим каде што се сретнал со папата. Извештајот на Алберт ја меша реалноста со фантазијата, но наводните соништа, визии и писма биле моќни инструменти во водењето на масите.
Дружината која се насобрала околу Петар Пустиникот тргнала од Келн на 20 април 1096 година. Немајќи средства неопходни за морско патување, пауперите морале да се соочат со долгото патување до Светата земја пеш или со дотрајани вагони. Наоѓајќи се скоро веднаш без храна или оружје, по патот почнале да го пљачкаат локалното население кое било изненадено од пристигнувањето на таа недисциплинирана толпа „војници на Христос“.
Првите кои западнале во конфликт со нив биле европските Евреи кои биле обвинувани дека им позајмувале пари на расипаните бискупи. Следбениците на Петар Пустиникот извршиле свирепости против Евреите во места како што се Руан и градот на поаѓање, Келн. Алберт од Екс наведува дека кога Евреите во Мајнц „виделе дека христијаните не ги штеделе дури ни своите малечки ниту, пак, имале сожалување спрема некого, се нафрлиле на своите браќа, жени, мајки и сестри и меѓусебно се исклале. Најтажното нешто било тоа што мајките самите им ги сечеле грлата на своите доенчиња или ги боделе до смрт, претпочитајќи да умрат од нивните раце наместо да бидат убиени од рацете на необрежаните“.
Слични епизоди биле повторувани на патувањето до Балканот, по патот за Мала Азија. Штом толпата пристигнала во Константинопол, за да избегне повторување на таквите нереди, императорот Алексиј I го олеснил преминот на пауперите до азискиот брег. Многубројни жени и деца, како и болни и стари таму биле заклани од страна на муслиманските сили. Само мал број преживеани успеале да се вратат во Константинопол.
Во меѓувреме, во текот на летото 1096, тргнале обучени војски. На нивно чело стоеле прочуени водачи од тоа време. Непокорното рано поаѓање на пауперите го загрижувало папата Урбан кој направил подготовки да го регулира приливот спрема Исток. Оние кои сега тргнувале морале да покажат доволно средства за издржување. Целта била да се ограничи уделот на жените, децата, старите и сиромашните.
Освојувања и други масакри
Откако се собрале заедно во Константинопол, трупите барони и преживеаните паупери продолжиле кон својата цел. Повторно, во името на Бог, биле извршени епизоди на насилство. Хроничарот Петрус Тудебодус раскажува дека во текот на освојувањето на Антиохија, откако ги масакрирале своите непријатели, крстоносците „ги фрлиле сите нивни тела во една масовна гробница, а нивните отсечени глави ги вратиле назад во [својот] логор за да го одредат нивниот број, со исклучок на четири коњски товари такви глави, кои биле испратени до крајбрежјето, до амбасадорите на вавилонскиот емир“.
На 15 јули 1099, Ерусалим паднал во рацете на крстоносците. Ремон од Агиљера раскажува: „Можеше да се види една ужасна глетка. Некои [од непријателот], среќните, беа обезглавени; други изрешетани со стрели паднаа од ѕидовите; многу други беа изгорени во пламењата. Купишта отсечени глави, раце и нозе можеа да се видат на улиците и плоштадите од градот“. Но повторно, крстоносците се обиделе да го оправдаат насилството во името на религијата.
Крајот на една илузија
Победата довела до раѓање на латинското царство во Ерусалим. Таа институција имала несигурно постоење поради ривалството кое наскоро избувнало помеѓу феудалните господари кои се утврдиле на Исток. Во меѓувреме, муслиманите воено се реорганизирале. Секако дека немале намера да изгубат територија во Палестина.
Со текот на времето, се подигнале други крстоносни војни, од кои последната во 1270. Меѓутоа, поради поразите, многумина почнале да се сомневаат во легитимноста на таквите потфати преземени во името на религијата. Ако Бог навистина ги одобрува тие „свети“ војни, си мислеле тие, секако дека би покажал наклоност спрема оние кои тврделе дека постапуваат со негов благослов. Сепак, од 13 век натаму, црковните правници се обидувале да ги оправдаат таквите религиозни војни и улогата на свештенството во нив.
Жарот кој ги покренувал првите крстоносци опаднал. Повеќе од сѐ друго, продолжувањето на војните на крајот би ги уништил економските интереси на Западот. Затоа, оружјето било свртено спрема внатрешните непријатели на европскиот христијански свет: Арапите во Шпанија, „еретиците“ и паганските народи на Север.
Во 1291 градот Ака, последната тврдина на крстоносците, паднал во рацете на муслиманите. Ерусалим и ‚светиот гроб‘ останале во муслимански раце. Во текот на два века конфликти, економските и политичките интереси ги надвладеале религиозните прашања. Италијанскиот историчар Франко Кардини забележува: „До тоа време крстоносните војни прогресивно се развиле во една замрсена политичка и економска операција, една комплексна игра на сила која вклучувала бискупи, опати, цареви, собирачи на милостиња и банкари. Во таа игра . . . Исусовиот гроб бил тој кој ја изгубил целата своја важност“. Кардини, исто така, вели: „Историјата на крстоносните војни е историја на најголемата грешка, најкомплексната превара, најтрагичната и, на некој начин, најсмешната илузија на целиот христијански свет“.
Лекцијата е занемарена
Крстоносните војни и нивниот неуспех требало да дадат поука дека економската алчност и желбата за политичка истакнатост можат да водат до фанатизам и масакри. Но, лекцијата била занемарена. Доказот лежи во многуте конфликти кои продолжиле да ги измачкуваат со крв многуте делови на нашава планета. Во нив, религијата честопати служи како фасада за гадости.
Но не за долго. Набргу духот кој ги унапредувал крстоносните војни и кој продолжува да ги унапредува денешните „свети“ војни ќе помине заедно со сите лажни религии и целиот систем подложен на доминацијата на Сатана (Псалм 45:8, 9; 1. Јованово 5:19; Откровение 18:4, 5, 24).
[Извор на слика на страница 12]
The Complete Encyclopedia of Illustration/Џ. Г. Хек
[Слики на страница 15]
Горе: Еврејски гробишта во Вормс (Германија) — потсетник на масакрот во Првата крстоносна војна
Лево: Камена глава на еден крстоносец
Сосема лево: Грбот на една прочуена крстоносна фамилија
[Извор на слика]
Грб и глава: Israel Antiquities Authority; фотографии: Israel Museum, Ерусалим